| четврток, 6 декември 2018 |

Српскиот пилот открива како го спуштил авионот во кој експлодира бомба

avion somalija

Пилотот на патничкиот авион што беше оштетен во експлозија предизвикана од бомба во Сомалија опиша како посадата успеа да го приземји авионот на аеродромот во Могадишу со дупка во трупот.

– Ова беше моја прва бомба и се надевам последна – вели капетанот Влатко Водопивец откако истрагата утврдила дека експлозијата се случила на височина од 3.350 метри.

– Да бевме повисоко можеше да биде полошо – вели тој.

Полицијата од малото гратче Балада, на околу 30 километри оддалечено од аеродромот известила дека жителите нашле тело на маж, наводно од бомбашот самоубиец, кој при експлозијата испаднал од авионот. Од авиокомпанијата велат дека сите патници освен еден сигурно слетале, но не изнесоа детали. Сепак, Абдивахид Омар, директорот на сомалиската агенција за цивилно воздухопловство, рекол дека властите не се сигурни дека телото пронајдено во Балада е на исчезнатиот патник.

Патникот Авале Кулане пак, снимил хаотична сцена од авионот каде што се гледаат маски за кислород што висат на седиштата.

– Кога чувме експлозија, копилотот отиде да ја види штетата, а јас го презедов управувањето, раскажува пилотот додавајќи дека моторот и хидрауликата нормално функционирале и дека немал проблем со приземјувањето на авионот.

– Во кабината влезе чад, но повеќе имаше на крајот на авионот. Стјуардесата направи многу добра работа со смирувањето на патниците, вели пилотот и напоменува дека во посадата биле италијански копилот и стјуардеси од Грција, Кенија и од Босна. Истражителите го префрлиле авионот од пистата во приватен хангар, а во истрагата биле вклучени и странски експерти.

Да се внесе бомба во аеродромот е речиси невозможна мисија каде било во светот, а аеродромот во Могадишу е строго чувана зона. Меѓутоа српскиот пилот Влатко Водопивец, кој успешно го приземји авионот по истрагата рекол дека безбедноста во Могадишу е еднаква  на „нула“ и дека состојбата таму е хаотична. За АП рекол дека сомалиските истражители првично се обиделе да ја обвинат неговата авиокомпанија, но тој ни за момент не се сомневал дека експлозијата е предизвикана од бомба.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top