| четврток, 6 декември 2018 |

Иванов: Подготвени сме да се соочиме со илегалните премини

ivanov

– Од поставување на првата ограда Армијата има спречено 19.000, а полицијата 14.000 илегални премини, затоа сега пристапуваме кон втората фаза од поставување заштитна ограда, која има за цел дополнително да ги спречи илегалните минувања и премини на нашата државна граница – истакна претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, кој денеска ја посети јужната гранична линија и подрачјето зафатено со криза.

-Тоа укажува дека со пропуштањето само на бегалците од Сирија, Авганистан и од Ирак, илегалната миграција на економските мигранти се зголемува и тие бараат на секој начин да ја заобиколат регистрацијата и илегално да ја преминат нашата граница – рече претседателот Иванов.

ivanov2

Како што соопшти кабинетот на Иванов, со цел да се спречат илегалните минувања со фалсификувани документи, претседателот Иванов најавил дека се прават напори за единствен биометриски регистрациски лист за бегалците, кој ќе се издава на границата со Грција со намера да транзитираат до крајната дестинација.

-­ Досега полицијата има откриено 5.500 фалсификувани документи. Дневно понекогаш се откриваат и до стотина такви лажни документи, пред се пасоши, меѓу нив има и документи издадени од Фронтекс, лични карти, кои економските мигранти од Африка и од Азија ги користат за да се пријават како бегалци – изјави претседателот Иванов.

Македонскиот претседател појасни дека мора да се прави разлика меѓу безбедносниот и хуманитарниот аспект на кризата. – Република Македонија им е благодарна на сите земји, организации, невладини институции, кои помагаат од хуманитарен аспект, но за соочување со безбедносните ризици на Македонија и е потребна поголема помош – порача Иванов.

-­ Досега целиот безбедносен аспект на кризата е на наш товар и имаме ветувања кои се уште не се исполнети. Ги користиме нашите буџетски средства, средствата на Армијата и на полицијата – потенцира Иванов, додавајќи дека е неопходна помош од возила за патролирање, термални камери и друга опрема за поефикасно соочување со бегалската криза.

ivanov3

Иванов се заблагодари за присуството на полициските сили на шесте пријателски земји на македонско ­-грчката граница и изразил очекување за нивна поддршка и присуство и во иднина. Македонскиот претседател, се додава во соопштението, вели дека Република Македонија е подготвена за сите предизвици и изрази очекување дека одлуките на ЕУ ќе бидат посоодветни на временските околности и на новонастанатите состојби. ­

-Сите најави се дека со топлото време ќе дојдат и поголеми бранови мигранти и затоа ние мора да бидеме подготвени да се справуваме, пред се во регулирање на илегалните премини, и тие што имаат право на премин ­ од бегалците, хумано да влезат и да дојдат до посакуваната дестинација – рече Иванов.
Претседателот Иванов, стои во соопштението, денеска беше информиран за севкупната состојба на македонско-грчката граница, како и за активностите што ги вршат АРМ и полициските сили за регистрација на емигрантите и заштита на граничната линија од илегални  премини.
Како што стои во соопштението од кабинетот, на Самитот во Лондон посветен на Сирија и на регионот, претседателот Иванов ги информирал европските лидери за мерките што Македонија ги презема за соочување со бегалската криза, за заканата од илегална емиграција и за зголемите безбедносни ризици покрај бегалскиот коридор.

ivanov4
Претседателот Иванов, информираат од неговиот кабинет, викендов ќе учествува на безбедносната конференција во Минхен, а веднаш потоа ќе замине во Прага, каде што Македонија е специјално поканета да учествува на вонредниот самит на земјите од „Вишеградската Група“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top