Игор Стефановски – Иџе е Македонецот што го сврти вниманието на светската јавност со освојување две титули во автомобилизам на Европскиот шампионат на ридски патеки. Следната цел му е учество на Европскиот шампионат на кружни патеки ЕТЦЦ, но за тоа му се потребни огромни средства.
Во изминатите две сезони стана европски шампион во натпреварите на ридски патеки. Кој е лимитот на Игор Стефановски – Иџе?
Стефановски: Морам да нагласам дека со освојувањето на Европскиот шампионат на ридски патеки минатата сезона и одбраната на титулата оваа сезона направив огромен успех. Цели десет години не се случило ниту еден возач од ниту еден тим од Европа да го оствари тоа. Успехот е огромен знаејќи дека се борам во вистински волци во овој спорт. Кон себе и кон нашата држава го свртев вниманието на целата светска јавност знаејќи дека ова е скап спорт во кој, покрај возачот, учествуваат уште многу други луѓе што стојат зад главниот. Јас имам скромен буџет од околу 100.000 евра за целата сезона, а тоа е само една петтина од конкуренцијата. Не се жалам, гледајќи ги другите возачи, кои покрај себе имаат и по 20 луѓе на секоја трка, станувам посилен и за следните искушенија во мојата кариера. Посакувам да продолжам со успесите, но од година во година конкуренцијата е сè поголема и посилна.
Оваа сезона оствари фасцинантни резултати. Од 12 трки колку што се возат во овој шампионат, оствари десет победи, од кои дури на девет запиша и рекорди на патеките.
Стефановски: Морам малку да појаснам за љубителите на автомобилизмот воопшто. Јас се натпреварувам во класата „Ен“ на ридски патеки со мојот автомобил „митцубиши лансер ево“, кој сам си го купив и долго време го отплаќав. Во оваа класа за оваа година беа пријавени дури 17 автомобилисти со своите тимови. Меѓутоа, за да се оствари победа или да се освои Европски шампионат, кој е во директна организација на Светската автомобилска федерација ФИА, мора да се победат и конкурентите од другите класи, но и домашните возачи на патеките каде што се вози и кои, секако, подобро ја знаат патеката од мене. Има многу анегдоти од моите патешествија во текот на една сезона. Ќе нагласам една од трката во Словачка. Домашниот натпреварувач Маерчек не учествува на Европскиот шампионат, но е шампион на својата земја и во ридските шампионати и во шампионатите во рели. Огромен тим стои зад него, а живее во подножјето на патеката. Буквално, знае сè за неа. Неговото семејство е организатор на трката за Европскиот шампионат. Мене тогаш ми беше најтешко, иако остварив победа и го урнав рекордот на патеката. Тогаш почувствував дека имам поддршка од целата јавност бидејќи огромен број новинари и тимови ги следеа моите резултати. Јас, буквално, сам одам на трките. Освен татко ми, кој доаѓа со мене за да ми прави друштво, јас немам никој покрај себе. Затоа и успехот е поголем. Сам си го транспортирам тркачкиот автомобил. Во една сезона по патишта поминувам околу 45.000 километри за да стигнам на трките. Понекогаш отсуствувам повеќе од 20 дена од дома бидејќи не ми се исплатува да се враќам до Скопје и следниот викенд повторно да патувам на следната патека во друга земја. Минатата сезона на трката во Чешка имав удар и возилото не беше во возна состојба. Поради резултатите што ги направив дотогаш, еден голем сервис од таа земја многу ми помогна за да го продолжам натпреварувањето. Оттогаш тие застанаа зад мене и многу сум им благодарен бидејќи секогаш кога имам проблем го решавам со нив. Тие сервисираат повеќе од 500 тркачи автомобили во сите европски натпреварувања и се работи за огромна организација.
Какви се подготовките за една трка? На што најмногу се концентрираш, дали, можеби, користиш симулатор на патеките?
Стефановски: Немам посебни подготовки. Да бидам искрен, досега најмногу ми помогнаа видеоигрите што е направени на база на патеките на кои се вози Европскиот шампионат во ридски патеки (се смее). Финансиите се многу мали за да можам да си дозволам да ја пробам патеката на самото место неколку дена претходно. Без разлика дали ќе возам со тркачкиот автомобил или со некој што би можело да го изнајмам таму. Најтешката и најдолга патека е на трката во Италија. Должината изнесува повеќе од 18 километри и е најтешката патека во Европа. И таму го држам рекордот. Претходно немав можност да ја извозам на некој тренинг и затоа ми помогнаа видеоигрите. Немам посебни подготовки и не користам стимулативни средства за концентрација. Ја одржувам мојата физичка кондиција со вежби, кои јас мислам дека се најдобри за мене. Немам никаква помош од стручни лица или, пак, готвачи што ќе ми подготват посебен режим на исхрана како што имаат сите мои конкуренти. Бидејќи отсуствувам поголемиот дел од годината од Скопје, додека сум тука најмногу ми помага моето семејство. Имам две деца и слободното време го користам да го поминам со нив. Тоа ме релексира и ми дава сила да продолжам понатаму со успесите. Морам да кажам дека се работи за крајно екстремен спорт бидејќи секоја сезона се случуваат голем број фатални несреќи дури и на многу поискусни колеги. Кога би имал можност да имам свој симулатор, како што имаат другите возачи, мислам дека би можел да направам и подобри резултати. Секако, тоа во моментов не е возможно да се купи бидејќи чини повеќе од 50.000 евра.
Спомена дека минималните финансии што се потребни за да се заокружи една сезона изнесуваат околу 100.000 евра. Како се снаоѓаш и дали, можеби, може да се случи таков талент како што си ти да прекине поради недостиг од средства?
Стефановски: Поголемиот дел од средствата ги обезбедувам сам од домашниот буџет. Имаме компанија за резервни делови на автомобили. Секако, огромна поддршка имам од „Витаминка“, која е мој генерален спонзор и со мене е четири години, откако учествувам на европските натпреварувања. Во првите две години немав можност да учествувам на сите трки. Покрај „Витаминка“, многу ми помага и „Кожувчанка“ и, секако, „Мотоцентар“, кој ме снабдува со гуми и со други придружни делови. Да не се тие немаше никакви шанси да стигнам до натпреварите во Европа.
Како и кај секој врвен спортист така и кај тебе апетитите растат. Кои се твоите планови за иднина?
Стефановски: По освоените европски титули, би можел да кажам и супериорно, посакувам да се пробам и во европскиот шампионат на кружни патеки, ЕТЦЦ. И ова натпреварување е под капата на ФИА. Не е можно јас лично со мој тим да учествувам на вакво натпреварување. За да се оствари тоа ќе морам да се обидам да влезам во некои од постојните тимови, но не во кој било. Сепак, имам некое педигре. Во тек се преговори со неколку тимови од Европа. Сепак, за да учествувам на тој шампионат ќе мора да обезбедам многу поголеми средства. Бидејќи нема многу екипи што целосно ги покриваат трошоците, кои изнесуваат и по неколку милиони евра. Сега засега најконкретни се преговорите со еден тим од Шпанија, но нема ништо конкретно. Имам некои разговори со луѓето од таму, да одам во Шпанија и да го пробам нивниот тркачки автомобил „сеат леон“ на патеката Каталуња во февруари. Но за тоа ми се потребни околу 15.000 евра. Доколку успеам да соберам средства, би сакал да отидам таму и да покажам дека имам квалитет и во кружни трки. Сепак, тоа нема да значи ништо. Доколку тимот од Шпанија сака да ме земе како нивни возач за следната сезона, ќе мора да обезбедам околу 300.000 евра, што е огромна сума за мене. Многу тешко одат преговорите со македонските компании за некакво дополнително спонзорство за да можам да го проширам мојот буџет и да можам да се натпреварувам во ЕТЦЦ. Сепак, имам уште два месеца, бидејќи шампионатите на кружни и на ридски патеки почнуваат во април. Ако не обезбедам средства за шампионатот во кружни патеки, повторно ќе се натпреварувам за титулата во шампионатот на ридски патеки и ќе се обидам да ја одбранам титулата.
Разговараше: Бојан Момировски
Фото: Ѓорѓи Личовски
(Интервјуто со Игор Стефановски – Иџе е објавено во 178. број на неделникот Република, 29.01.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.