| четврток, 6 декември 2018 |

Обвинителството поведе постапка против сопругот на Шекеринска, се бара одземање на патната исправа

bobo-dajners-sekerinska-2-1

Јавното обвинителство на Република Македонија ја информира јавноста дека е поведена постапка против едно лице за сторено кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување. Порталот „Курир“ објави дека се работи за сопругот на потпретседателката на СДСМ Радмила Шекеринска, Божидар Јанковски. Бил поднесен предлог за определување мерки на внимателност и тоа привремено одземање патна исправа, односно забрана за нејзино издавање и обврска за повремено јавување во суд.

Постапувајќи по поднесена кривична пријава од Министерството за внатрешни работи, како и по утврдување постоење основано сомнение дека е сторено кривичното дело, надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје поведе постапка против едно лице за сторено кривично дело – злоупотреба на службена положба и овластување. Ценејќи дека се исполнети законските основи, до судија на претходна постапка во Основниот суд Скопје 1 – Скопје, поднесен е и предлог за определување мерки на внимателност и тоа привремено одземање на патна исправа, односно забрана за нејзино издавање и обврска за повремено јавување во суд – стои во соопштението од судот.

Лицето се сомничи дека злоупотребувајќи ја службената положба и овластување, како службено лице вршел закуп на станови на кои се јавува како приватен сопственик. При тоа, по вршење на закупот, просториите не биле користени од страна на друштвото што го управувал.

– За наведеното во сега поднесената кривична пријава, надлежното Основно јавно обвинителство – Скопје во текот на 2014 година прими иницијатива од Државната комисија за спречување на корупција. Во тој временски период , а по наведеното во иницијативата, обвинителството не најде доволно докази за поведување постапка, по што беше донесена резолуција со која постапката беше запрена. Нагласуваме дека донесување  резолуција не претставува ограничување, односно елиминирање на натамошно водење кривична постапка доколку се откријат нови моменти, односно докази во предметот – додаваат од Обвинителството.

Според нив во временскиот период од 2014 година досега, од страна на повеќе институции биле пристигнати поголем број други известувања, податоци  и писмена документација. Со поднесената кривична пријава доставени биле доставени и нови докази што го подигаат степенот на основаноста на сомнението дека кривичното дело е сторено, во согласност со што обвинителството и постапува.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top