Повеќе од 1000 гости уживаа во концертите на „Љубојна“ и гудачкиот секстет на Пламенка Трајковска и ги дегустираа новите вина на винаријата „Стоби“.
Со литургија, закројување на лозите и богата музичка програма денес во винаријата „Стоби“ беше одбележан празникот Св. Трифун, заштитникот на виното и на винарите. Голем број претставници од бизнис-секторот, вински витези и советници присуствуваа на целодневната прослава. Настанот почна со молитва, осветување и закројување на лозите, а продолжи со настапи на популарниот бенд „Љубојна“ и трубачот Џамбо Агушев, диџејот Џон Антонио и гудачкиот секстет на Пламенка Трајковска. Гостите ужуваа во концертите и ги дегустираа новите премиум-вина на „Стоби“ кои беа промовирани во декември минатата година.
Бериќетна година беше една од желбите споменати во молитвата кон Св. Трифун. Раководниот тим на „Стоби“ пак посочува дека се надева дека 2016-та година ќе биде исто толку добра колку и ланската.
– Задоволни сме од тоа како се развива нашата приказна и фокусирани сме кон тоа да продолжиме да чекориме по нагорна патека. Минатата година добивме огромен број на препораки и пофалби од вински стручњаци од реномирани медиуми како „Вашингтон пост“, „Волстрит журнал“, од винскиот советник на кралицата Елизабета итн. Бевме на најстариот вински натпревар во светот кој се одржува во Словенија и се вративме со четири златни медали. Воедно голем чекор нанапред беше и промоцијата на вината од премиум-линијата кои во моментов се наш најсилен адут така што се надеваме дека Св. Трифун ќе продолжи да нè штити и оваа година – вели Ана Јорданова, главен вински уредник во винаријата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.