| четврток, 6 декември 2018 |

Мис на Хрватска се омажи за украински милијардер: Ме освои со паметот

Дваесет и едногодишната Мелита Фабечиќ, поранешна претставничка на Хрватска на „Мис универзум“ и најсексапилна Хрватка според „Глобус“, пред неколку дена се омажи за украинскиот милијардер Олександр Романович Онишенко, кој е 25 години постар од неа.

– Вистина е, се чувствувам како во бајка, среќна сум и вљубена. Сопругот и јас се запознавме пред неколку месеци, меѓутоа самиот чин на венчањето се случи набрзина, речиси невозможно брзо. Венчавањето беше во установа во која строго се внимава на времето и листата на чекање во Киев е толку долга што мора дури два месеца порано да се резервира термин за саканиот датум. Ние венчавката ја организиравме за една недела. Не можам да речам дека тоа беше љубов на прв поглед, но со самото меѓусебно запознавање си се најдовме и мене таа искреност ме освои – вели Фабечиќ за „Јутарњи лист“.

Онишенко е миленик на поранешниот украински премиер Виктор Јанукович, а од 2007 до 2014 година беше заменик-министер за кризни ситуации, сега дел од украинскиот парламент, а исто така е бизнисмен, сопственик на модна агенција и на прволигашкиот фудбалски клуб Арсенал Киев. Тој е поранешно момче на тенисерката Мартина Хингис, како и на Парис Хилтон.

Меѓу другото, тој двапати бил дел од олимписката репрезентација во јавање коњи на Украина.

– Имав можност да посетам еден од најголемите коњанички клубови, да запознаам олимписки јавачи и најдобро истренирани коњи на светот. Бидејќи многу сакам коњи, бев пресреќна. Надвор, јавањето е многу ценета вештина и ако знаеш да јаваш си едно ниво повисоко. Ги импресионирав. Видов дека сите ме гледаат, а Олексанр ми пријде и ми даде комплимент колку грациозно изгледам и колку добро ми лежи неговиот коњ, кој инаку, по природа, бил многу див. Не го знаев тоа, а тој дури се пошегува дека сум направила вистинско чудо, да го скротам коњот што само тој може да го контролира. Така се запознавме. Главно ме освои со решителноста, ставот, гардот, паметот – раскажува таа.

Според неа, запросувањето било многу романтично.

– Ме праша на хрватски јазик дали сакам да се омажам за него и навистина многу се трудеше околу тој чин, а мене тоа ми беше преголем шок – вели сега веќе госпоѓата Онишенко.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top