Земјоделскиот комбинат „Пелагонија“ АД Битола денеска во селото Новаци кај Битола свечено пушти во употреба два големи капацитети, првата биогасна централа со капацитет од три мегавати на час во Македонија и современа фарма наменета за 2.000 молзни крави.
Станува збор за вкупна инвестиција од околу 20 милиони евра, пари кои во најголем дел се обезбедени од редовното работење на ЗК „Пелагонија“. Ова е прв ваков капацитет во земјава способен да произведе толкаво количество „зелена“ енергија, во чија изградба се инвестирани 10,5 милиони евра.
– Изградбата на биогасни централи претставува најсовремено еколошко решение во развиените земји во светот за соочување со арското ѓубриво од фармите. Ние воопшто не заостануваме зад тој светски тренд. Напротив, можеме да се пофалиме дека сме една од најголемите фирми во Европа кои се занимаваат со производство на „зелена“ енергија, односно струја произведена од биогас – изјави Драган Китановски, директор на ДООЕЛ „Пелагонија- Енерџи“.
Најголемиот дел од технологијата и опремата во биогасната централа се набавени од реномирани компании од Италија и од САД.
Aмериканскиот амбасадор Џес Бејли, кој беше дел од гостите на свеченото отворање, посочи дека изградбата на биогасната централа во Новаци е придобивка за бизнисот, за заедницата, како и за животната средина.
– Како амбасадор сум горд што американски компании се вклучени во проектот со кои се обезбедува чиста енергија, која не е од јаглен, што за жителите на Битола е многу важно. Централата го решава и проблемот со отпадот, особено со гасот метан, кој придонесува за глобалното затоплување – изјави Бејли.
Паралелно со инвестицијата во биогасната централа, ЗК „Пелагонија“ вложи и во изградба на современи штали во Новаци со капацитет од 3.000 животни. ЗК „Пелагонија“ во изградбата и модернизацијата на фармата инвестираше 9,78 милиони евра.
– Секоја година внесуваме новини во сточарската технологија, а последните неколку години имавме значајни вложувања во делот на реконструкција и во изградба на сточарските капацитети. Континуираното вложување во технологијата и капацитетите придонесува ЗК „Пелагонија“ да ја задржи својата позиција на најголем производител на храна во земјава, но и постепено да ги освојува и пазарите во регионот – изјави Томе Давков, директор на ЗК „Пелагонија“.
Црвената лента на свеченото отворање заеднички ја пресекоа првите луѓе на биогасната централа и на комбинатот, Драган Китановски и Томе Давков, заедно со министерот за земјоделство Михаил Цветков и битолскиот градоначалник Владимир Талески.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.