| четврток, 6 декември 2018 |

Оклахома со јубилејна 60. победа, го освои врвот на Западот од НБА

Оклахома тандерс го обезбеди првото место во западната конференција од НБА со 60. победа сезонава, овојпат против Сакраменто со 104-95. Денвер во фото-финиш беше подобар од Милвоки со 112-111 и сигурно ќе тргне во плејофот од третата позиција, што гарантира предност на домашен терен. Мајами знае да победува и без ол-стар триото Џејмс, Вејд и Бош, а „резервите“ на Хит го совладаа Кливленд со 96-95

Тројцата имаат ситни проблеми со повреди, па тренерот одлучи да ги одмори, бидејќи Мајами е сигурно прв на Истокот.

Рашар Луис беше најефикасен во отсуствот на ѕвездите на Мајами кои во просек заедно даваат по 83,7 поени. Луис ја презеде одговорноста и со 19 поени го предводеше актуелниот шампион до нов триумф. Норис Кол уфрли 16, Џејмс Џонс забележа 14 поени, а Реј Ален, Џоел Ентони и Мајк Милер по 11 поени.
Оклахома го продолжува својот терор на Западот, а до јубилејната 60-та победа во сезоната стигна со триумфот над Сакраменто од 104-95. Централна фигура беше Кевин Дурант со 29 поени, седум скока и осум асистенции, додека Расел Вестбрук уфрли 21 поен.
Екипата на Њујорк обезбеди второ место на Истокот пред плеј-офот, па сега може мирно да ги одмара своите најдобри кошаркари. На дуелот против Шарлот загубија со 95-106, а во тимот не беше Кармело Ентони, првиот стрелец во НБА.
Регуларниот дел од сезоната завршува за два дена.
Резултати: Шарлот – Њујорк 106-95, Орландо – Чикаго 84-102, Кливленд – Мајами 95-96, Бруклин – Вашингтон 106-101, Детроит – Филаделфија 109-101, Милвоки – Денвер 111-112, Далас – Мемфис 97-103, Оклахома – Сакраменто 104-95, Минесота – Јута 80-96, Феникс – Хјустон 119-112, Голден Стејт – Сан Антонио 116-106.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top