Македонија нема да ја затвори границата со Грција, но нема да се дозволи земјава да стане тампон-зона за eмигрантите. Наша цел е да се спречи илегалната eмиграција, да има скенирање и контрола на легитимни баратели на азил и сите што се основани да можат да продолжат до својата крајна дестинација во европските земји, брифираат од МНР.

Оттаму велат дека сегашниот проблем со авганистански државјани што се заглавени на Табановце е тоа што дел од нив се луѓе што не се загрозени и не бегаат од конфликти, туку престојувале во Грција, Австрија или Германија одреден временски период и го користат мигрантскиот бран да бараат азил во некоја од европските земји. Поради тоа, Хрватска и Србија не дозволуваат нивни влез, додека Македонија во текот на денот ќе реши какви мерки ќе бидат превземени.
Од МНР нагласуваат дека комуникацијата со Грција е подобрена во споредба со лани и се децидни дека во Македонија нема да се градат бегалски кампови. Според нив, земјава нема никаква заработка од емигрантската криза, бидејќи има повеќе трошоци отколку приходи, а финансиската помош од 10 милиони евра што ЕУ ѝ ја вети на Македонија сѐ уште не е стигната.
Моментно акциите за соочување со бегалската криза се сведуваат на тоа да се обезбеди хуман прием и регистрација на сите луѓе и нивни безбеден транзит до крајната дестинација во некоја од западноевропските земји, велат од МНР.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


