Зоран Левески е еден од најдобрите македонски играчи во футсал. Со години е во овој спорт, кој е сѐ поактуелен во светот. Посакува еден ден и Македонија да учествува на големо натпреварување како што се европските и светските првенства и најавува дека оваа генерација е квалитетна и способна за таков подвиг.
Долго време си репрезентативец во футсал на Македонија и со гордост ја носиш капитенската лента. Македонија од година во година прераснува во сериозна репрезентацијата, која може да се носи со европските и светски велесили. До каде е развојот на футсалот во нашата држава?
Левески: Точно така, Македонија се носи и со големи репрезентации и е сѐ поблиску до едно големо натпреварување. Во однос на развојот на футсалот, сепак сѐ се сведува на вложувањата на еден човек во Македонија, господинот Васил Скендеровски, сопственикот на клубот Железарец, од каде што доаѓаат и најголемиот дел од играчите што играат во репрезентацијата. Секоја година бележиме сѐ подобри резултати на европско ниво, како клупски, така и репрезентативни.
На квалификациите за СП во Италија, баражот беше на дофат. Со двете победи над Словачка и над Молдавија се чинеше дека работата е веќе завршена. Неправдата што се случи над Македонија ќе остане запаметена во светот на футсалот и во целата наша јавност. Дали тоа ве прави посилни за следните квалификации за светско или за европско првенство?
Левески: Нашата работа на тие квалификации ја исполнивме според предвиденото, а тоа беше да ги победиме Словачка и Молдавија и со шест бода да го освоиме второто место што водеше во баражот за Светското првенство. Но, тоа што се случи на последниот натпревар меѓу Италија и Словачка, а сите познавачи и љубители на футсалот добро знаат што се случи, ќе остане запаметено како најсрамен пораз на италијанската репрезентација – европски првак, на домашен терен од словачката репрезентација, со што директно влијаеше Македонија да не го освои второто место и да не оди во баражот за Светското првенство. Тоа нас како екипа, сигурно, ќе нѐ направи посилни за следниот предизвик, а ним нека им служи на чест. Сигурно таквите валкани игри нема да ги водат кон добро.
Во моментов е актуелно Европското првенство во Белград. Колку имаш време да ги следиш натпреварите и дали може да се случи наскоро Mакедонија да учествува на некое големо натпреварување?
Левески: Не само ова Европско првенство, редовно ги следам сите големи натпреварувања, европски, светски, Лига на шампиони на УЕФА и уживам во футсалот.
Како што кажав и претходно, Македонија е блиску до неколку репрезентации што учествуваат таму, и со квалитет и со знаење, а и со резултатите што ги постигнуваме во последните години.
Вистинско уживање е да се следат големите фудбалски ѕвезди. Не ретко може да се видат фантастични потези, кои ги фасцинираат вистинските вљубеници во футсалот. Колку може да се научи од светските виртуози?
Левески: Точно така. Натпреварите изобилуваат со прекрасни моменти, фантастични потези, дриблинзи, голови, акции. Пред сѐ, би го издвоил Рикардињо од Португалија, во моментов најдобар играч во футсал во светот, кој на секој натпревар одушевува, но, за жал, неговата репрезентација веќе во четвртфиналето загуби и го заврши Европското првенство во Белград.
Да се научат од него тие фантастични потези е премногу тешко, тоа или го имаш во себе или го немаш, повеќе можеме да научиме од поставеноста на терен, шемите, акциите и од некои други делови од играта, а во однос на индивидуалните потези, тоа е вонсериско нешто.
Дали некои од поранешните репрезентативци можат да се вклучат во работата во репрезентацијата за да се подигне квалитетот на националниот состав?
Левески: Секако дека може, и најдобро е да биде така, но морам да нагласам дека можат да се вклучат само репрезентативци што играа до неодамна затоа што веќе има голема разлика од сегашното играње футсал во Македонија и тоа што било пред 10 години. Сегашните генерации се многу поблиску до европско играње футсал и тие би биле од корист во натамошно водење, работа, помош на репрезентација, клубовите итн.
Освен на репрезентацијата, ти си носител и на играта на долгогодишниот македонски шампион Железарец. На крајот на септември и на почетокот на октомври учествувавте во натпреварите од групната фаза за Купот на УЕФА во футсал. До каде е развојот на клубот во таа насока?
Левески: Со Железарец минатата година направивме историски успех, прво во август игравме претквалификации во Скопје за Купот на УЕФА во футсал, или, популарно кажано, Лига на шампиони, каде што успеавме да влеземе во главната рунда на натпреварите што се играа во Словачка во септември. За првпат во главната група македонски шампион успеа да го помине и тој филтер на натпревари, успеавме да бидеме второпласирани во таа група од четири екипи и обезбедивме влез во елитната рунда на УЕФА, т.е. во 16 најдобри во Европа. Тоа беше во група во Италија во ноември, каде што се претставивме во одлично светло и со две победи од три натпревари со групата успеавме да се пласираме на седмото место оваа година во Лигата на шампиони во Европа, што е досегашен историски резултат на македонскиот футсал. И повторно ќе кажам, развојот на футсалот целосно зависи од вложувањето на клубот Железарец, доколку се престане со вложување кај нас, мислам дека и футсалот ќе падне неколку скалила.
Покрај тоа што си активен репрезентативец, ти си и селектор на репрезентацијата до 21 година. Може ли Македонија да се пофали со таленти во младите категории, кои можат наскоро да станат и потенцијални репрезентативци? Колку има заинтересираност кај младите за овој спорт?
Левески: Многу малку, и еден од најголемите проблеми во футсалот е тоа, младите не сакаат да се решат од мали да играат футсал, сите се обидуваат да играат голем фудбал и да успеат таму. И најчесто тие што не успеваат таму, се приклучуваат во малиот фудбал, а за многумина од нив тоа е веќе доцна за поголем напредок. Голем проблем тука е и медиумската застапеност, вложувањата во други клубови за да ги привлечат итн.
Кариерата на играчите на футсал во светот, можеби, трае повеќе од другите спортови. На терените може да се видат и играчи во поодминати години. Кои се твоите лични планови за понатаму? Колку ти овозможуваат семејните и работните обврски да се посветиш на футсалот?
Левески: Кариерата на играчите во футсал е слична со таа на играчите во големиот фудбал, некаде до 35 години е вообичаена граница. Може да се случи и постар играч да биде активен и да придонесува за футсалот, но тоа е до индивидуалните способности на тој играч, неговата моторика, повредите во минатото итн. Главно, и во футсалот кариерата се движи како во големиот фудбал, и таму може да сретнете извонредни играчи на постари години, еден Хавиер Занети играше до 41 година на врвно ниво во Интер, Буфон сѐ уште брани на највисоко ниво во Јувентус, и многу други.
Јас продолжувам да играм футсал со ова темпо и покрај работните и семејните обврски. Засега добро се чувствувам физички, дај Боже да немам повреди, да бидам во ова темпо секогаш. За понатаму сѐ уште не сум размислувал подлабоко што би правел со футсалот. Mногу работи зависат за тоа дали во Македонија ќе се вложува во футсалот за да може некој да се посвети целосно на тоа и да напредува, дали ќе има позитивни луѓе во целата таа приказна.
Разговараше: Бојан Момировски
(Интервјуто со Зоран Левески е објавено во 180. број на неделникот Република, 12.02.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.