Во функција на одржувањето на фер, кредибилни и демократски избори на 24 април 2016 година и со цел унапредување на довербата во изборниот процес од страна на сите субјекти и заради превенција и оневозможување на каков било притисок врз граѓаните во поглед на нивното гласање на изборите, претседателот на Владата на Република Македонија за спроведување на изборите, Емил Димитриев испрати инструкција и писмена изјава до сите носители на државни и јавни функции во која повикува на обезбедување на слободата на правото на глас на граѓаните на Република Македонија, информираат од Владата.
Во насоката до членовите на Владата и останатите државни и јавни функционери, Димитриев потенцира дека согласно член 22 од Уставот на Република Македонија, секој полнолетен граѓанин има избирачко право кое е еднакво, општо и непосредно, кое се остварува на слободни избори со тајно гласање, додавајќи дека секој граѓанин има право сам да одлучи за кого ќе го даде својот глас на изборите.
– Сите граѓани самостојно и слободно треба да ја изразат својата волја и никакви надворешни влијанија или вршeњe притисок врз нивната одлука нема да бидат толерирани, истакнува Димитриев.
Премиерот за спроведување на изборите во писмото вели дека правото на глас на граѓаните е загарантирано со Уставот и законите на Република Македонија и дека никој не смее да го повика избирачот на одговорност заради гласањето.
– Затоа ве повикувам да бидете внимателни и да не дозволите вашите активности или работа на ниеден начин да не бидат сфатени или разбрани како потенцијален притисок или заплашување на гласачите. Република Македонија има традиција на добро организирани слободни и фер избори, што е признато и од сите релевантни меѓународни институции. Треба да продолжиме по овој пат и уште повеќе да го унапредуваме изборниот процес. Верувам во вас и ве повикувам да ја следите оваа насока, стои во писмената изјава на Димитриев која е пратена до сите носители на државни и јавни функции.
Тој додава дека за промовирање и примена на демократските начела, Владата и сите нејзини институции ќе дејствуваат одлучно и непоколебливо.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.