Нови 200 вработувања ќе се реализираат преку мерката за финансирање поестоечки микропретпријатија и мали претпријатија за што се се издвоени вкупно 18 милиони и 400 илјади денари. Секое новоотворено работно место во претпријатијата ќе се финансира со по 1.500 евра. Огласот за мерката е отворен денеска и нема временско ограничување, односно ќе трае додека не се исполни предвидената бројка.
Како што појасни денеска заменик-министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, заинтересираните компании можат да аплицираат за отворање од 1 до 5 работни места, а средствата ќе ги добијат во опрема и репроматеријали.
Триесет проценти од средствата, појасни Спасов, ќе бидат наменети за субвенционирање на отворање работни места за млади до 29 години, односно ќе бидат отворени осумдесетина работни места за овие лица.
– При досегашното спроведување оваа мерка се покажа како многу успешна, или најуспешна од сите мерки. Со неа се отворени 569 работми места, а успешноста и одржливоста на новите работни места е 90 проценти – рече Спасов.
Директорот на Агенцијата за вработување, Влатко Попоски, појасни дека претпријатијата кои ќе аплицираат треба да имаат најмалку еден вработен. При апликацијата треба да достави бизнис план за идните вработување и проширувањето на бизнисот. Ќе се проверува и дали претпријатијата имаат долгови по основ на даноци или придонеси.
Претпријатијата ќе можат да побараат помош за отворање работни места за едно до пет лица, и за онолку колку ќе му бидат одобрени ќе добие средства кои, како што појасни Поповски, не се парични туку во опрема и репроматеријали.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.