| четврток, 6 декември 2018 |

Гани: ИД ќе биде „погребана“ во Авганистан

Авганистанскиот претседател Ашраф Гани порача дека џихадистичката група Исламска држава (ИД), чиј локален огранок е во судир со безбедносните сили и со талибанците, ќе биде „погребана“ во Авганистан.

gani

 

Во интервју за „Би-си-си“, Гани вели дека ИД не е авганистански „феномен“, како и дека свирепоста на нејзините припадници им е туѓо на луѓето во Авганистан.

– Тие се судрија со погрешни луѓе, кои сега се мотивирани од одмаздата – вели Гани.

Според авганистанскиот претседател, потребна е антиреакција на ИД на регионален план, како и на меѓународно ниво. Тој признава дека станува збор за „значајни ризици“ и открива дека има започнато дипломатска иницијатива за обезбедување регионален консензус во борбата против ИД.

Огранокот на оваа џихадистичка група во Авганистан е создаден во јануари 2015 година, од поранешни припадници на авганистанските и на пакистанските талибанци.

Американскиот Стејт департмент веќе реагираше на појавата на ИД во регионот на Средна Азија, откако минатата недела и формално ја означи авганистанката Исламска држава како терористичка група.

Ашраф Гани во интервјуто се заложи и за започнување на мировните преговори со талибанците, нагласувајќи дека доколку разговорите не почнат во април, судирот во земјата сигурно ќе се интензивира.

– Проблемот со талибанците не може да се реши со употребата на сила, само во Авганистан – вели претседателот Гани, сугерирајќи му на Пакистан да преземе мерки против тамошните талибанци, доколку тие не прифатат мировни преговори.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top