Реал Мадрид е првиот учесник на фајналфорот во кошаркарската Евролига, откако вечерва славеше и на третиот натпревар против Макаби со 57-69.
По двете победи на домашен терен, Реал Мадрид вечерва победи и во „Нокиа арена“ во Израел, и со 3-0 експресно си обезбеди место меѓу најдобрите четири екипи во Европа.
Џејси Керол со 16 поени беше предводникот на шпанскиот тим, кој сосема заслужено се најде на Фајнлфор.
За разлика од Реал, Барселона се наоѓа пред елиминација, бидејќи губи со 1-2 во полуфиналната серија до три победи против Панатинаикос. И повторно како на првите два меча во Барселона и сега во Атина беше незивесно до крајот. Победи Панатинаикос со 65-63, а сите три дуели завршија со тесен резултат. Првиот дуел по продолжение го добија каталонците со 72-70, а потоа Грците се реваншираа со драматична победа од 66-65. Тогаш Дијамантидис погоди тројка во финишот, за победа, а и вечерва беше клучот на успехот. Грчкиот репрезентативец повторно даде тројка во завршницата за предност на домаќините од 64-63, а трагичар на мечот беше Анте Томиќ со две промашени слободни фрлања, за пораз на фаворитот. Четвртиот дуел се игра задутре, повторно во Атина, а ако слави Панатинаикос ќе биде полуфиналист, по истото сценарио од пред две сезони, кога Барселона поведе со 1-0 во серијата и потоа ги загуби следните три натпревари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


