Утре и задутре (12 и 13 февруари) со почеток во 20 часот во Кинотека на Македонија ќе биде прикажан 16-минутниот документарно-поетски видеоомаж „Брод тргнат кон немерливото“, во режија и според сценарио на Сашо Димоски. Станува збор за посвета на Игор Исаковски, поет, преведувач и издавач, кој ненадејно почина на 44-годишна возраст во 2014 година.
Зад себе остави шеснаесет издадени книги, од кои десет се збирки поезија. Тој не беше само плоден автор, неуморен преведувач од англиски, српски, хрватски, босански, туку и основач на културната институција и издавачка куќа „Блесок“. Исаковски беше идејниот творец на електронското списание „Блесок“, едно од најстарите електронски списанија за култура во Европа, преку кое, пионерски и визионерски, ја ширеше македонската култура низ светот, а светската култура ја носеше во Македонија. Во филмот учествуваат: самиот Игор, Тони Димков, Јовица Ивановски, Тихомир Јанчовски и Елизабета Баковска. Музичката илустрација е на Горан Трајкоски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.