Директорот на британската компанија „Алокејт софтвер“ Иан Бишоп ги презентираше идните планови за проширување на работењето преку отворање втора канцеларија во Скопје и вработување нови ИТ-кадри, за време на денешната средба со министерката за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска.
Како што соопшти Министерството, за време на средбата Иан Бишоп нагласи дека во нашата земја има многу талентирани и квалитетни кадри од областа на информатичката технологија кои сакаат да работат и напредуваат.
Министерката Арсовска Томовска од своја страна го поздрави присуството на оваа компанија во Македонија која на младите кадри им овозможува да стекнат нови знаења и искуства, а со тоа и да станат поконкурентни на пазарот.
Таа во исто време ја истакна заложбата на Министерството и на Владата во насока на создавање квалитетен ИТ-кадар и воспоставување стандарди и вредности кои ќе бидат препознаени во светот.
Компанијата „Алокејт софтвер“ со седиште во Лондон има свои канцеларии во Австралија и во Шведска и е водечки давател на услуги за специјалистички софтвер за постигнување оптимум на работна сила, а се занимава и со софтверски решенија од областа на здравството. Таа со работа во Македонија започна во март минатата година. Нивната нова канцеларија се очекува да биде отворена во март оваа година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.