„Камен од високата класа“, ова е значењето на името на Питер ван Хауте. Ономастиката, науката за потеклото и за значењето на имињата, вели дека Питер значи „камен“, Ван е „од“, а значењето на оригиналното Хауте е „висока класа“. Интересно е што сето ова одлично му прилега на човекот што пред околу половина година дојде во Македонија и за тоа кусо време успеа да се закити со ред скандали, сите произлезени од неговото, во најмала рака, безобразие и непочитување на гостопримството на земјата-домаќин во која, наводно, помагал да се реши политичка криза?! Сигурно е само дека дневно заработува по шест минимални македонски плати. Најинтригантниот дел од прикаската е што ЕУ постојано молчи и одбегнува да коментира што и да е за снобовскиот белгиски „камен“ (Питер). Дали во прашање е бриселскиот локал-патриотизам и љубовта кон ближниот свој Ван Хауте?
Снобизмот, содржан и во неговото име, не е доволен изговор. Проблемот е во неговата трагикомичност и апсурдност. Лик од училишниот дипломатски прирачник за антифоторобот на преговарач – сѐ што не треба да има и да прави човек на таа позиција. Веројатно, кога Монти Пајтон би правеле пародија на посредник, тоа би бил тој. За нивна жал, Ван Хауте нема трошка добар англиски хумор во себе, иако, дефинитивно, е црн. Неговиот „хумор“ е спонтан и најмногу потсетува на менталитетот и на дејствувањето на еден лик од Казахстан. Без навреда за Казахстанците, паралелата е со ликот на Саша Барон Коен, алијас Борат и неговиот скандалозен карактер. Ах, да. Борат е смешен, овој нашиот не. По сѐ изгледа, не можеме да најдеме светска паралела со нашиот дипломат. Можеби, навистина, Белгиецот не мисли кога ги кажува утките, а, можеби, следно е да побара формирање министерство за смешно одење?
Опозиционерите се понудија да го „олеснат“ олеснувачот
Иако го користи во негативна смисла, Питер ван Хауте има огромна среќа што налета на народ со ваков менталитет. Токму Македонецот е познат по својата мекост и простување на грешките на другите. Пирејот како симбол на нашиот напатен, но цврст и отпорен народ, и не би опстојал доколку им забележувал на сите чизми, опинци и боси нозе што поминале низ овие простори. А кој друг би му ги простил сите досегашни глупости на „олеснувачот“? Генезата на прикаската почна со статусот на „Фејсбук“ на Ван Хауте, во која тој во улога на белгиска Баба Ванѓа ни ја предвиде иднината. Ни помалку ни повеќе нѐ спореди со Грузија, а иднината – како сопственост на Грција. Со коментарот „Иднината на Македонија? Веќе се случи во Грузија…“ белгискиот пророк ја почна својата кариера во државата. Без срам и перде, поранешниот грузиски посредник си даде политичка прогноза. И Иван Исцелителот, најверојатно, би се засрамил на вакво потценување на домаќините во некоја селска куќа, но не и Ван Хауте во Македонија. Можеби окуражен од баснословната дневница од 900 евра за својата макотрпна работа, истиот тој Питер докажа дека не бадијала ономастичкото значење на неговото име е камен. Си постираше фотографии од синот во кои се исмејува со спротивностите на Скопје. Небаре, Брисел е совршен…
Како и да е, сите овие „палавштини“ на Белгиецот поминаа без последици за него и за неговата плата. Брисел воопшто не се потресе што нивниот емисар прави ред глупости во државата во која го испратиле. Очигледно, некој целосно погрешно го сфатил зборот демократија и игра на картата на значењето на името Трпе. Секогаш добро информираните Европејци овој пат погрешиле – името одамна е демоде. Поголем проблем, сепак, беше ситењето и оправдувањето на глупоста од секогаш прозападните и ксенофилски настроени „професионални“ новинари, кои секојдневно го величаат името на човекот што се мајтапи со државата и со нацијата. Еден, мазохистички презадоволен од омаловажувањето на сопствената нација, дури се понуди и да го „олесни“ олеснувачот со орален секс? Опозициските извртувачи добро знаат дека бранењето на странските небулози е волшебниот збор „Сезаме отвори се“ за вратите на странските фондови. Кога можеа и ревносно можат да го прават тоа за Диво Насеље каде што херојски за татковината загинаа осум полицајци, што би бил проблемот во перењето на извалканиот и парадоксален лик и дело на Ван Хауте?
Едно зошто „изјавата на Ван Хауте е глупост“ и илјада затоа…
Во исто време кога на мегдан излегоа стотиците „случајни“ совпаѓања на неговиот предлог-закон за медиуми со тој на СДСМ, белгискиот посредник се засени самиот себеси. Можеби и тоа беше целта на најновото понижување на Македонците? Како и да е, во центарот на откривањето на индикативната телепатска спрега и коинциденциите со размислувањето на социјалдемократските творци, со кои, верувале или не, „размислиле“ и напишале идентични реченици, броеви, казни, правила, услови за позиции и што ли не друго, Ван Хауте самиот направи голема дигресија на јавното внимание со веќе антологиската изјава:
„Не е добра идејата да се копира закон од друга земја затоа што тоа би било преправање дека сѐ е во ред. Секоја земја, па и вие, има различно законодавство, различен Устав. Исто така, станува збор за друг вид менталитет и за сосема различен начин на уредување на медиумите, поинаков од тие на некоја од европските земји“.
Рече, повторно преживеа од Брисел и предизвика нова лавина во Македонија. Не само гнев, туку и правно-логичен домино-ефект. Сега, по неговите зборови, државата ќе мора да ги измени речиси сите закони, кои изминатите години беа дел од т.н. усогласување со законодавството на ЕУ, чин што го презедовме како земја-кандидат. Благодарение на бриселскиот шарлатан во руво на преговарач, државата има право да си ги смени законите како што сака. За да ни прилегаат на менталитетот, нели…
А ЕК и Брисел повторно дилетантски избегнаа да одговорат што мислеше белгискиот „филозоф“ и дали тие се согласуваат со јасно и со јавно искажаната навреда на нивниот емисар, кој треба да смирува, а не да пали. Навреда што дојде истовремено со најавата на претседателот на ЕУ Јункер дека Македонија ќе ти била надворешна граница на Европа и на Унијата во битката со емигрантите, затоа што Грција не можела?! Дали преку поддршката на ваков лик како Борат, Брисел, всушност, јасно покажува дека ним им одговара нестабилна Македонија, која како таква лесно можат да ја командуваат и контролираат? Сето друго, и преживувањето на Питер ван Хауте по сите негови апсурдни глупости, едноставно, нема логика.
Брисел молчи, а Дуња стана глобтротер
И додека Брисел индикативно молчи, а неговите апаратчици на државата ѝ кројат средновековен закон за медиуми, преполн со крути и фашистички алатки за нејзиниот регулатор, една хероина воспеана во многу епови на опозициските јуришници никако да ја „фати место“. Жената што е премногу засегната од слободата на македонските медиуми и којa не пропушти ниту една можност гласно да се изјасни кога беа во прашање какви и да се опозициски медиумски „проблеми“, сега, едноставно, пропадна в земја. Да, истата таа Дуња Мијатовиќ од ОБСЕ, која реагираше истиот ден кога МВР приведе албански новинар без легитимација, за кој тогаш сите и дознавме дека, наводно, ни бил колега, а беше во редовите на најжолчните и најбесни протестанти на демонстрациите против пресудите за „Монструм“ за кои паднаа и затворски казни.
Е сега, кога се бара коментар за „демократскиот“ закон на Ван Хауте и на СДСМ, кој овозможува затворање медиуми со обичен указ и еднострано мислење, Дуња ја нема никаде. По неколкуте обиди на колегите, одговорот на нејзиниот шеф на кабинет е: „Не очекувајте одговор. Таа премногу патува…“ Верувале или не, Дуња не застанува и нема поим што се случува во државата, која ѝ беше толку интересна во минатото. Толку познато, нели: Катица оди по прослави, Дуња патува, Брисел не ги разбира прашањата?! Чудесна меѓународна заедница и нејзините уште почудесни посвоени балкански чеда.
Бетмен Велит: Скроз ван Памети
Многу освестувачка е паневропската порака на Ван Хауте дека не е добра идејата да се копира од европските земји и да се земаат закони од нив, посочува за „Република“ колумнистот Богдан Илиевски, познат како Бетмен Велит.
БЕТМЕН ВЕЛИТ: Бреј. А ние цело време се будалееме следејќи насоки од ЕУ, одредници, па извештаите што треба да посведочат за нашиот напредок ги чекаме како топол леб за да слушнеме неколку добри думи дека сме доволно достоинствени во очите на Унијата (освен таа мала ситница со името). Штета што токму сега, по години и години шуткање на беспаќата пред европските порти, Ван Хауте реши да ни ја открие големата евротајна: не копирај ги Европејците и кога закони ти носат. Проблем? Менталитетот на Македонците, се разбира.
Европскиот посредник остана покус за тоа да го каже и својот став дали е добро, здраво за менталитетот македонски што од европските земји земаме и посредници како што е тој, ги гоштеваме, слушаме и уважуваме. Дали и во овој случај имаме менталитет што е спорен за Унијата? И човечки е да се прашаме што овој човек, кој советува дека поради менталитетот не треба да прифаќаме европска практика, воопшто прави тука кај нас? Единствено логично ми е да заклучам дека има за цел да ни го подоправи менталитетот со неевропски мерки – односно дека Македонија е лабораторијата на Европа во која ќе се спроведуваат експериментални закони. Лулка на прогресот, која треба да стане генетски модификувана држава, со подобен менталитет за ЕУ.
Јас заблуден цело време мислев дека не сме во Европа поради името на државата, а тоа ти било поради менталитетот. Мора да се подружиме повеќе со соседските најевропски Бугарија и Грција бидејќи Ван Хауте не дава ниту нивните закони да ги копираме кај нас. Толкави се разликите во менталитетот меѓу Македонците и нашите источни и јужни соседи.
А човек ќе помисли дека бидејќи „зборот е збор“, како што кажа Ван Хауте, и законите составени од убави европски зборови се закони. Ван Хауте сега тврди дека европскиот збор не вреди во Македонија. Поради нашиот менталитет, кој не е европски и кој подразбира дека сакаме да ја следиме позитивната практика на искусните Европејци и нивните важечки закони. Не поради неговиот менталитет, кој е европски и од позиција на супериорност ни кажува дека не сме дораснале за да учиме од нив. „Не гледај ме што правам, слушај ме што зборувам“, спокојно нѐ учи Ван Хауте. Скроз Ван Памети.
Пишува: Љупчо Цветановски
(Текст објавен во 180. број на неделникот „Република“, 12.02.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.