| четврток, 6 декември 2018 |

Кој добива, а кој губи од евтината нафта?

Додека поединечни компании што се занимаваат со фрактурирање нафта ќе пропаднат, Западот како целина ќе ужива во поевтина енергија и ќе го чува методот со фрактурирање на готовс во случај да се зголемат цените на нафтата како некогаш. Во меѓувреме, Западот како култура се префрли кон позелена енергија: почистиот воздух е исто толку голем мотив за младите од Запад како што е избегнувањето да се ставаат пари во џебовите на режимите како тие во Саудиска Арабија

Може да настане вистински хаос доколку земјите зависни од нафта не ја сменат неуспешната економска политика.

2003 година беше различна ера. САД водеа војна во Ирак; Русија се сметаше за џин на стаклени нозе; економскиот развој на Кина баботеше, но не се закануваше; Дубаи беше непознат; а САД изгледаа како вечно да ќе бидат увозник на нафта.

Многу работи се променија оттогаш. Но, денес, цената на нафтата падна на 27 долари за еден барел, што за последен пат беше забележано во почетните денови на првата администрација на Џорџ В. Буш.

 

svet178-nafta-2

Прво, како дојдовме до оваа ситуација?

Се сеќавате ли на лудилото од 2008 година, кога нафтата достигна цена од 140 долари за еден барел? Тогаш шпекулантите ја наметнуваа цената надвор од разумот, а потоа гледавме како побарувачката исчезнуваше за време на големата рецесија. Но, цените се зголемуваа со добра причина: растечката светска економија значеше дека цените постојано ќе се зголемуваат.

Високите цени создадоа поттик за алтернативи. Луѓето и владите заедно пронајдоа природен гас, зелена технологија и почнаа да извлекуваат нафта со хидраулично фрактурирање. Најголема благодат беше фрактурирањето, што им овозможи на САД одеднаш да излезат како нафтена суперсила во 2013 година.

Тоа ги исплаши Саудијците и нивните сојузници. Саудиска Арабија ја сметаше нафтата за оружје што го искористи против Западот по Арапско-израелската војна во 1973 година. Но, место да го поттикне Западот да се откаже од Израел, ги принуди западните држави, предводени од САД, да најдат алтернативи: нуклеарна, соларна и ветерна. Тоа ги исплаши Саудијците, кои сфатија дека Западот може, ако му се даде доволно време и стимулација на пазарот, да најде постојана замена за арапската нафта.

Оттогаш, па натаму, Саудиска Арабија и нејзините сојузници во Советот за соработка во Заливот ја скроија попрецизно политиката за нафтата. Цената на нафтата мораше да остане доволно ниска за да се задржи зависноста на Западот, но сѐ уште дозволувајќи им на државите од ССЗ да се развиваат со темпо прифатливо за нивните граѓани.

Затоа, дури и за време на танкер-војната меѓу Ирак и Иран, нафтата остана евтина: Саудиска Арабија беше решена. Покрај катастрофите како уништувањето на нафтената индустрија на Кувајт од страна на Садам Хусеин, Ријад ја чуваше ниската цена на нафтата и го спречуваше зацврстувањето на другите играчи.

И тука имаше придружни ефекти. Евтината нафта ги спречуваше непријателите на ССЗ како Советскиот Сојуз и Иран; по војната меѓу Иран и Ирак, Иран ги ограничуваше странските авантуристи, додека СССР банкротираше делумно поради тоа што не можеше да ги искористи своите огромни нафтени резерви за да ги избалансира сметките.

Ваквата состојба на работите продолжуваше како што се намалуваа резервите на Америка. Но, почнувајќи со инвазијата на Ирак во 2003 година, цените на нафтата почнаа стабилно да се искачуваат. Тоа се случи во исто време со производствената експанзија на Кина.

Тоа беше толерантно бидејќи се веруваше дека Западот немал друг избор освен да продолжи да купува нафта од ССЗ. Земјите од ССЗ како Обединетите Арапски Емирати почнаа да реализираат мегаломански проекти. Касата на ССЗ беше преполна. Забавата продолжи од 2009 година до 2014 година.

Американските инвеститори од нафтената индустрија имаа стимулација на пазарот за конечно да направат нешто во врска со зависноста од арапската нафта. Почнаа со примена на методот со фрактурирање, кој постои од 1950 година, но никогаш не бил доволно профитабилен и за брзо време го усовршија. И одеднаш дојде до израмнување.

Тоа беше стратегиска закана за ССЗ. САД, конечно, развија сигурна алтернатива што длабоко ќе ја поткопа енергетската стратегија на Саудиска Арабија. Но, згора на тоа, светот многу се промени од 2003 година. Жедта на Кина за нафта се намали; Русија и Иран, и двете зависни од високата цена заради функционирањето на нивните економии, му помагаа на сирискиот диктатор Башар ал-Асад, на големо разочарување на ССЗ и на Соединетите Американски Држави. И развојот во рамките на ССЗ покажуваше дека цените на нафтата за режимите се превисоки за да ги постигнат нивните буџетски цели.

Сепак, ССЗ имаа резерва пари. Како што цената на нафтата опадна пред кинеското забавување и револуцијата на фрактурирањето, ССЗ одби да го намали производството. Тука работите почнаа да одат по надолна линија. Русија, придушена со санкции, не можеше да си дозволи да го намали производството. Венецуела, друга клучна држава на ОПЕК, имаше свои проблеми и очајно ѝ беа потребни колку било пари што нејзината неспособна влада би можела да ги добие. Последната капка ја прелеа чашата минатата недела, кога ОН ги укинаа санкциите против Иран. Падот на цената добива повеќе смисла во такви околности.

 

Кои се победници и губитници во оваа ситуација?

Победникот е претежно Западот. Дури и Норвешка, која е сопственик на големи резерви нафта, ќе ја преживее бурата: Норвежаните пред многу години решија да ги чуваат своите екстра-пари место да ги расфрлаат. Додека поединечни компании што се занимаваат со фрактурирање на нафта ќе пропаднат, Западот како целина ќе ужива во поевтина енергија и ќе го чува методот со фрактурирање на готовс во случај да се зголемат цените на нафтата како некогаш. Во меѓувреме, Западот како култура се префрли кон позелена енергија: почистиот воздух е исто толку голем мотив за младите од Запад колку што е избегнувањето да се ставаат пари во џебовите на режимите како Саудиска Арабија.

 

svet178-nafta-3

Губитниците, пак, се речиси еднакво нелиберални производители на нафта, но во различен степен

Русија има посилна и поразновидна економија од поранешниот Советски Сојуз, па, ниската цена на нафтата, најверојатно, нема да биде фатална. Но, ќе биде фактор што ќе ги ослабува нејзините амбиции со тек на време. Недостигот од пари од нафта ќе го направи кронизмот на Путин сè побесрамен и потежок да се поткупи; тоа би можело да ги наруши темелите за општествениот договор на Путин, овозможувајќи им на другите играчи да се здобијат со поени против него. Тоа, исто така, би можело да го направи Путин понесовесен: ако нема што да постигне во земјата, тој ќе се сврти кон надвор за да добие евтини победи. Меѓу неговите жртви може да се најдат Украина, Грузија и Централна Азија.

Венецуела веќе се приближува кон дното: намалувањето на цената на нафтата само ќе го забрза тоа. Опозицијата во Венецуела ја презеде власта во законодавниот дом, но, во годините што доаѓаат, Каракас може да се соочи со хаос во стилот на Грците, како што наследниците на Уго Чавез се борат со неговите непријатели. Добрата вест е дека сето тоа остана неверојатно мирно и пониските цени на нафтата, веројатно, само ќе ги ослабнат чавистите. Лошата вест е дека претседателот Николас Мадуро има мотив, исто како и Путин, да поттикне немири во странство за да си ја спаси сопствената кожа.

Иран не е во толку очајна состојба, откако веќе се загуби од долгогодишните санкции, но враќањето од режимот на санкции нема да биде толку брзо како што се надеваа голем број Иранци. Тоа би можело да доведе до повратен удар, иако тоа лесно се чувствува и кај либералите и кај конзервативците: либералите ќе биде обвинети бидејќи го потпишаа нуклеарниот договор што, сепак, не донесе брз просперитет, додека конзервативците ќе заработат малку презир поради санкциите што ги заработија. Се чини дека разнишаната иранска држава помалку ќе ризикува во странство поради своите внатрешни поделби.

Саудиска Арабија не е баш во најдобра форма: Саудијците не се навикнати, а особено нивната влада. Откако ја почна војната во Јемен и реши да се обиде да се пробие со фрактурирана нафта, трошоците се зголемуваат: Ријад може да остане без пари за само четири години. Постојат многу финансиски трикови што Саудиска Арабија може да ги изведе: може да го зголеми долгот, да ги намали субвенциите, да откаже проекти, но ниту една од овие акции нема да ја зголеми нејзината стабилност. Саудијците дури размислуваа за продажба на акции во државната нафтена компанија ААРМКО, иако, како што, најверојатно, во практика тоа само ќе им дозволи на веќе богатите саудиски шеици да купуваат акции и нема да се донесуваат нови странски инвеститори.

Саудиска Арабија барем има некоја контрола врз својата судбина; ако го намали производството, тоа би можело повторно да ги зголеми цените на нафтата. Но, се чини дека кралот Салман и неговиот режим се решени да се обидат со фрактурирање на нафта пред да го направат тоа. Тоа, исто така, ѝ овозможува на монархијата да ги направи потребните социјални реформи, да им даде отказ на бескорисните владини работници, да ги протера странските работници и да се обиде да го модернизира својот човечки капитал. Но, тој процес нема да ѝ донесе многу пријатели на Саудиска Арабија.

 

svet178-nafta-4

Дојде крајот на мегаломанијата на нафтениот деспот: така е и најдобро

Цените на нафтата, најверојатно, нема повторно да се вратат на нивото од 2008 година. Методот со фрактурирање на нафта, можеби, ќе поскапи, но нафтените компании секогаш може да го остават настрана и да чекаат подобри денови. Тоа е клучот што нафтените режими никогаш повеќе нема да ја добијат моќта што ја имаа. Постои трајна алтернатива што само ќе се подобрува.

Го има потенцијалот да ги контролира режимите со ограничување на моќта што ја имаат. Но, може да настане поголем хаос ако лидерите не ги сменат неуспешните економии или неуспешните социјални реформи. Русија покажа таква тенденција; за државите зависни од нафта, Москва ќе остане таа што ќе покаже натамошно насилство.

Но, ова е, навистина, една нова ера. Нафтата ќе биде важна, но толку пресудна како што беше некогаш. Ријад и другите може да чекаат подобри денови и да се надеваат дека ќе ги пребродат промените.

 

Извор: „Атлантик сентинел“
Превод: Ана Цветаноска

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top