| четврток, 6 декември 2018 |

Осигурување и спортска не, К-15 мора да се пријави

Граѓанинот што во текот на годината остварува само приход од плата, пензија, земјоделска дејност или од самостојна дејност, не е должен да поднесува годишна даночна пријава. На граѓаните што ќе задоцнат со пријавувањето или воопшто нема да поднесат годишна даночна пријава до 15 март 2016, УЈП ќе им изрече глоба за сторен прекршок во износ од 500 до 1.000 евра во денарска противвредност

Од 1 јануари до 15 март, вообичаено секоја година е периодот кога граѓаните треба да поднесат годишни даночни пријави, доколку оствариле дополнителни приходи во претходната година. И додека дел од луѓето знаат дали треба или не треба да поднесат ГДП, сè уште има граѓани кои се во недоумица дали некои приходи подлежат на обврската за пријавување во УЈП или не. „Заслужни“ за ваквите дилеми се бројните неточни, недослушнати или недоразбрани информации, иако УЈП прецизно има објавено што треба, а што не треба да се пријави. Една од дилемите е дали треба добивката од обложувалница да се пријави или, пак, исплатена сума од осигурително друштво на име надомест на штета. Надлежните од УЈП информираат дека во овие два случаја, граѓаните немаат обврска да поднесат ГДП, но затоа пак, уште еднаш нагласуваат дека како и минатата така и оваа година секој што примил регрес за годишен одмор во 2015 година, популарно наречениот К-15, има обврска истиот да го пријави.

Инаку, досега до УЈП се поднесени 11.565 годишни даночни пријави за 2015 година во хартиена форма, од кои 100 годишни даночни пријави се поднесени по електронски пат преку системот е-даноци. До истекот на крајниот рок (15 март) се очекува да бидат поднесени повеќе од 400.000 годишни даночни пријави.

Изминатата година до Управата за јавни приходи биле поднесени вкупно 431.835 годишни даночни пријави за остварените приходи во 2014 година.

– Граѓанинот нема обврска во годишната даночна пријава за 2015 година да ги пријави добивките остварени од посебните игри на среќа (обложувалница, казино и автомат-клуб). Граѓанинот, исто така, нема обврска во годишната даночна пријава да го пријавува и надоместокот на штета исплатен од страна на осигурителната компанија – нагласуваат од УЈП.

Исплатата на К-15 фактички значи обврска за поднесување ГДП, а бидејќи исплатата на овие средства е законска обврска, тоа значи дека секој вработен треба да ја исполни.

Инаку, средината на март, поточно 15 март е последниот ден до кога треба да се поднесат годишните даночни пријави. Токму затоа од УЈП апелираат граѓаните навреме да ги поднесат своите пријави за дополнителни приходи и да не чекаат пет до дванаесет за да ја завршат оваа обврска, за да се избегнат евентуалните турканици на крајот на рокот.

– Исплатата на К-15 создаде задолжителна обврска за пријавување на овој приход. Значи, доколку граѓанинот покрај приходот од плата остварил и дополнителни примања од работен однос (на пример: регрес за годишен одмор), работодавецот има обврска да пресмета и да плати персонален данок на доход и да издаде примерок од пресметката, а граѓанинот има обврска приходите да ги пријави во годишната даночна пријава. Со цел да не се создаваат метежи, апелираме граѓаните уште отсега да ги пријават дополнителните приходи и да не ги чекаат последните денови пред истек на рокот – повикуваат надлежните од УЈП.

Оттаму нагласуваат дека граѓаните сѐ повеќе стануваат свесни за потребата од поднесување ГДП.

– Македонските граѓани ги пријавуваат дополнителните приходи и може да се каже дека поднесувањето годишна даночна пријава е веќе навика во Македонија, а не исклучок. Се разбира, секогаш постојат луѓе што ненамерно или намерно ќе заборават, но затоа сме тука ние да ги потсетиме. Масовноста и огромниот број податоци добиени од ГДП овозможи во изминатите години да се создаде квалитетна даночна политика кога станува збор за даночниот третман и за услугите кон граѓаните, кои се многу специфична категорија даночни обврзници и бараат посебно внимание. Според нашите анализи, од година во година се зголемува бројот на лицата и износот на вкупниот приход што го оствариле, но и салдото на одделните видови приходи бележи нагорна линија – велат од Управата.

ekonomija179-ujp-2

Инаку, секој граѓанин што во текот на 2015 година остварил приходи по повеќе основи, односно покрај платата или пензијата, на пример, остварил и приходи од издавање под закуп на станбен објект (кирија) или остварил хонорар по основа на авторски договор и слично, има обврска сите годишни приходи да ги пријави во УЈП со поднесување годишна даночна пријава.

Задолжително се поднесува ГДП доколку:

  • сте издавале под закуп станбен или деловен простор, гаража, земјиште, викендичка, опрема, превозни средства или друг вид опрема,
  • сте склучиле авторски договор, односно сте оствариле приходи од авторски права и права од индуст­риска сопственост,
  • ви била исплатена дивиденда или камати по основа на заем што сте го дале на физичко или правно лице,
  • сте оствариле капитална добивка од продажба на учество во капитал и недвижен имот,
  • сте оствариле добивка од општи игри на среќа, во износ поголем од 5.000 денари,
  • имате лични примања од странство,
  • работно сте ангажирани во амбасада, мисија или меѓународни организации во РМ, односно имате лични примања од дипломатски, поточно конзуларни претставништва на странски држави во земјава или, пак, остварувате лични примања кај претставништва и службеници на претставништва што уживаат дипломатски имунитет,
  • сте оствариле и „други примања“.

 

Од УЈП прецизираат дека секое лице што остварило добивка од посебните игри на среќа (казино, автомат-клуб или обложувалница) нема обврска да ја пријави во годишната даночна пријава, додека, пак, граѓанинот што остварил добивка во износ поголем од 5.000 денари од општите игри на среќа (лото, бинго, квизови, наградна игра и слично) има обврска да ја пријави во годишната даночна пријава во УЈП.

За да може да се пополни ГДП, работодавецот има обврска да достави пресметка за исплатени приходи во претходната година, која треба да ги содржи следниве податоци:

  • износот на бруто-приходот, износот на одбитоци,износ на лично ослободување и пресметаниот и платениот данок.

Граѓанинот што во текот на годината остварува само приход од плата, пензија, земјоделска дејност или самостојна дејност, не е должен да поднесува годишна даночна пријава.

На граѓаните што ќе задоцнат со пријавувањето или воопшто нема да поднесат годишна даночна пријава до 15 март 2016, УЈП ќе им изрече глоба за сторен прекршок во износ од 500 до 1.000 евра во денарска против­вредност.

Пишува: Александрија Стевковска
(Текст објавен во 179. број на неделникот „Република“, 5.02.2016)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top