-Признавањето на Косово, се надевам, никогаш нема да биде условот за влез на Србија во ЕУ, а доколку тоа и биде услов за нашето членство во Унијата, тогаш не мора да не примат- изјави српскиот претседател Томислав Николиќ.
-Слушаме уверувања од Европа дека Косово не е условот. Доколку тоа биде услов за нашето членство во ЕУ, не мораат да не примат, но барем ќе ја уредиме државата во 34 поглавја. Но, доколку во секое поглавје ставиме дека тоа и тоа ќе биде решено во согласност со приштинскиот Устав и законодавство, тогаш многу тешко ќе биде да се снајдеме во сите поглавја- рече Николиќ во интервју за весникот „Данас“.
Според него, ЕУ, како во случајот со мигрантската криза, покажува и колку е крвка и на теренот на односите меѓу Србија и Приштина.
-Од една страна покажува исклучително влијание врз Србија, а од друга страна немоќ кон барањата на Приштина, и тоа е она што ме чуди и загрижува- рече Николиќ.
Тој нагласи дека „не знаеме како практично е замислено поглавјето 35, но ни како ќе изгледа затворањето на поглавјата со правно обврзувачка спогодба“.
-Тоа не го видов ниту во нацртот, ниту го слушнав во било каков разговор со комесерите, кои зборуваа дека тоа не чека и дека на тоа да бидеме подготвени и дека Европа од тоа не може да се откаже, бидејќи тоа е барање на Германија- рече Николиќ.
Заедницата на српски општини, истакна српскиот претседател, треба да биде формирана, бидејќи тоа е потпишано во Брисел, „но сега во Приштина видоа дека тоа всушност претставува патот за Србите да имаат своја целина на своја територија и многу права и оттаму тврдењата дека тоа не е во согласност со нивниот Устав“.
-Што ќе правиме сега, доколку сме ја потпишале таа спогодба од Брисел? Ако од приштинска страна се се става под знак прашање, зошто да не го ставиме и од српска страна, односно, како натаму ќе преговараме ако немаме заедница на српски општини. Тоа ќе биде многу тешко и тука (премиерот) Александар Вучиќ ќе биде на голем испит- рече Николиќ.
На прашањето дали верува дека Специјалниот суд за Косово навистина ќе им суди на воените злосторници, Николиќ кажа: Верувам дека ќе им се суди, но ако ме прашате дали ќе им пресудува и ќе донесува одлуки и казни, во тоа не сум премногу уверен. Се уште не сум видел некој суд што им судел по исти критериуми, исти аршини, на Србите, Албанците, Хрватите. Впрочем, тоа апсолутно се гледа по бројот на осудени и по висините на казните, така што не сум сигурeн.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.