Живееме во земја во која лидерот на опозицијата и неговите најизвикани чеда секој вторпат се демантираат самите себеси, во 25 отсто од случаите се фатени во лага од институциите, а останатите 25 отсто ги демантира некој од странство. По Израел, Словенија и ЕУ, сега на ред дојде и Германија. Не поради друго туку поради отрезнувачи ефект кај членството, бидејќи на илјадниците деманти од дома „синокрвните“ следбеници се добро истренирани да не веруваат. Уште полошо е што спасителот од Муртино, очигледно, ја создал врхушката по сопствениот лик. Така барем говорат искуствата од нивните најистурени „борци за слобода“, или барем тоа требаше да бидат антипроектните, колерични технички министри и дополнителни побратими, секогаш расположени за отпуштање и за унапредување на партискиот кадар. Сега и лажговци…
Досегашните дејанија ве тераат да се замислите дали партискиот кадровик за висока позиција во СДСМ најголемата оценка ја дава на оној што најдобро лаже или на оној што најлошо лаже. Добро, очигледно е дека поени добивате и ако сте од Крива Паланка, а ви одземаат поени ако сте од Скопје. На лагата ѝ се куси нозете, а на лидерот рејтингот. Ова е најкраткото сиже на досегашното дејствување и на резултатите од актите на оваа гарнитура која ќе остане позната по огромната, акумулирана омраза, по лагите и по бескрупулозноста. Проблемот во огромниот број лаги, пак, не е во лошата меморија, туку токму во невистината. Логиката е едноставна и вели дека ако секогаш ја говорите вистината, тогаш немате потреба да памтите што зборувате, нели? А поголемиот проблем не е што си ги излажал, туку што оттогаш па натаму, луѓето нема да ти веруваат. А не, пак, да гласаат за тебе…
Лажна афера против „Фабриката за афери“
Македонија е уникатна по повеќе особини, карактеристични само за ова тло: опозиција која се плаши од избори, охридска пастрмка, криминоген и аболициран лидер кој се бори за враќање на „слободата“, Молика, партија која бојкотира десет пати во четири години, опозиција која прислушува власт и дузина други творби. Од неодамна, пак, имаме и ендемски министри, кои не се такви единствено поради тоа што министеруваат во владата на својот политички противник, ниту по тоа што од нив двајца, едниот веќе го унапреди сопругот на единствената партиска колешка во истата таа влада. Имаме министер кој, очигледно, лаже и ни на крај на умот не му е да се извини за тоа.
Партиска задача во создавање „мала дигресија“ во смалувањето на поразниот ефект на „Фабриката за афери“. Особено грда во набедување конкретни лица со име и презиме од спротивниот табор дека сториле нешто што нема ни „К“ од криминал во себе. Веројатно, мал е бројот на земјите каде што министерот за внатрешни работи, наместо да се бори со криминалот, оркестрира афери, неосновано клевети јавни личности и измислува случаи, кои испаѓаат обична техничка грешка. Уште погрдо е кога, по урнекот на лидерот во Израел, ќе ве демантира угледна државна германска компанија, со најава за тужба за нанесената штета. Најбедно е што, сепак, вие сте знаеле цел еден месец за вистината на нештата, но поради партиски интереси и цели сте ја прескокнале, не заобиколиле. За да биде контроверзноста уште поголема, истиот тој министер, кој од ракав тресе решенија, разрешува професионалци и наградува послушници, е сликан со семејството на Захир Бекири – Чауш, криминалец од памтивек со дебело досие. Можеби, тој му го купил и фамозниот тепих со дизајн на класје. Злите јазици веќе шушкаат дека ова е еден од омилените дезени во Куманово… Како и да е, Германците јасно демантираа и ја презедоа целосната вина за урнеците за возачки дозволи чија фама ја создаде СДСМ. Да, по Фокусовите пасоши и личните карти им недостасуваа уште возачки дозволи. По уривањето на приказните, пак, за личните карти и за пасошите кои, сепак, ги печател Чаушот, а возачките ги изврти и ги измисли Спасовски, дали е на ред квазиафера за членски картички од библиотека – т.е. вмровците сакале да ги наместат овие чисти и чесни социјалдемократски души затоа што читале субверзивна и порнолитература?! А ним единствените книги по „Зоки Поки“ да им биле транскриптите од петардоидните бомби, оние истите што Катица никако да ги заведе. Можеби и таа не го прави тоа целосно внесена во едукативното „рекла-кажала“ четиво спакувано во шесте кутии на Заев. Разговори за кои не ни знаеме колку се, со кого се, оригинални ли се. Битно Катица знае и чита. А во пауза, за размрдување, си ги отпушта обвинителите без кои не можеше ни да замисли да почне со работа. Занимација…
Тепихот во фокус на разврската на лагите
„Биљмези, подобро ко баба Зумбула да ве смотаа во тој тепих непрокопсан“ – ова е само еден од коментарите на лутите и гневни опозициски следбеници на социјалните мрежи, кои ни самите не можат да поверуваат дека нивните стратези и јуришници до толку ја утнаа работата. Искрено, поголема утка од тепихот на Чауш, кој е ист со снимките во лажната афера со пасошите што СДСМ ја злоупотребуваше долго време, е само доколку се утврди дека влечките што ги носи лицето на видеото (кое е „истражувачки“ доставено до „Фокус“, а потоа лиферувано до сите опозициско-соросоидни гласила) се во шкафот за обувки на Чаушот.
Нивото на трагикомичен аматеризам во СДСМ веќе одамна е константа и не ги изненадува граѓаните, но што е многу-многу е. Ни помалку ни повеќе, пасошите да ти ги печателе, како што милува да каже Заев, во домот на пријателот на Спасовски и соработникот на Заев. Ах, да, и криминалец со „специјална“ пријателка на „Фејсбук“. Закоравените „со сина крв“ ќе речат дека има многу такви теписи кај пластичарите, но, сепак, случајностите со домашното уредување и случајностите со познанствата и пријателствата со гореневедените се премногу очигледни. Зборуваме за истиот тој Чауш кој долго пред Катица Јанева ги имаше прислушуваните разговори или „само“ 70.000 од нив во папка со име „Заев СДСМ“, човек кој беше дел од подготовката на мегаафери со лажни банкарски сметки и со бугарски пасоши за раководството на владејачката партија во случај во кој при нивното апсење беше обелоденето дека еден од осомничените (Чауш, Сума или друг) разговарал со Заев и со Спасовски?! Премногу, премногу „случајности“ во кои е тешко да ги убедите граѓаните. Поради историјата со името, знамето, транзицијата, територијалната организација, пучовите, поткупите, тендерите, кириите и што ли не… Истите тие граѓани, поведени од искуството, ни на крај памет не очекуваат партијата, која наголемо ги злоупотребуваше овие фингирани афери, да ѝ се извини на јавноста за искажаните лаги и навреди кон политичките противници. Уште помалку тоа се очекува од соросоидните медиуми и особено од неделникот што ги „протури“ овие лажни афери. „Сѐ за службата“ – стара екскомунистичка поговорка која ги оправдува средствата за постигнување на целта. Единственото прашање би било – во служба на кого? На Македонија и на граѓаните сигурно не. Дефинитивно…
Костов: СДСМ да ја обвини Меркел за лажни документи на избори
Лудвиг Видгенштајн во своите „Филозофски истражувања“, констатирал дека лажењето е јазична игра како и секоја друга. Така, како и секоја игра, и лажењето е неверојатно интересно, но тоа е и извонредно заразно, вели истражителот и колумнист, Сотир Костов, автор на неколку дела на оваа тема.
Костов: Кога прв пат ќе паднеш во искушение да излажеш, ако не му одолееш, еднаш засекогаш стануваш зависен од него. На тој начин се доведуваш во многу незгодна состојба да го употребуваш, во сите ситуации и пригоди кога си во тесно или си притиснат (од аргументите, од фактите, од доказите), т.е. од фактичката состојба на работите во реалноста. Резултатот е тоа дека стануваш зависен од лажење за сѐ и сешто, т.е. тоа ти станува еден вид фискултура на мозокот, кога сакаш да си веродостоен, или ментална гимнастика, кога сакаш да шокираш (небаре изведуваш дотогаш невиден и неверојатен гимнастички елемент) со тоа што ѝ го соопштуваш на јавноста.
Ете, техничкиот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, го доживувам како таков зависник, зависник од лажење, и како еден од креаторите и дизајнерите на „Фабриката за афери“, кој почна да ја лаже македонската јавност уште пред да стапи на должноста технички министер (кога рече дека за таа позиција СДСМ ќе номинира врвен стручњак и докажан експерт, и дека тој министер нема да прави непотребни и неосновани кадровски смени во МВР). Тој толку е заљубен во оваа дисциплина, што постојано и непрекинато ја применува. Многу длабоко е заглибен во лагите за лажни пасоши и лажни лични карти, наводно направени од ВМРО – ДПМНЕ, поточно од Владата на РМ, така што веќе до гуша е пропаднат во живиот песок, кој самиот (најверојатно поттикнат и стимулиран од Заев и од Шекеринска) го создава, што е голем апсурд, но и самиот во него тврдоглаво и безочно навлегува, што е, пак, уште поголем апсурд, апсурд кој води во политичко самоубиство. Како тоа да му беше малку и недостатно, се обиде уште еднаш да ја шокира македонската јавност со наводната афера за лажни формулари за возачки дозволи, т.е. со повторен обид за фалсификат и украдени идентитети на граѓаните на Македонија. Сторители, се знае: МВР и ВМРО – ДПМНЕ.
Додека за првата афера го зафркна пројавувањето на „ликот и делото“ на Чаушот (но и тепихот кај него дома), за кого Заев вели дека е најревносниот активист на СДСМ, за вторава монтажа, богами демантот дојде од фирмата „Веридос“, фирма која ги изработува споменатите формулари за возачки дозволи, но и фирма, која ни помалку ни повеќе, е фирма во мнозинска сопственост на Владата на Република Германија. За да биде апсурдот поголем, истата фирма, уште во декември 2015 година си ја признала грешката, ја презела одговорноста, прифатила да ја надомести штетата и најкултурно и најљубезно се извинила, како што налагаат моралните принципи на деловноста и на меѓународниот менаџмент. Тоа за нормалниот деловен свет е енде – завршена работа, што би се рекло на задоволство на двете страни: на македонската страна, на МВР, и на германската страна, на владината фирма „Веридос“. Е, арно ама тоа и така, според начертание од Оливер Спасовски, а послание од Заев, Шекеринска и СДСМ, не може, ама никако не може. Нивното политикантско евангелие вели дека тука има криминал на началството на ВМРО – ДПМНЕ, а богами не се амнестирани и раководството на МВР и целата влада. И точка. Така и никако поинаку. Мора да падне вмровска крв, мора да биде компромитирана владата на Никола Груевски. Компромитирање до паѓање. Арно ама, пак проблеми за техничкиот министер, и останатите ниту-риби-ниту-девојки од СДСМ. Гравитацијата, како на слободно паѓање, така и на сите други видови, или ако сакате, законот за универзалната гравитација, не функционира според социјалдемократски принципи. Нема друго: или да го проучуваат Њутн, или пак да чекаат да ги удри јаболко по главата, за да добијат просветлување или ефект еурека. А дотогаш им советувам: за аферата со лажните пасоши и личните карти да го обвинат Оливер Тоскани, кој е вистинскиот творец на „Фабрика“ на Бенетон, фабрика во која се воспитуваат дизајнери, креатори и новинари за афирмирање на брендот, и тоа да биде обвинение за лажна франшиза. Тука можат да размислуват и за обвинение против Бучковски, кој прв направи погрешна примена на франшизата за „Фабрика’’. Доколку не можат да го направат тоа, тогаш право кај Миле Тепих, врвен експерт за теписи (навистина го мислам тоа), и да бараат од него вештачење, со кое ќе се покаже и докаже дека тепихот од снимката „Афера пасоши и лични карти“, и тепихот од семејната куќа на Чаушот, не е ист. Тоа што изгледа ист е чиста случајност. Истиот е, ама не е тој. Миле го може тоа. Тој чуда прави со теписи, и затоа го викаме Миле Тепих. А за аферата со лажните формулари за патни исправи, целата вина да ја насочат кон Ангела Меркел, како единствен виновник за лиферување на лажни документи за гласачите во Македонија пред одржувањето на предвремените избори. Така и ќе „докажат“ дека во Македонија се гласа со возачки дозволи, и ете ти однапред технички избори, технички победници, технички резултати. Како порачано за нив. Чиста случајност.
Пишува: Љупчо Цветановски
(Текст објавен во 178. број на неделникот „Република“, 29.01.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.