| четврток, 6 декември 2018 |

Близок роднина на убиените Турци во Козле: Убиецот на Ѓулчин и на Самет е во Скопје

Мојата сестра Ѓулчин и внукот Самет не беа ниту шверцери на дрога ниту, пак, нашето семејство некого убило за да бидат убиени од крвна одмазда, а полицијата нивниот убиец треба да го бара во Скопје. Ова за „Дневник“ го изјави Хабип Ерчобан од Бурса, Турција, кој е незадоволен од тоа како тече истрагата за двојното убиство што се случи на 28 јули лани во скопската населба Kозле.

turak

Ѓулчин Ерчобан (52) и нејзиниот син Самет Селчук (29) беа убиени во куќа на улицата Kозле, сопственост на Насер А., таткото на сопругата на Турчинот. Од тоа што ѝ е официјално достапно на јавноста, полицијата нема осомничен, иако, најверојатно, станува збор за професионалец, а не е познат ниту мотивот за двојното убиство.

Самет Селчук за една од ќерките на Насер се оженил во мај лани, а една недела пред убиството дошол во Скопје заедно со мајка си.

– Двајцата отпатуваа за Скопје бидејќи Ѓулчин сакаше да присуствува на две свадби кај наши роднини во градот. Со нив беше и син на мојата друга сестра, но тој се врати пред да бидат убиени. Затоа со себе носеа накит кој требаше да го даруваат на младенците. Имаа и 10.000 евра што им ги дадов кога заминаа – вели Хабип.

Kога стигнале во Скопје, убиецот најверојатно ги следел или ги познавал, па ги знаел нивните навики. Мајката и синот спиеле во соба на приземјето, а домаќините биле на катот. Убиецот влегол во собата на Турците, која вообичаено била незаклучена, особено што пред да се симнат долу тие биле на катот кај сватовите. Тој ги одвртел сите светилки во приземјето. Прва се симнала Ѓулчин, која си легнала, а убиецот и пукал во главата и ја оставил во креветот. Подоцна се симнал и Самет, кој останал подолго со сопругата. Kога влегол во собата, се упатил кон својот кревет и убиецот го застрелал и него. Неговото тело било пронајдено покрај креветот. Убиецот најверојатно користел придушувач бидејќи истрелите никој не ги слушнал. Откако ги убил, убиецот ги посипал жртвите со брашно и избегал. Притоа внимавал да не остави траги, иако оставил еден испукан патрон, а другиот го зел со себе. Тој ја однел торбата на Турците во која биле нивните пасоши и накитот. Нивните тела околу 5.30 часот ги пронашол Насер, кој веднаш се јавил во полицијата. –

– Убиецот мора да е во Скопје. Kако инаку би можел толку добро да ја познава куќата и така ладнокрвно да ги убие. Мора некој нешто да знае. Полицијата требала да провери дали украдениот накит некаде бил заложен и да дојде до трага – вели Хабип за „Дневник“.

Бидејќи МВР официјално не се изјасни за мотивите за злосторството, во јавноста се јавија многу шпекулации. Посипувањето на жртвите со брашно, пак, според извори во полицијата, можело да се толкува како знак дека се убиени поради крвна одмазда, што било обичај во одредени делови на Турција. Помалку веројатна беше верзијата дека брашното е знак дека Ѓулчин и Самет биле убиени од шверцери на дрога. Хапиб Ерчобан вели дека не е задоволен како се одвива истрагата, како и дека за убиството прочитал на интернет бидејќи никој не им јавил. Ако сватовите од оправдани причини можеби не можеле да им јават, не биле информирани ниту од амбасадата на Турција.

– Сестра ми многу патуваше, па се осигуруваше. Имаше земено кредит, па и тој беше осигурен. Меѓутоа, сега ни треба официјален документ од обдукцијата за да се затвори долгот. Проблем е што од Институтот за судска медицина во Скопје не ни го даваат, иако ние бараме официјална потврда дека таа била убиена, а не дека извршила самоубиство – вели Хабип.

Брашното, најверојатно, требало да ја насочи полицијата да трага во крив правец. И сестра ми и внук ми немаа криминални досиеја. Дури и самиот преку пријатели во Интерпол проверив дали евентуално некој од нив патувал за Сирија или Ирак заради дрога. Нема ништо такво. Во моето семејство немало убијци, па некој да ни се одмаздува. А добро сме ситуирани и немало потреба да се занимаваат со криминал – вели Хабип.

Тој бил глава на семејството бидејќи Ѓулчин се развела од таткото на Самет уште кога тој имал две години, но немала друг сопруг.

– Полицијата во Бурса за секој случај го провери и го испраша нејзиниот поранешен сопруг, но тој немал ниту поим дека двајцата се убиени. Од друга страна, ако веќе биле убиени поради златото, кое беше околу 700-800 грама, зошто морал да ги убие. Можел да го земе и да си отиде додека не биле во соба, а ако му било до златото, можел да го земе и накитот што го носеле на себе кога ги убил – вели Хабип за „Дневник“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top