| четврток, 6 декември 2018 |

Димовски: Целата македонска, но и меѓународната јавност веќе ги прочита тактиките и блефирањата на СДСМ

Anketna komisija prislusuvanje - Gruevski (9) (Large)

Суспендирањето на работата на досегашната Анкетна комисија од страна на Петре Шилегов и СДСМ е очигледен обид да се најде причина повеќе односно да креираат причина повеќе за да избегаат од избори. Среќа е тоа што целата македонска јавност, но и меѓународната јавност веќе ги прочита тактиките и блефирањата на СДСМ во насока на нивната желба да избегаат од веќе договорените и изгласани со закон предвремени парламентарни избори на 24-ти април оваа година, рече на прес-конференција координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски.

Тој додаде дека сите постапки кои што Петре Шилегов и СДСМ ги направија со Анкетната комисија одеа во таа насока. Да се суспендира Анкетната комисија и да не даде резултати заради тоа што единствена политичка групација во ова Собрание која што очигледно има нешто да сокрие од сите овие афери со подземје, со прислушкување, со подметнување, со манипулации, е СДСМ.

-Да потсетам, дека следен кој што требаше да даде изјава пред Анкетната комисија во момент кога Шилегов ја укина Анкетната комисија беше Зоран Заев. Тој што беше следен да даде изјава е Зоран Заев. Зошто беше суспендирана Анкетната комисија, за да не дојде ситуација пратениците во Собранието на Република Македонија да му постават десетици и десетици прашања на Зоран Заев. Со кого тој соработувал, како ги добил снимките, какви ветувања давал на домашни и меѓународни фактори, која му била целта, колку материјали има, дали се сите предадени, дали не се сите предадени, каде ги чувал во меѓувреме, каде се одвивале средбите со разни фактори за кои што се зборува во јавноста. Од тие причини нас ни е совршено јасно дека целта на Шилегов и СДСМ беше оваа Анкетна комисија да не ја заврши работата. За жал, во Република Македонија во меѓувреме се појави нов огромен скандал поврзан со фабриката популарно наречена „Фабрика за лични карти“, но факт е дека таа фабрика имала многу повеќе линии на производство. Произведувала фалсификувани лични карти, фалсификувани македонски пасоши, произведувала фалсификувани бугарски пасоши, турски пасоши, кај себе таа фабрика чувала над 70 илјади снимки од разговори за кои што допрва треба да се утврди како стигнале до таа фабрика, кај себе таа фабрика чувала панцири, избирачки список со конкретни податоци на граѓаните таков каков што ниту една политичка партија или ниту еден поединец надвор од Државната изборна комисија и Министерството за внатрешни работи не смеат да имаат, случајно или не, со матични броеви на граѓани од Општина Центар, поседувала 120 илјади украдени идентитети и така натаму.

Како минува времето, очигледно станува јасно дека таа фабрика била политичка фабрика која што имала за цел да креира хаос во државата и да наметнува обвинувања на другата страна. Факт е дека се загрозени уставните начела за заштита на приватноста на граѓаните, но и се прекршени неколку значајни закони во Република Македонија и затоа ние ценевме дека, и не само ние, туку целокупното Собрание минус СДСМ, дека е потребно да се формира Анкетна комисија.

Иако сме со многу тесни рокови заради распуштањето на Собранието, ќе се обидеме колку што можеме повеќе да помогнеме да се дознае вистината за таа фабрика и да помогнеме на јавноста да добие прецизни и точни информации, но и да помогнеме на институциите – рече Димовски.

Петре Шилегов посочи дека Анкетната комисија, заради бојкотот и блокадата од страна на ВМРО ДПМНЕ, не успеала да ја исполни својата функција.

Дадовме пред десетина дена последна шанса или шанса доволно коректна на Никола Груевски и на Трајко Вељановски, да одржиме седница на која јавно ќе биде сослушан, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен премиер Никола Груевски, да даде исказ пред целокупната јавност. Истиот одбра наместо да се соочи со пратениците во Собранието на Република Македонија, да му ги постават прашањата коишто е заинтересирана целокупната јавност, на истиот ден да донесе одлука за незаконско распуштање на Собранието на Република Македонија. Од овие причини, сметаме дека оваа точка од договорот од Прижино, нема да може да биде исполнета, бидејќи Анкетната комисија нема да може до крајот на јануари месец коишто е за еден работен ден од сега, да достави до Собранието Извештај за својата работа и всушност ја покажува немање на политичка волја од страна на ВМРО ДПМНЕ, да се имплементира договорот од Пржино.Ќе бидеме денеска сведоци на една дрмолетка, започнување на работата на една контра-анкетна комисија која што ВМРО-ДПМНЕ, ја измисли со цел да направи обид во јавноста, да се издначи злосторникот и оној кои го соопшти злосторникот. СДСМ своето мислење во однос на оваа контра-анкетна комисија веќе го има јавно соопштено и немаме намера да учествуваме во евтината драма и театар која што ВМРО-ДПМНЕ сака да ја приложи во јавноста – рече тој.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top