Во понеделник, на 29 февруари 2016, во Драмски театар – Скопје ќе се случи „Вечер на културата на Кавадарци во Скопје“. Настанот е во организација на Градоначалникот и советот на општина Кавадарци и Домот на културата “Иван Мазов – Климе“
Во 19.30 часот, Театарот при Домот на културата “Иван Мазов – Климе“ ќе ја одигра претставата „Женидба“ од Н.В.Гогољ, а во режија на Драган Велјановски како гостин. Претставата „Женидба“ инаку хит претстава, досега успешно е играна над 15 пати на матичната сцена и гостуваше во пет градови низ Македонија. Секаде пред полн салон публика.
Во 21.30 часот ќе биде отворена Годишната изложба на Друштвото на ликовни уметници Кавадарци (ДЛУК) со дела од над 20 ликовни уметници Кавадарци и Тиквешијата.
Потоа следува презентација на Клубот на писатели „Тиквешки цветови“ со слем поезија и претставување на најновиот „Алманах“ на Клубот со одбрана поезија од кавадаречки поети.
Вечерта ќе продолжи со концерт на позната поп пеачка Наташа Малинкова и рок бендот „Трио Абдомен“ од Кавадарци. За време на целата кавадаречка културна вечер ќе се врши дегустација на вина од познати тиквешки винарии, со пригоден коктел и презентација на порталот за винска култура vinotika.mk.
Влезници за претставата “Женидба“ можат да се набават на билетарницата на Драмски театар –Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.