Кошаркарите на најтрофејниот македонски колектив Работнички односно голобрадите момчиња и тројцата ветерани (Мираковски, Тасовски и Чековски) сосема заслужено славеа победа над вечниот ривал МЗТ Скопје во дербито во Градски парк со 74-71.
Разликата во квалитет, буџетот и бројот на странски играчи воопшто не беше пречка за избраниците на „докторот“ Марин Докузовски да стигнат до победата оставајќи го срцето на терен за бројните симпатизери на црвено-белите кои дојдоа да ги бодрат во храмот на кошарката.
„Ѕвездите“ од Аеродром одигаа под нивото и се наоѓаат во сериозна резултатска криза бидејќи се работ на испаѓање во АБА лигата. Овој пораз не смееше да им се случи бидејчи веќе следниот викенд се игра завршницата од Купот на Македонија во Гевгелија, а очигледно е дека самодовербата и тоа како им е разнишана.
Триото ветерани на Работнички денеска имаа одлична подршка пред се од младите Виктор Ефремовски, Андреј Цветковски, Слободан Николиќ, но и од останатите кои настапија попладнево одигрувајќи маестрален натпревар над своите можности.
Осумте странски играчи кои ги има тренерот на МЗТ Александар Јончевски неможеа да настапат сите на теренот поради правилото на шест странци, па стручниот штаб на „металците“ се одлучи овој меч да го одигра без Урош Луковиќ и Немања Протиќ.
Во текот на целиот натпревар се водеше беспоштедна битка за секоја топка, а недостигнот на квалитет и тенката клупа играчите на 14-кратниот шампион ја надополнија со пожртвувана битка на секоја педа од теренот.
Иако фуризно го започнаа мечот и водеа во текот на целиот натпревар, кошаркарите на Работнички на крајот од третиот период од играта ги стигна заморот, со што го примораа Докузовски да направи неколку измени за да ги одмори главните играчи. Тоа го искористи МЗТ и со серија од 21-4 го презема водството со пет поени предност.
Тоа не ги поголеба домаќините кои носени на крилата на публиката и искуството на триото ветерани, повторно го презема водството и на крајот од мечот во сигурна пенал завршница ја потврдат победата.
Тасовски со 17, Чековски со 15 и Мираковски со 14 поени беа најефикасни кај Работнички, додека Александар Стефановски помогна со девет поени. Марко Луковиќ со 22 поени беше најпрецизен кај МЗТ Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.