Ова јужно овошје го јакне имунитетот, го регулира крвниот притисок и варењето и помага при главоболки и стрес.
Зимата е период кога телото и имунитетот се на постојан напад на вируси и бактерии, сув и загаден воздух и ниски температури. Исто така се јаде повеќе преработена и висококалорична храна, а помалку овошје и зеленчук. Токму затоа треба на природен начин да го заштитите телото, а тоа значи јадење повеќе свежи производи. Кивито е моќно овошје што треба задолжително да го имате на вашето зимско мени бидејќи го јакне имунитетот, го регулира крвниот притисок и варењето и помага при главоболки и стрес. Исто така го намалува ризикот од појава на срцеви болести, мозочен удар и тумор, а го снижува и холестеролот, ги неутрализира слободните радикали и ги отстранува токсините од организмот.
Кивито е вкусно и здраво, вистинска ризница на витамини, а посебно C, A, E и B комплекс, како и минерали како калиум, калциум, фосфор, магнезиум и железо. Со редовно јадење свежо киви се намалува количеството на трициглериди во крвта за 15%, а ова овошје помага и во зараснувањето на рани, одржување на здрави коски, заби и непца, како и за апсорпција на железо.
Позитивно делува на системот за варење бидејќи ја одржува рамнотежата меѓу корисните и штетните бактерии во цревата. Кивито се препорачува во исхраната на бремените жени бидејќи е богато со витамин B и фолна киселина што помагаат за правилен развој на фетусот.
Напомена: иако свежото киви е многу корисно, особено во зима, се препорачува внимателно консумирање бидејќи може да предизвика алергија. Нутриционистите препорачуваат да се јадат најмногу две три киви дневно.
Смути против настинка
Излупете и исечете едно киви, портокал, морков, јаболко, банана, лимон и додадете една или две лажици мед, а потоа изматете ги во миксер или блендер. По желба може да додадете и вода. Ова смути е витаминска бомба што ќе ве заштити од настинка. Се препорачува да го пиете наутро.
Сок за регенерација на организмот
Овој напиток освен што одлично делува на кожата исто така позитивно влијае на расположението. Миксирајте две киви и сок од цел лимон. По желба засладете со две лажички кафев шеќер и додадете малку ѓумбир во прав или цимет.
Извор:Пиксел.мк
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.