| четврток, 6 декември 2018 |

Управата за водење на матични книги од 1 февруари во нови простории

управа

Од 1 февруари годинава Подрачно одделение Скопје на Управата за водење на матичните книги ќе се пресели од зградата на МРТ во нови простории кои се наоѓаат на „Кеј 13 Ноември бб“, во поранешната зграда на Комерцијална банка, после Камениот мост.

Новите простории, како што информираат од Управата за водење на матичните книги, ќе функционираат на повеќе од 210 м2, опремени со модерни шалтери, целосно комјутеризирани, со голем хол во кој граѓаните ќе имаат услови да пополнат барања, да добијат информации за се она што ги интересира од областа на матичната евиденција.

Со преселувањето на ПО Скопје на УВМК ќе профункционира и електронското водење на матичната евиденција која подразбира низа поволности за граѓаните.

-­ Отсега на овие шалтери граѓаните кои се родени во другите градови во Република Македонија или имаат било каков запис во матичната евиденција, ќе може да поднесат барање овде и по електронската проверка, изводот од било кое матично подрачје ќе може да им се издаде и во Скопје. Со ова се намалува времето на чекање на граѓаните за изводи, се скратуваат трошоците за патување до одредени матичн подерачја, а граѓаните и сите оние кои имаат потреба од било каков документ од матичната евиденција поефикасно ќе ги извршуваат работите – велат од УВМК.

управа2

Оттаму додаваат дека преселувањето на ПО Скопје на УВМК е долго очекуван и планиран проект на УВМК со оглед на тоа што оваа подрачна единивца на УВМК има најголем обем на работа и барања за документи од страна на граѓаните. Ако на тоа се додаде дека во Скопје имаме и пет родилишта каде се раѓаат деца, тогаш само од уписите на новоредените имаме голема бројка на граѓани кои треба да се опслужат.
Според последните податоци за 2015 година, ПО Скопје на УВМК има издадено над 104.000 изводи од сите категории од матичната евиденција, има решено 577 управни постапки со што е овозможен дополнителен упис во матичните книги на родени, венчани или умрени, а издадени се и над 2.500 смртовници и над 2.400 уверенија за слободна брачна состојба. За сето ова се грижат околу 30 вработени во ПО Скопје на УВМК.
Новите просториои на ПО Скопје на УВМК ќе имаат повеќе реферати посветени посебно за матичните книги на родени, за матичните книги на венчани и матичните книги на умрени. На граѓаните ќе им бидат на располагање и шалтери за инфорамции на граѓаните, како и посебни места за електронско одобрување на изводите од другите градови.
Младите брачни парови, како што велат од УВМК, од 01.02.2016 година нема повеќе да склучуваат бракови во руинираните бараки во Општина Центар, туку браковите закажани за Сала Центар ќе се склучуваат во ексклузивниот простор на Музејот на македонската борба или пак во просториите на Порта Македонија, во зависност од термините кои ќе бидат закажани.
­- Административниот дел за постапката за склучување на брак, каде младите треба да поднесат документи за истото ќе се одвива во посебна просторија на ПО Скопје во зградата на Комерцијална банка, додека самиот свечен чин на склучување на бракот и потпишувањето во матичната книга на венчани ќе биде на веќе споменатите локации- информираат од Управата.
Со сите овие новини, според УВМК и вработените во ПО Скопје, ќе се подигне професионалното ниво на службата, а се во интерес на граѓаните и нивен ефикасен и брз пристап до податоците од матичната евиденција.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top