| четврток, 6 декември 2018 |

Се појави нов опасен вирус „Зика“

zika

Вирусот „Зика“, што го пренесуваат комарците, а за кој се претпоставува дека предизвикал оштетување на мозокот кај бебиња во Бразил, најверојатно ќе се прошири во сите држави на американскиот континент, освен Канада и Чиле, соопшти денеска Светската здравствена организација.

Вирусот го пренесуваат комарци, но изолиран е и во човековата сперма. Сепак, потребни се уште докази за да се потврди дека е сексуално пренослив, се наведува во соопштението од СЗО. Засега нема докази дека Зика се пренесува на бебињата преку мајчиното млеко. СЗО ги советува сите бремени жени кои планираат да патуваат во подрачјата каде што циркулира овој вирус да се консултираат со својот лекар, пред и по патувањето, пренесува „Танјуг“.

Опасниот вирус стигна и во Европа, откако се забележани случаи кај тројца Италијанци, четворица Британци и двајца Шпанци. На сите им е заедничко што се вратиле од Јужна Америка или од Кариби. Присуството на овој вирус сѐ уште не е пријавено во континенталните делови на САД, но жена која се разболела од овој вирус во Бразил, подоцна родила дете со оштетување на мозокот на Хаваи. Бразил пријави 3.893 случаи на микроцефалија, невролошка состојба која за последица има раѓање бебиња со абнормално мала глава, што е за 30 пати повеќе отколку во 2010 година. Во меѓувреме, властите во Рио де Жанеиро ги најавија плановите за спречување на ширењето на вирусот „Зика“ за време на Олимписките игри, кои се одржуваат ова лето во Бразил, јави „Би-би-си“.

Како што е соопштено, фумигацијата, односно примената на гасовите средства за регулација на популацијата на комарци кои го шират вирусот, ќе почне четири месеци пред почетокот на игрите и ќе се применува во сите олимписки објекти. Освен тоа, постапката ќе биде повторувана и дневно, за време на самите игри, наведува „Би-­би­-си“. Од бразилското Министерство за здравство го наведуваат и фактот дека Олимпијадата се одржува во август (од 5 до 21 август) кога температурите во тој град се најниски и кога количеството врнежи е најмало, па има и помалку комарци кои потенцијално можат да го пренесат вирусот. Министерството за здравство во Ел Салвадор претходно издаде соопштение за вирусот и ги советуваше жените да ја одложат бременоста за следните две години со цел да ги заштитат своите неродени бебиња од развивање микроцефалија.

Вирусот „Зика“ го шират комарците „аедес аегупти“, кои ја шират и денга и жолтата грозница. Овој вирус првпат е откриен во Африка во 1940 година, но сега со голема брзина се шири во Латинска Америка. Симптомите вклучуваат малку покачена телесна температура, осип, главоболка, болки во зглобовите и во мускулите и малаксаност. Симптомите обично се јавуваат два до седум дена по убодот од комарец. За повеќето луѓе „Зика“ е краткотраен и лесен, но влијанието на овој вирус на бебињата и на бремените жени е она што ги загрижува светските здравствени власти.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top