Македонската ракометна репрезентација дополнитено стравува за квалификациите за Олимписките игри во Рио бидејќи главниот конкурент за местото Норвешка направи големо изненадување во последното коло од групата 1 победувајќи го европскиот шампион Франција со 29-24. Иако важеа за големи аутсајдери, Норвежаните одиграа далеку подобро отколку на завчерашниот дуел со Македонија, со извонредна одбрана ги неутрализираа бранителите на трофејот и на крајот заслужено се радуваа на победата што им го гарантира првото место во групата 1.
Франција одигра на ниво само во првиот дел од првото полувреме, кога избраниците на Онеста имаа и предност од 6-3. Сепак, следеше период од шест минути без постигнат гол по што Норвежаните го свртеа резултатот во своја полза. Во 22. минута резултатот гласеше 7-8 за Норвешка, а скандинавската селекција ја одржуваше минималната предност се до крајот на полувремето (12-13).
И повторно Французите играа солидно само на стартот од полувремето (16-16 во 38. минута), за потоа Норвешка целосно да го превземе темпото. Атомскиот напад на Норвежаните функционираше беспрекорно, по Омејер не успеа да го запре ниту Жерар, позитивата на скандинавците растеше се до самиот крај, се до конечните 24-29. Капитенот на триколорите одигра за првпат слаб натпревар кој не е својствен за него во текот на целата кариера успевајќи да фати само четири топки.
Голманот на Норвешка Еревик беше одличен со 12 интервенции, а во фазата на нападот Тонесен постигна шест, а Бјорнсен пет погодоци.
Само за потсетување, за Македонија да добие место на предолимписки турнир неопходно е Норвешка да не стане европски првак, или пак да игра финале против Франција. Втората опција е речиси невозможна, бидејќи за Французите да бидат една од четирите најдобри селекции потребно ќе им биде Хрватска да ја победи Полска со повеќе од четири, а помалку од единаесет гола разлика.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.