| четврток, 6 декември 2018 |

Лазаров: За добар резултат мора да сме сплотени и патриотски настроени

Нашата цел е да поминеме во следната рунда како што знаеме и умееме. Од тука се гледа ека во втората групна фаза вкрстуваме со репрезентации со кои можеме да се носиме. Ги гледаме нашите шанси за висок пласман. Одиме чекор по чекор и никогаш нема да се предадеме однапред, вели Лазаров во интервју за „Република“

Кирил Лазаров, капитенот на македонската ракометна репрезентација, вели дека е максимално подготвен и заедно со другарите посакуваат да направат досега најголем успех. Капитенски порачува дека, за разлика од натпреварите во клубовите за кои настапуваат, каде што се игра за пари, за дресот со националниот грб се игра од срце. Најавува дека Македонија ќе оди на победа во секој дуел, дури и со фаворитите за злато. Верува дека нашата репрезентација ќе стигне до резултат што ќе овозможи настап на квалификациски турнир за Олимписките игри во Рио.

 

Подготовките беа навидум долги, но имаше отсуства, а некои ракометари се приклучија подоцна. Ја исполнија ли основната цел за да бидете во врвна форма?

Лазаров: Помалку или повеќе сите репрезентации ги имаат овие проблеми, ако може да се наречат така. Ние во минатото бевме во предност во однос на другите затоа што поголемиот дел од македонските репрезентативци играа во македонски клубови. Тоа овозможуваше порано да ги почнеме подготовките во комплетен состав и подобро да се подготвиме. Поголемиот дел од репрезентациите како Германија, Шведска и Данска подготовките ги почнуваат по Нова година поради клупските обврски на повеќето нивни репрезентативци. Сѐ уште сме во предност и се приспособуваме на ситуацијата каква што е. Најважно е што поголемиот дел од репрезентативците играат во големи професионални клубови, што не беше случај во минатото, и што сите дојдоа на подготовките максимално подготвени. Во периодот од подготовките најважно е сите репрезентативци да останат здрави и со тоа формата да остане на едно завидно ниво.

 

Ти играш на највисоко ниво 365 дена во годината, потребно ли ти е да ја темпираш формата?

Лазаров: Веќе сум многу искусен. Имам долга интернационална кариера и многу поминато. Јас веќе го чувствувам своето тело и знам кога бара одмор. Овие подготовки во соработка со стручниот штаб и со селекторот ги почнав со неколку дена одмор од клупските обврски. Имаме огромна доверба и комуникација со Обрван и побарав неколку дена пауза по завршувањето на полусезоната со Барселона бидејќи почувствував потреба од одмор и да се тргнам од ракометните мисли. Добив шест-седум дена одмор и тоа е добро за мене. Свеж влегов во подготовките и добив дополнителна желба и страст, што е многу важно. Често патувам, многу играм и тренирам и доаѓа до заситување. Секогаш сум се приклучувал во подготовките за репрезентацијата веднаш по доаѓањето од клубот за кој сум настапувал и за првпат се одморив пред ова Европско првенство. Чувствувам свежина во моето тело и се чувствувам добро.

kire-lazarov-2

Носи ли некаква предност тоа што овој пат репрезентативците доаѓаат од повеќе клубови?

Лазаров: Предноста е поголема. Во минатото поголемиот дел од репрезентативците беа од Металург и од Вардар. Тие во текот на целата година се во Македонија. Иако менуваат средина, клуб – репрезентација, околината околу нив е иста. За разлика од порано, сега е поинаку. Доаѓаат од различни клубови, од повеќе првенства од Европа и сега се чувствува кај секој од нас поголема желба за докажување и за покажување на нешто ново. Им недостига Македонија, им недостигаат најблиските и фалангата. Репрезентација е едно, а клуб е нешто сосема друго. За дресот со националниот грб се игра од срце, од патриотизам, додека во клубовите играме за тоа што сме платени и за тоа што мора да се исполни.

 

Одбраната досега ни беше заштитен знак. Можеме ли да ги контролираме пресилните противници во нашата зона?

Лазаров: Па, не би се согласил дека само одбраната е таа што ни е заштитен знак. Ако малку анализираме, на последното Светско првенство во Катар игравме натпревари со повеќе примени голови. Ја забрзавме играта и, можеби, тоа беше една од причините. Во минатото да, знаевме да одиграме многу натпревари во кои примавме малку голови. Треба да поведеме сметка на цврстината на одбраната на ова Европско првенство. Ние не сме репрезентацијата од типот на Франција, Данска, каде што има голем број екстра-квалитетни ракометари. Имаме голем избор на квалитетни ракометри, но, да се разбереме и да бидеме искрени, немаме екстра-квалитетни играчи. Така што треба да поведеме сметка за одбраната. Колку што помалку голови примаме толку е подобро за нас и имаме поголеми шанси за победа. Мислам дека сите во репрезентацијата се свесни за таа работа и уверен сум дека сите максимално ќе го одработиме тоа што се очекува од нас.

 

Сиве овие години големата предност, десниот бек, во основа, ни е и сериозен хендикеп. Имаме ли напредок и на другите позиции?

Лазаров: Јас како Кире посакувам тоа да биде така. Се чувствува и на тренинзите и во подготвителните натпревари дека има играчи што можат да решат напад и да бидат нерешлива енигма за противниците. Тоа што го добивме во овие подготовки, а го немавме во минатото е што сега во ротација имаме повеќе играчи. Во минатото ако сме имале седум, осум, максимум девет главни играчи, мислам дека сега можеме да сметаме на 13 или 14 ракометри, кои можат максимално да одговорат на минутажа што ќе им се даде. Многу е важно секој играч да се чувствува задоволно, секој играч да има своја улога и голем придонес во играта. Во тоа задоволство кај секој од нас да го конструираме тимот мислам дека е нашата предност на ова Европско првенство, како е во надградба на тимот, без разлика на тешката група во која сме.

kire-lazarov-4

Во овдешната јавност му се придава премногу големо значење на амбиентот во репрезентацијата. Постои ли сѐ уште таа хемија, атмосфера? 

Лазаров: Постои и секогаш ќе постои позитивна атмосфера во нашата репрезентација. Сите репрезентативци максимално се посветени. Ниту еден дел до нив не размислува дека не сака да игра за оваа репрезентација. Сите сакаме да го дадеме максимумот. Има меѓу нас, така да се каже, еден непотпишан договор, каде што сами меѓу себе си имаме дадено обврска да направиме нешто големо, нешто убаво со што ќе ја израдуваме целата македонска јавност. На добар пат сме. Ние сме веќе играчи со искуство, со богата клупска кариера. Не сме веќе деца и, напротив, со нетрпение го очекуваме стартот и без никаков респект одиме на победа без разлика на противникот што го имаме. Тоа мене како капитен ми дава самодоверба и верба во соиграчите знаејќи дека кој и да игра, се работи за квалитетен играч и ќе одигра на највисоко ниво и е во составот бидејќи има големи амбиции. Во репрезентацијата се прави една здрава конкуренција и тоа треба да се искористи на претстојното првенство.

 

Ве разочара ли ждрепката, Франција, па Полска, можеби, главните кандидати за златниот медал на ЕП?

Лазаров: Воопшто не сме разочарани. Ова е Европско првенство во кое 14-15 репрезентации се екстра-квалитетни. Ако репрезентацијата има амбиции и ако сме имале среќа да не налетаме на Франција и на Полска во првата групна фаза, тогаш ќе игравме со некои од тие силни репрезентации во вториот круг. Нашата цел е да поминеме во следната рунда како што знаеме и умееме. Во втората групна фаза вкрстуваме со репрезентации со кои можеме да се носиме. Ги гледаме нашите шанси за висок пласман. Одиме чекор по чекор и никогаш нема да се предадеме однапред.

 

Дали отсуството на вашите пандани во српската селекција (Илиќ и Вуин) се хендикеп за нив до тој степен што ние би биле фаворити?

Лазаров: Спортски е да се надеваме на победи и против Франција и Полска. Мене ми пречи тоа што се споменува натпреварот против Србија како клучен натпревар за пласман во следната рунда. Ние треба да ја градиме формата од меч во меч. Не треба да се размислува уште пред да почне првенството за тој натпревар од третото коло. Така ништо нема да направиме. Посакувам тој натпревар да го пречекаме, пред сѐ, здрави, а мотивација нема да ни недостига. Секако е хендикеп за Србија што нема да играат Илиќ и Вуин. Нивниот селектор се реши да настапи без Вуин. Илиќ најави крај на репрезентативната кариера, но му се случи и повреда и мислам дека можеме да кажеме дека сме благи фаворити. Најважно е ние да сме сплотени и да сме патриотски настроени. Никој од нас не сака да ги фрли тие 25 дена подготовки, кога сме одвоени од семејствата токму на големите празници, Нова година и Божик. Ќе дадеме максимум и ако заслужиме со добри игри, да се надеваме дека ќе направиме и добар резултат.

 

Ние ќе ги прогласиме Франција и Полска за едни од главните фаворити. Според тебе, кои репрезентации можат да стигнат до медал?

Лазаров: Имајќи ги предвид групите и потоа и вкрстувањата во следната рунда, мислам дека актуелниот шампион Франција е главен фаворит за освојување на Европското првенство. Иако имаат многу повредени играчи, нивната основа и база ќе биде во Полска. Јас ја гледам Данска како еден многу сериозен кандидат за златниот медал. Секако и Шпанија, која доаѓа во најсилен состав и е репрезентација што може секого да го победи. Полска има предност како домаќин, иако е ослабена може да направи голем резултат. Многу е вложено во тој состав. Минатата година заслужено освоија бронза на Светското првенство во Катар, ги држи еуфоријата и мислам дека имаат квалитет барем за полуфинале.

kire-lazarov-3

Зад Полска се наѕира Рио. Колку се објективни шансите за пласман во квалификациски турнир за Олимписките игри?

Лазаров: Ги издвоивме фаворитите на ова Европско првенство како што нам ни одговара (се смее). Повеќе од реални се шансите за учество на квалификации за Олимписки турнир. Во Полска ќе играме, а со едно око ќе гледаме што ќе се случува во другите групи. Не сакаме македонскиот народ да сфати дека нам ни се најважни квалификациите за Олимписките игри. Ние, секако, нема да го оставиме настрана Европското првенство и ќе чекаме да видиме што ќе направат другите репрезентации. Ако можеме и ако имаме резултат зошто да не играме и полуфинале во Полска. Не смееме да ја загубиме главата и треба да се фокусираме на тоа што ни е главно. Квалификациите за Рио се во април и тогаш не треба, туку мора да бидеме најдобри и да направиме голем успех за македонскиот ракомет и спорт воопшто.

 

Впечаток е дека кај нас нема голема еуфорија како пред минатите големи настапи. Дали е тоа предност или хендикеп?

Лазаров: Мислам дека е предност затоа што и самата еуфорија и помпа може меѓу нас играчите да направи една негативна атмосфера. Ние, сепак, сме луѓе од крв и од месо и со емоции. Следиме сѐ. Најблиските ни ги пренесуваат работите од јавноста. Повеќе слушаат и гледаат и ни соопштуваат за што се зборува со цел да ни направат добро, а, впрочем, може да направат лошо. Така што помала медиумска помпа, од играчка страна е подобра за целата наша репрезентација.

 

Кои се твоите очекувања со Барселона во оваа сезона од Лигата на шампионите. Може ли да се случи одбрана на европската титула?

Лазаров: Нашите апетитите се секогаш големи. Барселона е институција во европскиот ракомет и секогаш се стреми кон нешто најголемо што е својствено на таков голем гигант. Конкуренцијата од година во година е многу поголема. Не можам да кажам со сигурност дека ќе го повториме успехот од лани или дека ќе се пласираме на завршниот турнир. Тоа е малку неблагодарно да се каже. Напорно работиме и тренираме цела сезона и имаме голема самодоверба. Веруваме во нашите квалитети, а тоа е најважно. На добар пат сме. Формата е во нагорна линија, иако не играме како што посакуваме сите. Најважно е што и кога ќе одиграме послабо да собираме бодови и да не трпи резултатот. Тоа ни дава за право да мислиме дека можеме да го подобриме квалитетот на игра уште повеќе во пролетниот дел од сезоната. Првиот чекор, секако, е пласман на завршниот турнир. Кога ќе се стигне до Келн, таму нема фаворити. Секој секого може да победи. Сум имал можност повеќе пати да играм на завршен турнир за титулата. Секогаш кога сме мислеле дека сме најдобри, не сме успеале да ја освоиме европската титула. Колку што е поголем притисокот и повеќе си свесен за големината на Лигата на шампионите, може повеќе да се направи. Можам да кажам дека оваа сезона со Барселона не сме фаворити, ниту, пак, јавноста нѐ прави фаворити, што, можеби, е полесно. Секако, имаме квалитет и ќе бидеме тежок залак за кој било противник. Некогаш е потребно и спортска среќа. Таа се заслужува на теренот. Потфрливме со Кјељце на домашен терен, но затоа среќата не ни го заврти грбот против Вардар.

 

Разговараше: Бо­јан Мо­ми­ров­ски
Фото: Ѓорѓи Личовски
(Интервјуто со Кирил Лазаров е објавено во 176. број на неделникот Република, 15.01.2016)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top