Апсурдни се тврдењата на Специјалното јавно обвинителство. Од таму тврдат дека наместо 197.660 гласови разлика, ВМРО-ДПМНЕ ќе ги добиела минатите избори со 196.260 гласови повеќе од СДСМ.
За Специјалното обвинителство спорни биле гласовите на 1400 лица. Дури и да биле спорни 1400 гласа и сите тие да гласале за ВМРО-ДПМНЕ, апсурдно е обвинението. Тие 1400 гласа во ниту една варијанта не се одлучувачки во изборниот процес дури и под услов да е вистинито нивното тврдење – пишува Курир.
Разликата на изборите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ беше речиси 200.000, па гласовите кои ги спори СЈО немаше да направат ни најмала разлика.
Од друга страна барањето на Специјалното обвинителство за покренување на истрагата има сериозни недостатоци и пропусти и се базира на стаклени нозе и е без докази.
Во суштина целото барање на Специјалното јавно обвинителство за покренување на истрага се потпира на гласини и впечатоци добиени од незаконско прислушкуваните и стекнати материјали кои пак судот ги исклучи како незаконски стекнати кои не можат да служат како доказ.
Граѓаните остро реагираат на ваквото однесување на Катица Јанева и нејзиниот тим од обвинители. Тие се револтирани од незаконското постапување.
Преку социјалните мрежи, граѓаните испраќаат пораки дека СЈО не работи според законите и уставот, туку по нечија агенда која е повеќе во корист на политичка партија отколку за она што е наменета.
Костов: Потребни се материјални докази
-Отворија фронт со државното обвинителство, како тргнало ќе отворат фронт и со судството. Треба да се каже дека јавен обвинител кој сериозно работи, кој е стручен, си ја знае струката не може да дава изјави додека не спакува еден предмет, аргументи, докази, факти, одам на суд. Тоа е првата фаза кога може нешто да каже. Ги гледаме филмовите од Запад, не случајно е немам коментар. Што да коментира, а сега се случило кривичното дело. Ние сме соочени со состојба кога не знаеме ни дали се случиле кривични дела. Некои две личности си правеле муабет на телефон, сега за сега се единствени таканаречени докази и слушаме последните денови е актуелно некој некого гони да дава изјави и се прави циркус од поимот заштитен сведок, вели аналитичарот, правник и поранешен јавен обвинител Сотир Костов.
Костов смета дека се потребни материјални доказ и англаси дека СЈО на прес-конференција на јавноста и’ претставило еден композит од политика, политиканство и право
-За едни локални избори, каде што во секоја општина изборот е посебен да кажете дека е криминализиран со тие дејствија и е криминализиран целиот изборен систем, а потоа и сите институции на државта, тоа е однапред политизирање на предметот и тоа е кога правото оди во политика, а потоа во политиканство. Доказите се најбитни за одредување на мерка притвор. Значи, ако Судот цени дека некој ќе избега, дека некој ќе влијае на сведоци, дека некој ќе го повтори делото, ќе примени мерка притвор. Ако оцени дека тоа не е случај, нема да го примени тоа, вели Костов.
Џиков: Барањето на Јанева нема основ по ниедна точка
Барањето на СЈО и обвинителката Kатица Јанева за притвор на осумте лица по ниедна точка нема основ. Судијката донесе законито, правично и разумно решение. Ова е ставот на поранешниот јавен обвинител Ставре Џиков, откако Основниот суд Скопје 1 донесе одлука да го одбие барањето на Катица Јанева за одредување на мерка притвор за осум лица осомничени во случајот кој таа го нарече „Титаник“.
-Значи, ние сите во ова невреме каде што за жал има голема политичка пропаганда од сите страни, која навистина штети на имиџот на Македонија, а и на самите судски процеси, така да сметам дека судијката донесе едно не само законито и правично решение во однос на мерката притвор да не се определи, туку се донесе и едно разумно законско решение. Така што, драго ми е, господинот Едмонд Темелко се наоѓа на слобода и во постапката ќе учествува нормално, нема причина ни да бега ни да влијае на сведоци, бидејќи од нашиве сознанија презентитрани од страна на судијата во претходна постапка видовме дека СЈО презело обемна предистражна постапка во изведување на многу докази според нив, вели Џиков.
Каракамишева-Јовановска: СЈО одработува политичка агенда на СДСМ
Специјалното јавно обвинителство одработува политичка агенда на СДСМ, рече универзитетската професорка Тања Каракамишева-Јовановска во дебатата на ТВ НОВА.
Според неа станува збор за организирана хајка и дека се прекршени законите, уставот и пресумпцијата на невиност.
-Уставот е повреден, начелото на законитост е повредено. Не може во истражна постапка да се жигосуваат луѓе. Тоа е дел од сценарио. СЈО е ставено како спрега на СДСМ, а Јанева одработува политичка агенда. Таа немаше законски основи така да ги постави работите, рече професорката.
Каракамишева-Јовановска вели дека денешната прес-конференција на СЈО е надвор од правна логика и правна издржаност.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.