Денеска со почеток од 18.часот ЖРК Вардар ги продолжува настапите во Лигата на шампионите на гостински терен против екипата на ЦСМ Букурешт.
Вардар во клучниот натпревар за повисок пласман ќе му се спротивстави на романскиот клуб без Итана Грбиќ, Драгана Петковска и Татјана Хмирова кои не отпатуваа со екипата.
Останатите ракометарки се подготвени да освојат нови бодови и со евентуална победа ќе обезбеди што поповолна позиција за четвртфиналето во ЕХФ Лигата на шампионите.
Пред тргнувањето за Букурешт тренерот на екипата Индира Кастратовиќ напомена дека Букурешт е многу квалитетна екипа, а тоа го докажа и на првиот натпревар во Скопје кој ги намачи вардарки и загуби само со еден гол разлика.
До крајот на оваа фаза од Лигата на шампионите остануваат уште три натпревари, а црвено-црниот состав сериозно се подготвува за да слави победа на сите три.
– Останаа уште три натпревари, а ние се спремаме да победиме на сите останати. Значи не правиме никакви калкулации, но секако, како и секој тим сакаме да бидеме повисоко на табелата. Можеби, второ, можеби трето место, но никако не би сакала да бидеме четврти. Одиме сега во Букурешт, тие и во Скопје покажаа дека се една квалитетна екипа, меѓутоа ние се подготвувавме за нив и мислам дека клучот за добар резултат таму ќе биде нашата одбрана. Не одиме само колку да отидеме во Букурешт – изјави Индира Кастратовиќ.
Вардар го совлада романскиот првак со 22-21 во натпреварот во Скопје, кој беше прв во 2016 година, па нашите девојки сѐ уште не беа во посакуваната форма. Слично беше и на почетокот на сезоната, во октомври, кога загубивме дома од Ѓер, но подоцна прикажавме одлични партии.
– Јас се надевам и посакувам да фатиме еден континуитет, ова веќе ќе биде трет натпревар во новата година, девојките веќе се влезени во ритам и очекувам од натпревар во натпревар да бидеме сѐ подобри. Се надевам кога ќе дојде Будуќност следниот викенд во Скопје ќе бидеме целосно мотивирани, подготвени и физички и психички да го победиме, па после на последниот натпревар кај Савехоф да одиме растоварени. Треба да освоиме минимум четири бода од овие три натпревари за да бидеме задоволни – рече Индира.
Тоа се трите натпревари кои му преостануваат на Вардар, на гости со ЦСМ Букурешт и со Савехоф и дома со Будуќност. Со победи на сите три меча третото место е сигурно, а македонскиот шампион може да се надева и на второто.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.