Колку обновувањето на економијата да звучи како нелогично и бизарно социјалдемократско објаснување за купување гласови, сепак, ниту ова не е најпоразителниот момент за партијата на Заев. Социјалдемократите најмногу се иритирани и бесни не од отворањето на десетиците фабрики, туку од затворањето на една, единствена фабрика. Тие, особено врхушката, не можат да го прежалат моментот кога Чауш, Сума и уште неколкумина останаа технолошки вишок. Лути се на „режимот“ што ги лиши од слобода среде нивната најголема продуктивност, токму во моментот кога ги печатеа личните карти, пасошите и лажните банкарски сметки за раководството на противниците. Сироти фалсификатори, водени од премисата да го урнат истиот тој „режим“ кој не им дозволува на благородните, напатени мецени од седиштето на СДСМ да се вратат на власт, создавајќи им дузина комплекси, маки и непроспиени ноќи. Па, како да не жалите по такви „револуционери“, облагородени со многу минат труд во криминалното подземје?
Илјадниците што токму тие со безобразната транзиција и со приватизација ги оставија на улица, не се битни. Тие, нели, беа со обична, небитна, црвена крв. Овие чеда, пак, се синокрвни, барем основоположникот на „Фабрика за афери“, Захир Бекири. Фактот е потврден директно од струмичкиот „татко“, кој се најде во небрано да ги убеди граѓаните дека тој се сликал со сите симпатизери и членови на партијата во сопствената канцеларија. Очи в очи, се разбира. Љубопитните ситничари, пак, веднаш посакаа да ги видат тие илјадници фотографии на кои лидерот изразува блискост, сразмерна на онаа со Чаушот. Но тој, најверојатно, не ги чува овие сентиментални дребулии. А којзнае, можеби меѓу нив ќе се најдеше и Катица… На некоја прослава, се разбира, кога била слободна. Барем два дена. Првичните прогнози на познавачите на состојбите беа дека по Веруш, следува Чауш за преземање на неговиот предмет од Јанева. Сепак, по сè изгледа, таа ќе има посериозна улога. Ќе треба ли да ја преземе улогата на Чауш, а СЈО да стане „Специјална фабрика за афери“?
СДСМ ја вади последната, специјална карта од ракавот
Стечајот на фабриката која требаше да предизвика редица сплетки и афери, карактеристични за дејствувањето и за егзистенцијата на партијата што годинава „слави“ една деценија тажење по централната власт, предизвика очигледна паника во редовите на врхушката. Највалканите во играта со „бомбите“,сфатија дека ќе мораат да ја искористат последната, специјална карта во ракавот. Единствениот адут стекнат со незаконски снимените разговори, подарен од странците и прифатен од противниците само за да ги извадат на избори и да ја прекинат наметнатата агонија на државата.
Карта, која личи на сè, само не на ас, но која остана да ја подгрева пустата надеж за некаков рејтиншки пресврт. „Специјална фабрика за афери“ која треба со помош на некаква магија да направи народот да ги сака. И да ги гласа, се разбира. А тој попуст и од последната надеж, да ти отрпнал на афери и на стандардните, потценувачки финти на авторите, кои веќе 25 години од мрзливост и од пуста навика не се ни потрудија да ги сменат истите. Изминатите години бевме сведоци на десетина бојкоти на сè и сешто, на стотици протести за какви ли не „правдини“, уцени за симнување од власт, преседан со нелегалните „бомби“, специјална обвинителка, технички министри неизбрани на избори, одолговлекување на истите од страв од соочување со народот и што ли не? Ах, да. Затворената „фабрика за афери“, врвот на луцидноста на социјалдемократското поимање на легитимната борба за власт. Се прашувате дали има нешто полошо и победно од ова последното? Одговорот е да, за жал, има…
Пристапот на Гестапо на „специјалците“ на Кејти Џен
За само пет дена, „специјалците“ на Катица Јанева, која во светот на „Фејсбук“ е позната како Кејти Џен, си заработија исто толку кривични пријави. На двапати, најпрво кривична пријава добија тројца, а пет дена подоцна уште двајца специјални обвинители се закитија со орденот што вообичаено ги краси градите на нивните вообичаени „клиенти“, криминалците. Информациите велат дека расположението на странците, особено на САД и на ЕУ, го вклучило црвениот аларм во бункерот на Заев, истата онаа тврдина која е понепробојна од Форт Нокс и од Специјалното обвинителство, за што доказ беше и непредавањето на материјалите, и по два месеца сè уште не знаеме што има во шесте фамозни кутии на Заев. Можеби колекции на це-деа, целата богата и бескрајно квалитетна кариера на неговата омилена вокалистка Цеца Ражњатовиќ? Шегата настрана, но Јанева којзнае колкупати ги прекрши сите востановени норми и начела, само за да го заштити момчето од Муртино.
Долгото, иритирачко небарање на материјалите за кои, всушност, беше назначена, ослободувањето на првоосомничениот Зоран Верушевски против сите правни логики, немањето записник за материјалите со кои Заев ја држи во заложништво цела Македонија, и редица други чекори се само дел од приказната. Петте кривични пријави за нејзините обвинители се само јаготката на врвот на шлагот, или сепак, сме далеку од врвот на глупостите? Замислете земја во која од десет обвинители, половината веќе имаат кривични пријави за малтретирање на сведоци во потрага по лажни изјави. Неколкумина одбрани успеаја да ја претворат Македонија во Гвантанамо. Недостасува уште истите тие, поддржани од техничкиот другар Спасовски, да почнат да апсат по улици и без никакво образложение да носат народ во СЈО. Па кај кого успеат со закани да земат лажни изјави, арно, кај кого не – никому ништо, па тие се недопирливи, нели? Не случајно, „специјалците“ не ги снимаат сослушувањата, кршејќи уште една законска обврска. Но, тоа е закон во една Македонија. За потсетување, во 1934 година Херман Геринг го оформи Гестапо како Полициска сила на Прусија. Останатото е историја. Во нацистичка Германија беше доволно да сте Евреин или да бидете против каузата на Хитлер, во Гвантанамо да сте под сомнение за тероризам. Што ќе биде изговор за собирање и за распит во СЈО во Македонија? Најверојатно, комбинација на причините на Гестапо и на ЦИА. Ќе имате ли предиспозиции за СЈО доколку сте Македонец, а не Македонче, и не ја прифаќате синокрвната, извртена кауза на Заев?
Единаесетте жигосани, ама партиски
Десетте обвинители и едната неприкосновена шефица ја даваат симболичната бројка од 11 жигосани. Беа 13, но за да не бидат баксузен број, Јанева отпушти две обвинителки. Поверојатно поради нивната партиска неподобност и неподготвеност да го принудуваат народот да дава лажни изјави за „режимот“. Но партискиот белег не е единствената разлика од култниот филм на Роберт Алдрих од далечната 1967 година, кога комунистите, чии наследници се членовите СДСМ, неприкосновено владееја со Македонија, и каде што „Дванаесетте жигосани“ заминуваат да ја ослободат Европа и да ја „решат“ Втората светска војна (толку американски) преку атентати на германски воени великодостојници. Ај што Катица не е Ли Марвин, туку и нашите единаесетмина партиски жигосани чеда работат на создавање протекторат и на враќање на власт на една од дамнина привилегирана група.
Со Дванаесетте жигосани ги спојуваат диверзиите како принцип на работа. За волја на вистината, и ова за некого би било ослободување, макар на желбата за владеење, а неспорно е дека интересот повторно е на линијата на Вашингтон, чие вртење на грбот ја предизвика и најсилната паника во редовите на создателот Заев. Да, токму тој – творецот на СЈО преку „бомбите“, чиј единствен Пржински „успех“ се токму специјалните чеда на Јанева, техничките министри и пресметаната колатерална штета за ВМРО-ДПМНЕ, кои, пак, очигледно не сметаа на гестаповскиот принцип на работа со закани, тортура и со подмитување. Нивното активирање следуваше по уште една неуспешна афера, фингирана од, верувале или не, министер за внатрешни работи, па макар бил и технички. По бедната афера на Спасовски со 70.000 формулари за возачки дозволи, за кои ги обвини челниците на ВМРО-ДПМНЕ, а од кои СДСМ доби само шлаканица од Германија и невидено бламирање во Македонија, партијата мораше да го активира најсериозното неконвенционално оружје што го има в раце – СЈО. Лошиот обид за рехабилитација на истрошениот играч Спасовски дојде од истиот медиум кој ја „откри“ фабриката за пасоши, а потоа и за лични карти. Истиот медиум чиј новинар бил на жешка линија со преподобниот Чауш… Рехабилитацијата пропадна, а втората социјалдемократска опција, Ременски, се закити со дузина пријави, а седум нивоа унапредениот сопруг ја дотолчи приказната со неа. Очајниците прават очајнички потези, а проценката на будните стратези и јуришници покажала дека е време џокерот наречен Катица Јанева да го направи толку потребното чудо. За жал на нејзините десетмина, кои очигледно ги заборавиле своите обврски кон законот, граѓаните ги знаат своите права и ги пријавуваат обвинителите за пречекорување на овластувањата.
Двете обвинителки што имаа скрупули и беа партиски неподобни добија „клоца“ од СЈО, придружена со какафонија во образложенијата зошто се отпуштени. Јанева, пак, се истакна со објаснувањето, сигурно едно од најлошите во историјата на државата. Можеби и пошироко. На новинарското прашање дали зад нивната смена има и други причини освен „намален обем на работа“, Кејти Џен искрено одговори: „Не сум запознаена, имав приватни обврски. Не можам, бидејќи си имав приватни обврски, си бев на некои приватни прослави и, едноставно, не сум во можност во моментот! Не знам што да ви дементирам, демантирам де, значи не сум читала ништо. Бев на одмор два дена, за викендот…“ Секаков коментар на кажаното би бил одвишен… Логиката вели дека истрагата на Јанева за 36. отворени случаи ни оддалеку не ги дала посакуваните резултати. Очигледно, специјалците удриле во ѕид со желбите да накалемат изборни неправилности. А времето до избори притиска. Тик-так, тик-так, тик-так…
Пандов: СЈО и Јанева во улога на смоквин лист за Заев и за СДСМ
На огромна жал на целата македонска јавност, специјалната Катица Јанева и нејзиниот тим ја презедоа улогата да бидат смоквин лист на Зоран Заев и на СДСМ, вели аналитичарот Александар Пандов.
ПАНДОВ: Наместо да го ангажира целиот свој тим во наоѓањето одговор на основното прашање, кој и за чии цели го прислушувал државниот врв на Република Македонија, прашање што го интересира секој граѓанин, таа се зафатила со мафијашки методи на изнуди, идентични како и на нејзиниот ментор, Зоран Заев. Исто така, Катица итно треба да даде одговор колку разговори се во нејзиното обвинителство и од колку луѓе. Да се потсетиме дека претходниот сопственик на тие разговори, Заев, тврдеше дека четири години биле прислушувани 20.000 граѓани и дека постојат 600.000 разговори. Толку ли ѝ се предадени? Заев тврдеше дека има транскрипти од сите разговори, зар тие транскрипти од 600.000 разговори ги смести во шест кутии за чевли? Но, на изненадување на сите, наместо таа да побара зголемен број обвинители кои ќе се соочат со огромниот материјал, Катица прави пресврт и исклучува две обвинителки од нејзиниот тим, со оправдување дека имала намален обем на работа!? Додека ги немаше разговорите се жалеше дека немала доволно обвинители, а откако ги доби разговорите, две ѝ се вишок! Таквата нејзина постапка нè доведува до логичен заклучок дека Заев има предадено далеку помал број разговори од оној што велеше дека го поседува. Воопшто не треба да потсетувам дека нема записник од примопредавањето на материјалите!
Како капак на сè е информацијата дека веќе половина од тимот на нејзините обвинители заработиле кривични пријави за нелегално изнудување на изјави, притоа користејќи се со вербални и физички закани, а во одредени случаи и нудење поткуп од 100.000 евра. Одлична информација е што дел од луѓето не подлегнале на притисоците и истите ги пријавиле во македонското обвинителство. Претпоставувам дека нивниот пример ќе ги охрабри и сите останати врз кој е вршен притисок или во идно време би се вршел, да ја пријават таквата постапка.
Веќе на секој му е кристално јасно дека единствената улога на СЈО и на Катица е што подолго да го одложуваат решавањето на случајот „Пуч“ во кој лежи одговорот на главните прашање, каде што главни обвинети се Зоран Верушевски и Зоран Заев, а во меѓувреме да се обидат на каков било начин да наместат обвинение против функционери на ВМРО, со што веруваат дека ќе го намалат рејтингот на владејачката партија. За среќа, Македонија повеќепати досега покажа дека има стабилни и цврсти институции на системот и како што беа разбиени Верушевски и неговите кртови во државната безбедност, сопартиецот на Оливер Спасовски и Заев, фалсификаторот Чауш и нивната „фабрика за афери“, исто така верувам дека институциите на државата ќе им го најдат крајот и на оваа специјална фабрика за магли и замајување на јавноста – фабриката на СЈО и неговата шефица, Катица Јанева.
Пишува: Љупчо Цветановски
(Текст објавен во 179. број на неделникот „Република“, 5.02.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.