| четврток, 6 декември 2018 |

И Македонци во публиката на маратонот во Бостон

За среќа, јас и моето семејство, иако сме многу загрижени, сме добро, вели Македонец, кој живее во Бостон, а чија сестра дента била во публиката што го следела маратонот.

– Сѐ беше добро, денот беше совршен, атмосферата величествена и одеднаш сѐ се претвори во ужас, кој никој не го очекуваше – изјавил вчера во телефонскиот разговор за „Дневник“ скопјанецот Љ.К., кој повеќе години со своето семејство живее во Бостон.

– Јас и моето семејство сме добро. Мајка ми, татко ми и брат ми се надвор од Бостон и тие се во паника поради тоа што се случува – раскажал Македонецот за првите мигови по експлозијата на двете бомби на завршувањето на маратонот, во која загинаа најмалку три лица, а повеќе од 180 се повредени.

Соговорникот на „Дневник“ открил дека тој, неговата девојка и сестра му биле многу блиску до местото каде што се случиле експлозиите. Биле договорени да се најдат на одредено место, а потоа заеднички да продолжат на прошетка и да го слават Денот на патриотите.

На прашањето дали меѓу настраданите има и Македонец, тој рекол дека постојано контактира со пријателите на социјалните мрежи, но нема информации дека настрадал некој нашинец.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top