| четврток, 6 декември 2018 |

СЈО со апсурдни и неиздржани сомневања кои наместо правна поткрепа имаат политичка функција

Генерален и неизбежен е заклучокот дека специјалното обвинителство на Катица Јанева има за цел да обезбеди притвор без никакви аргументи, но со едноставна функција да се нанесе политичка штета. Иако ова е само барање за истрага, а не и обвинителен акт, СЈО и Јанева бараат лицата да бидат лишени од слобода со цел политички да се одработи во полза на СДСМ и да се нанесе штета врз рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ, коментираат правните експерти за „Курир“.

Specijalno obvinitelstvo katica janeva lence fetai (23) (Custom)

Специјалното јавно обвинителство кое во јавноста излезе со политички квалификации нарушувајќи ја на тој начин пресумцијата за невиност на посочените, всушност нема покренето обвинение, туку единствено барање за покренување на истрага.

Пумпањето на атмосфеполитичкирата од опозицијата како и од самите специјални обвинители е во функција на  маркетинг, сметаат експертите. Тие коментираат дека кога станува збор за правната сфера, таму е двојно голо за обвинителството, боси и нерагументирани сомневања се основната карактеристика на нивната работа.

Универзитетската професорка по уставно право и политички систем Тања Каракамишева- Јовановска вели дека  согласно Законот за кривичната постапка на РМ јавниот обвинител издава наредба за спроведување на истражна постапка во која се почитуваат основните начела во кривичната постапка: начелото на пресумпција на невиност, начелото на законитост на доказите, начелото на објективност и начелото на легалитет на кривичното гонење.

-Овие начела се темели врз кои е поставена целата кривична постапка, од почеток до крај. Јавниот обвинител, како и сите други државни органи, вклучително и средствата за јавно информирање, се должни да ја почитуваат пресумпцијата на невиност на осомничените лица, и со своите јавни изјави за постапката што е во тек не смеат да ги повредат правата на осомничените. Сите државни органи, како и средствата за јавно информирање се должни со своите јавни изјави да не ја повредат ниту судската независност и непристрасност. Исто така, Законот забранува секаква форма на изнудување од обвинетиот или од друго лице кое учествува во постапката признание или некаква друга изјава, а доказите прибавени на незаконит начин или со кршење на слободите и правата утврдени со Уставот на РМ, законот и меѓународните договори, како и доказите произлезени од нив, не можат да се користат и врз нив не може да се заснова судската одлука. Јавниот обвинител е должен да преземе кривично гонење ако постојат докази дека е сторено кривично дело за кое се гони по службена должност, вели Каракамишева – Јовановска.

Tatjana Karakamiseva 02 (Custom)

Законските начела се или игнорирани или делумно почитувани- СЈО нема никаков цврст доказ

Универзитетската професорка додава дека сите овие законски начела кои се задолжителни за работата на СЈО, се или игнорирани, или делумно почитувани во истражната постапка што овој орган одлучило да ја започне за неколкумина високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ, за тројца актуелни членови на ДИК, за петмина судии во Управниот суд, за член на општинска изборна комисија, за Темелко итн, што дава за право да се коментира дека СЈО не остана на висината на својата со Устав и со закон дефинирана обврска за правна и политичка самостојност и независност.

Во последниот случај, каде за осуммина беше побаран притвор и беше испратено барање за покренување на истрага, што не е ни малку исто со покренување на обвинителен акт, нема никаков цврст доказ.

-Прес-конференцијата на која беа соопштени барањата за притвор на неколкумина високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ повеќе наликуваше на прес-конференција на СДСМ, отколку на прес-конференција на сериозен, професионален, и стручен јавнообвинителски државен орган. Во ниту еден момент од се она што се прочита, а подоцна и се виде од писмената документација на СЈО не можеше да се забележи висок степен на професионалност, темелно и детално водење на предистражните и истражните дејствија, барања за притвор засновани врз цврсти и непобитни докази. Посебно беа штури и неосновани барањата за притвор, комплетно засновани врз индиции, сомнежи кои произлегуваат од незаконски прислушуваните разговори што ги прави неупотребливи од самиот почеток, сомнителни изјави на лица дадени под крајно сомнителни околности, за што против дел од обвинителите во СЈО веќе се поднесени и кривични пријави дека со уцена и закана ги терале луѓето да дадат изјави кои ќе одговараат на вкусот и потребите на СЈО, а не на вистината, смета Каракамишева- Јовановска.

Specijalno obvinitelstvo katica janeva lence fetai (14) (Custom)

Сомневањата апсурдни и неиздржани- без правна поткрепа, со политичка фунција

Специјалното овинителство отишло доттаму да бара притвор за луѓе за кои нема никаков материјален доказ, ниту изјава против нив, што е апсурд во правната фела кој наголемо се коментира. „Курир“ дознава дека како поткрепа за барањето на притвор специјалното обвинителство образложило дека личностите може да извршат дејство и го уништат материјалот кој би можел да е предмет на истрага, а апсурдот е што тој материјал се наоѓа во судот и никако не може да дојде во контакт со луѓето за кои се бара притвор.

-Целиот овој политичко-принуден фолклор кој не може да се занемари или тргне настрана кога се цени досегашната работа на СЈО, упатува на фактот дека работата на СЈО е прилично партиско-навивачки поставена. Работата на СЈО барем до сега може да се оквалификува и како соучесничка во одработувањето на партиското сценарио на СДСМ, и како залутана во уставно и законски загарантираната независност, непристрасност и самостојност на јавното обвинителство од сите и од секого. Дополително, СЈО ги измеша лончињата и својата нервоза ја истури врз судот со пораката што ја испрати преку фејсбук!?, дека Кривичниот суд ја пропуштил шансата да се запише во правната историја на РМ, небаре станува збор за фудбалски натпревар меѓу СЈО и Судот, додава Каракамишева- Јовановска.

Според информациите, дури се отишло доттаму да се наведуваат погрешни податоци, па така едно од лицата е напишано дека бил шеф на изборен штаб, а лесно се проверува дека тој не ја извршувал таа функција и дека сесема друга личност ја вршела таа функција.

-Правниот аматеризам и правната импровизација во оформувањето на предметите е сериозен проблем со кој неславно се прослави СЈО. Она што се очекува од СЈО во натамошната работа е беспрекорно почитување на Уставот и на законите во државата, како и дословно почитување на меѓународните договори на кои многу милуваат да се повикуваат, смета универзитетската професорка по уставно право.

Според експертската јавност, генерален и неизбежен е заклучокот дека специјалното обвинителство на Катица Јанева има за цел да обезбеди притвор без никакви аргументи, но со едноставна функција да се нанесе политичка штета. Иако ова само е барање за истрага, а не и обвинителен акт, СЈО и Јанева бараат лицата бидат лишени од слобода со цел политички да се одработи во полза на СДСМ и да се нанесе штета врз рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ. Кога правото престанува, политиката продолзжува. Тоа го покажуваат небулозите и апсурдите во образложението за истрага напишано од Јанева и специјалните обвинители.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top