| четврток, 6 декември 2018 |

Ставрески: Граѓаните не избираат политичари што ќе се занимаваат сами со себе

stavreski

Поминавме една тешка година во која, за жал, политичката криза се надвисна над економијата и на целиот живот, иако граѓаните очекуваат место политички кризи, решавање на нивните проблеми, истакна Зоран Ставрески синоќа на трибина во Неготино.

– Граѓаните не избираат политичари што ќе се занимаваат сами со себе и да наметнуваат вештачки кризи, да предизвикуваат кризи и да ја загрозуваат безбедноста на државата како што тоа  се случи минатата година. Да ја загрозуваат стабилноста на државата, на економијата, да го загрозуваат мирот на луѓето и да го нарушуваат нивниот спокој. А сето тоа СДСМ го направи минатата година. И не само минатата година, јас би рекол дека тоа е континуитет на нивното однесување во последните седум осум години. Едноставно ситуации на криза и ситуации што постојано треба да предизвикаат несигурност кај граѓаните и неможност да се реализира програмата на Владата на Република Македонија, односно на проектите што се потребни за подобрување на животот на граѓаните – рече Ставрески.

Според него, опозицијата го прави тоа затоа што нема програма, проекти и позитивни работи што би ги понудиле на граѓаните.

– СДСМ има само еден единствен проект. Тој проект се вика вештачко предизвикување на кризни ситуации. Наспроти тоа ВМРО-ДМНЕ има илјадници проекти кои се вклучени во нашата програма и кои подразбираат решавање на животни проблеми на граѓаните – рече Ставрески на трибината.

Тој нагласи дека средбите со граѓаните се нивна вообичаена работа која не ја прават само пред избори. Порано, рече, политичарите немаа таква навика да бидат меѓу народот. Потсети на сите проекти кои беа реализирани во изминатиот период во најразлични сфери од животот и за различни категории на граѓани – намалени даноци, нови инвестиции, вработувања, зголемени пензии.

– И тоа е тоа за кое граѓаните го даваат својот глас, а не да слушаат десет пати во денот СДСМ да пушта соопштенија против ВМРО-ДПМНЕ или ВМРО-ДПМНЕ против СДСМ. Тоа не е наш стил на работа и ние не го практикуваме тој стил на работа. Тоа е стил на работа на оние кои не знаат што да понудат позитивно и не знаат да решаваат проблеми на граѓаните – истакна Ставрески.

Упати прашање до присутните, дали некој се сеќава пред 2006 година некоја нова фабрика да била отворена.

– Претпоставувам не, едноставно се затвараа фабриките и тие што работеа добро. Со криминалната приватизација беа затворени и луѓето останаа без работа. Никогаш не се зборуваше за отварање на нова фабрика. Денеска речиси секој месец можете да слушнете за најава на некоја странска инвестиција, па и по некоја домашна, рече, потсетувајќи на отварањето на германската фабрика Дрекслмаер,  во која се вработија голем број луѓе од регионот.  Но и на други фабрики во други региони од државата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top