| четврток, 6 декември 2018 |

Катица како заштитник на криминалците

Ненад Мирчевски

Ненад Мирчевски

 

За само една недела специјалната обвинителка се најде во фокусот на вниманието со три настани, кои, навидум, немаат никаква допирна точка, но сите заедно кажуваат многу за тоа зошто Катица Јанева за обвинетите во „Пуч“ од ловец се претвори во тотем на криминалците што треба да ги лови.

Додека јавноста очекува од специјалната обвинителка да го оправда буџетот од 4,1 милиони евра преку спроведување темелни и транспарентни истраги, таа молчешкум игра некакви политички игри и влече чудни потези што константно ѝ го намалуваат кредибилитетот меѓу граѓаните. Популарноста ѝ расте само во очите на обвинетите Зоран Заев, Зоран Верушевски и Соња Верушевска, кои по прокиснувањето на „странскиот чадор“, сега во неа гледаат божица.

Откако направи голем пропуст со неизработувањето записник за примените материјали од четвртообвинетиот Зоран Заев, за кој сѐ уште не ја почитува јавноста да одговори на поставените прашања, Јанева влета во уште една грешка со противзаконско бркање на две обвинителки од својот тим. Секој што е малку упатен знае дека специјалната обвинителка нема мандат за поставување и за разрешување обвинители, односно дека тоа е работа на Советот на обвинители. Оттука не е сфатлива комоцијата со која обвинителката си дозволува да дава такво неиздржано образложение за потегот. Уште понесериозно е тврдењето дека не ѝ биле потребни обвинителките „поради намалениот обем на работа“. Ако е така како што вели, тогаш отворено признава дека Советот на обвинители беше во право кога ѝ определи двојно помалку соработници. Во исто време, признава и дека ја злоупотребила поддршката на амбасадорите, кои тогаш се потегнаа да излезат од рамките на своите надлежности само за таа да го добие целиот тим и сѐ што бараше. За овој случај интересен е уште еден детаљ. И покрај тоа што си дозволила самоиницијативно да ги отпушти обвинителките, воопшто не побарала намалување на буџетот во висина на нивните плати и придонеси. Зошто и што планирала да прави со тие пари, ќе треба самата да одговори. За целата ситуација Јанева ѝ должи на јавноста сериозни одговори, како и на уште еден куп прашања, меѓу кои и дали сѐ уште смета дека може да излезе на крај со предизвикот. Ако прави вакви катастрофални грешки уште сега, што може да се очекува од неа кога ќе влезе в судница?

Јавноста е оставена да чека со недели, па и со месеци, за информации во врска со предметите, но кога станува збор за испраќање политички пораки и презентирање политички ставови, обвинителката се покажа како многу брза. Така, иако Јанева се жалеше дека немала доволно време да се запознае со предметот „Пуч“, за што и бараше одложување на рочиштето, се покажа дека има доволно време преку својата страница на „Фејсбук“ да покаже „интерес“ за присуство на протестот против еврокомесарот Јоханес Хан и со тоа отворено да поддржи политички настан против еден од претставниците на Брисел, кој беше најупорен за нејзино назначување на функцијата. Кој е нејзиниот интерес да протестира против Хан, исто така, ќе треба да одговори самата.

Третиот настан што ја одбележи работата на обвинителката неделава е поддршката од Соња Верушевска за одобрениот буџет за Специјалното обвинителство. Барем досега, ниту се видело ниту се чуло обвинета да се радува што обвинител ќе добие пари за да ја изведе пред суд. Но ете, сега и по тоа ќе бидеме уникатни. Верушевска стана еден од најголемите обожаватели на Јанева откако таа го ослободи од притвор нејзиниот сопруг Зоран Верушевски уште пред целосно да се запознае со случајот „Пуч“. За потсетување, претходно и Заев изјави дека ќе се појави пред суд само ако Катица го води случајот против него.

Со ваков пристап кон работите не е ни чудо што главни „обожаватели“ на специјалната обвинителка стануваат обвинетите криминалци, а не граѓаните што ѝ го плаќаат луксузот. Затоа, едно од најтешките прашања на кои ќе треба да даде одговор прво пред себе, а потоа и пред јавноста е зошто обвинителката во очите на тие што треба да ги „лови“ место кошмар стана божица-заштитник?

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top