Продолжувајќи ја традицијата востановена пред неколку години, Македонската филхармонија на 12 февруари (петок), во Домот на АРМ, со почеток во 20 часот, ќе одржи незаборавен концерт со наслов „Некој ме гледа романтично“, посветен на Денот на вљубените. Инспирирана од љубовната тематика во класичната музичка литература, програмата на концертот содржи сплет на композиции од Равел, Чајковски, Гершвин и Кол Портер.
За прв пат во Македонија ќе прозвучи љубовната приказна за Шехерезада од Морис Равел за сопран и оркестар во интерпретација на извонредната вокална солистка Голда Шулц, а под диригентската палка на Кејс Скалионе од САД оркестарот ќе ги изведе и симфониските слики од американската љубовна опера „Порги и Бес“, Увертирата- фантазија од „Ромео и Јулија“ од Чајковски, како и неколку џез-стандарди кои досега имаа милионски изведби и преработки – прекрасната „Summertime“ и „Someone to Watch Over Me“ од Гершвин и „Everytime We Say Goodbye“ од Портер.
Увертирата-фантазија „Ромео и Јулија“ на рускиот великан на музиката Петар Илич Чајковски (1840-1893), кој зад себе остави вистинско звучно богатство, е уште еден од неговите бисери. Таа е инспирирана од трагедијата на Шекспир, но се движи во слободна форма, земајќи ги предвид некои од епизодите на приказната. Трагичната судбина на двајцата вљубени ја навестуваат мрачниот тоналитет на бас-кларинетот и фаготот, а по кусиот премин во гудачите, флејтите ја носат меланхоличната мелодија на љубовта на Ромео.
„Шехерезада“ за сопран и оркестар на францускиот композитор Морис Равел (1875-1937), кој во историјата е забележан како еден од најголемите мајстори на оркестрацијата, е исто така дело што е вброено во литературата како едно од неговите најистакнати. Равел ги создал неповторливите дела за пијано, меѓу нив и „Павана за мртвата принцеза“, концертите за пијано, опери како „Шпанска војна“ или популарните оркестарски дела „Болеро“, „Дафне и Клое“, „Ла Валс“, „Мојата мајка гуска“, „Шпанска рапсодија“…, но „Шехерезада“ се издвојува поради, како што пишуваат биографите, мошне инвентивното водење на гласот низ оркестарските лавиринти. Создадена е во 1903 година врз стихови на францускиот поет, музичар и сликар Тристан Клингсор, познат токму поради пријателството со Равел.
Американскиот композитор Џорџ Гершвин (1898-1937) во својата земја стекнал популарност со своите комедии, додека со светска слава се здобил со концертот за пијано „Рапсодија во сино“, со кој го послал патот на симфонискиот џез. Меѓу неговите многубројни дела се истакнува операта „Порги и Бес“ (1935), опишана како црнечка народна опера, создадена според романот на Дју Боуз Хејворд „Порги“, и со која композиторот го обиколил светот. Гершвин ја замислил како прва американска народна опера и за да ја направи што поавтентична, за бродвејската премиера ангажирал исклучиво црнечка пејачка постава. Затоа делото често било предмет на критика за расизам, но подоцна критичарите сепак го признаваат како „вистинска“ опера.
Американскиот композитор и текстописец Кол Портер (1891-1964) е роден во богато семејство во Индијана. И покрај негодувањето на неговиот дедо, сепак решил да стане музичар. Стекнал класична музичка наобразба, но потоа се ориентирал на мјузикли. Првите успеси ги доживеал во 20-тите години на минатиот век и станал еден од највлијателните автори на Бродвеј. Самиот ги пишувал и музиката и текстовите за своите претстави, за разлика од другите автори. Меѓу најпопуларните мјузикли на Портер се „Fifty Million Frenchmen“, „Can-Can“, „Anything Goes“…, а меѓу неговите хит-песни се вбројува и „Everytime We Say Goodbye“, како и „Night and Day“, „I Get a Kick out of You“ итн. Портер е познат и како автор на музика за голем број холивудски филмови од 30-тите до 50-тите години на минатиот век.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.