| четврток, 6 декември 2018 |

Владата ќе финансира продуцирање популарна македонска музика

Од 2014 година и во наредните пет години, Владата ќе дава државни пари за продуцирање популарна македонска музика – забавна, народна и музика за деца, преку конкурси што ќе ги спроведува Македонската радио-телевизија.

По десет композиции годишно ќе бидат финансирани од категориите „Таленти“, „Поттикнување семејни вредности и многудетни семејства“ и „Афирмирање на Република Македонија и нејзината историја“.

Според министерката за култура, причина за донесувањето на законот е евидентниот пад на продукцијата на ваков вид музика во последната деценија. Целта на законот е да ги стимулира финансиски изведувачите, а крајниот резултат да биде поголем обем и квалитет.

Според овој нацрт-закон, МРТ ќе објавува четири конкурси годишно (април, јуни, септември, декември) за субвенционирање 200 композиции во текот на годината – 50 песни за деца и 150 песни од забавната и од народната музика.

За секоја категорија има критериуми: број на албуми и солистички концерти во Македонија и во странство, број на домашни и меѓународни награди, учество на фестивали, меѓу кои се вреднува и во финалето на Евросонг.

Највисок износ е за категоријата „Ѕвезда“- 4.500 евра, од кои 3.000 за звучно снимање на песната и 1.500 за спот. Поддршката за детска песна е 400 евра, а за останатите категории е до 3.000 евра.

За генералниот директор на МРТ, Марјан Цветкоски, донесувањето на овој закон е историски момент.

09 estrada

Иво Јанкоски, издавач од продукцијата „Трето уво“, вели дека законот се донесува во најтежок и најнепродуктивен период за македонска музика кога доминира, како што рече, музичка депонија и грд шунд од Балканот. Но, нагласува дека тој ќе нема ефект ако медиумите не се придржуваат на регулативата за најмалку 30 проценти домашна музика во етерот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top