| четврток, 6 декември 2018 |

Џулијан Асанж е сериозно болен, тврди неговата мајка

Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж има сериозни здравствени проблеми, вклучувајќи и долготрајна инфекција на белите дробови, изјави денеска неговата мајка во интервју за австралиското радио „Еј-Би-Си“.

dzulijan-asanz (1)

Како што пренесе ДПА, Кристин Асанж изјави дека нејзиниот син е, навистина, многу болен – има проблеми со срцето, хронична белодробна инфекција и длабока и остра болка во рамото.

Според неа, откако во 2012 година доби азил во еквадорската амбасада во Лондон тој имал можност само сосема кратко да биде на сончева светлина. Лекарите му препишале преглед со магнетна резонанса и по еден час дневно да поминува на сонце, но „Владата на Велика Британија го одбива тоа“, изјави мајката на Асанж.

Еквадорската амбасада во Лондон на Асанж му даде азил за да ја избегне екстрадицијата во Шведска, каде што тој е осомничен за извршување сексуални кривични дела.

Од 2014 година се појавуваат различни информации за здравствената состојба на Австралиецот, потсетува ДПА. Во јули минатата година „Дејли телеграф“ цитираше извори од „Викиликс“, според кои, Асанж има аритмии, хронична кашлица и висок крвен притисок. Оттогаш неговите адвокати даваат оцени дека здравјето му е кревко.

Еквадорските власти инсистираат на негово привремено ослободување од одговорност за да може да му се извршат прегледи.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top