Заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски, ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип Блажо Боев и градоначалникот на Општина Штип Илчо Захариев ги посетија лабораториите во Кампус 2 каде што се наоѓаат природно-техничките факултети и Одделот за стоматологија во рамките на Медицинскиот факултет во старото текстилно училиште.
Ристовски истакна дека лабораторијата за минерална технологија, чијашто инвестиција изнесува 26 милиони денари, е исклучителна лабораторија во која се вршат комплетни истражувања за минералните суровини, амбиенталниот воздух и за заштита на животната средина.
– Стоматолошката лабораторија е исклучително добро направен проект, кој е веќе завршен. Имаме комплетен Стоматолошки оддел за протетика и за вилици и практично овде студентите можат да имаат одлична практична настава во текот на нивното студирање, а истовремено по добивањето на дозволата ќе може на овој оддел да се даваат и стоматолошки услуги за граѓаните на Штип – рече заменик-министерот.
Ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип Боев истакна дека комплетната инвестиција во Стоматолошкиот оддел на Медицинскиот факултет изнесува околу 40 милиони денари, од кои дел од средствата се од Владата, а дел на Универзитетот.
– Во Кампус 2 е сместена најсовремената лабораторија и претставува врв во делот на истражувањето на минерологијата, амбиенталниот воздух. Овде ги имаме најдобрите и најсовремените апарати, а исто така овој кампус е најдобро опремен во државата. Оваа лабораторија е инвестиција на Владата и чини 26 милиони денари. За еден до два месеца се очекува да биде акредитирана со што нејзините услуги ќе можат да ги користат институциите и приватните фирми – рече Боев.
Тој најави дека наскоро ќе се отвори и универзитетската УГД телевизија.
Ристовски денеска заедно со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и градоначалникот Захариев беа во посета на Основното училиште „Славејко Арсов“ во штипската населба Баби, каде веќе се почнати активности за изградба на типска спортска сала, проект поддржан од Владата на Република Македонија во рамките на проектот изградба на 145 спортски сали.
– Ова е еден капитален проект за граѓаните и за учениците во населбата Баби. Новата спортска сала ќе чини 24 милиони денари, а со површина од 650 метри квадратни. Во ОУ „Славејко Арсов“ зголемен е бројот на првачињата со што со изградбата на оваа спортска сала ќе имаат и одлични услови за изведување на наставата по физичко воспитување и образование. Досега учениците наставата ја изведуваа во импровизирана училница. Очекуваме дека оваа спортска сала ќе биде изградена за 12 до 16 месеци – рече Ристовски.
Во ова училиште во моментов се едуцираат 397 ученици.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.