| четврток, 6 декември 2018 |

Вечерва јубилејна, стота изведба на претставата „Свадбата на Фигаро“ во МНТ

За јубилејната 100-та изведба МНТ на публиката и овозможи слободен влез, а билетите може да ги подигнат во текот на денот, на секој гледач му следуваат по два билета

Вечерва, на 22 февруари во 20 часот на сцената на Македонскиот народен театар по стоти пат ќе се одигра „Свадбата на Фигаро“ една од најгледаните претстави во изминатите години. Претставата „Свадбата на Фигаро“ во режија на Леван Цуладзе а по текст на Пјер Бомарше беше премиерно изведена на 22 јули 2011 год.

За јубилејната 100-та изведба МНТ на публиката и овозможи слободен влез, а билетите може да ги подигнат во текот на денот, на секој гледач му следуваат по два билета.

Во претставата играат: Сашко Коцев, Нино Леви, Дарја Ризова, Драгана Костадиновска, Славиша Кајевски, Николина Кујача, Сашка Димитровска, Томе Витанов, Марија Новак, Ивица Димитријевиќ и Александар Михајловски.

– Ова е претстава во која не вадиме гаќи од задник за да бидеме смешни. Нема пцоски, нема плукања на сцена, нема гнасни работи. Во неа нема дневна политика. Можеби тоа е тајната што оваа претстава ќе доживее 100. изведба. Тоа е убава летна приказна, која ја подготувавме за отворањето на Охридско лето. Во претставата има многу убав, чист, мек јазик и навистина не ни е потребно ништо да вулгаризираме за да бидеме смешни – вели Коцев, кој го толкува главниот лик во претставата.

svadbata_na_figaro

Според кажувањата на актерите, претставата речиси секогаш се играла во полн салон.

Ликот на грофот го толкува Нино Леви.

– Ова е убава претстава која зборува за љубовта – вели Леви.

Акерката Николина Кујача го толкува ликот на грофицата.

– „Свадбата на Фигаро“ има цврста структура, така што сите овие години не бегаме многу од основата. Внатре во неа одредени ликови имаат склоност кон импровизации, но тогаш импровизацијата добива на свој шарм – завршува Кујача.

Фигаро е стара и, бездруго, шегобијна шпанска/италијанска именка што значи бербер. Бербер, пак, е занаетчија од прв ред: неизбежен (нели, денот со него почнува!), остар (нели, и работи со остри предмети!), пресретлив, доверлив, секогаш добро информиран, вешт, брз во комуникациите (од секаков вид), духовит.

Со векови, берберите успешно излегувале на крај и со прирачните лекарски работи: шиење рани, пуштање крв, решавање опстипациски проблеми, вадење заби… Дека ваквиот бербер е идеален прототип на комичен јунак докажуваат уште античките митови, средновековните фарси и италијанските комедии кои го препознавале и го ползувале како куражен, умен, ноншалантен, палав, врвен, ингениозен интригант! Во комедија дел арте тој е типизиран во ликот/типот на вториот од двајцата слуги – Бригела. Се знае, првиот слуга е Арлекино!

Книжевните и театарските истории едногласно констатираат дека Бомарше е неговиот клучен апологет, воедно и неговиот нунко: имено, токму на Бомарше му текнало, најпосле, да го именува, да му го даде името според занаетот и да го нарече Фигаро.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top