Европската ракометна федерација (ЕХФ) соопшти дека пуштени се во продажба билетите за фајналфор-турнирот во Лигата на шампионите во женска конкуренција.
Сите навивачи на ЖРК Вардар и веруваат во неговите квалитети и со тоа мислат дека може трета година по ред да се пласира на завршниот турнир во Будимпешта меѓу четирите најдобри екипи во Европа, може да купи билети онлајн на специјалната интернет-страница на ЕХФ.
Турнирот во „Ласло Пап“ арената ќе се одржи на 7 и 8 мај, а билетите се дневни, односно билетот за сабота важи за двете полуфиналиња, а со билетот за недела можете да влезете и на финалето и на дуелот за трето место.
Има четири различни категории на билети, најефтините се приближно 35 евра, а најскапите достигнуваат 130 евра.
За да се пласира на фајналфор-турнирот Вардар прво треба да ја мине групната фаза, барем како четвртопласиран, во групата со шест екипи, а потоа да извојува победа и во четвртфиналето. Во моментов е на третото место во групата 2, со три преостанати меча.
Ова ќе биде трета сезона како завршницата во женската ЛШ се организира како и кај мажите, во форма на фајналфор-викенд, а Вардар и на двете претходни го освојуваше третото место.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.