Од јули до декември минатата година Собранието на Република Македонија одржало 32 седници, од кои 25 работни, пет за пратенички прашања и две седници за обраќања. Притоа донело 396 закони од кои најголем дел или 212 се од економската област, 107 од јавните дејности и 76 од областа на политичкиот систем.
Карактеристично за овој период од работата на Собранието е вклучувањето на пратениците од опозицијата.
Според 16. број на публикацијата „Мој пратеник“ лидерите на најголемите партии на албанците ДПА и ДУИ Мендух Тачи и Али Ахмети, кои се и пратеници, како и во првата половина на 2015 година се со најмногу оправдани отсуства. Тачи оправдано не присуствувал 78 пати, а Ахмети 72 пати.
Листата на пратеници што немаат отсуство од пленарните седници ја предводи првиот човек на Собранието Трајко Вељаноски, а зад него се Рафиз Алити, Љупо Димовски, Весна Дамчевска – Илиевска, Калтрина Азизи, Благица Ласовска, Иван Иванов…
Горан Сугаревски од СДСМ е пратеникот што во овој период поднел најголем број предлог-закони – 21, а воедно и пратеник со најмногу поставени пратенички прашања – 12. По Сугарески, Павле Саздов од ВМРО-ДПМНЕ е втор по поставени пратенички прашања. Тој седум пати побарал одговор од претставниците на Владата.
Најмногу амандмани во истиот период поднел Имер Алиу од ДПА – вкупно 399, а најмногу за дискусии, 27 пати, се јавувал Марјанчо Николов од СДСМ.
Сугарески имал најмногу реплики и контрареплики – 99, а имал и најголем број процедурални интервенции 24, а една помалку од него имал Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ.
Во брошурата се наведени и 23 пратеници што не дискутирале на пленарни седници и осум што не дискутирале на седници на собраниски работни тела и комисии. Најголем број дискусии на овие тела и комисии имале Зоран Илиоски и Роза Топузова – Кареска. Илиоски дискутирал 41, а Топузова – Кареска 36 пати.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.