| четврток, 6 декември 2018 |

Шекеринска и Заев го преземаат СДСМ?

Зоран Заев и Радмила Шекеринска го преземаат лидерството на „Бихаќка“. Овој двоец е најпосакуваната опција меѓу членството во партијата на мајскиот конгрес. Наводно, ниту актуелниот лидер Бранко Црвенковски не бил против новите наследници, а Заев и Шекеринска веќе добиле поддршка и од меѓународниот фактор, пишува „Утрински весник“.

Според калкулациите, Шекеринска важи за одличен промотор на земјава при евроатлантските интеграции, има воспоставено добри односи со угледни странски политичари и организации, високо котира и кај амбасадорската елита во земјава. Од друга страна, нејзиниот имиџ на политичар кој нема директна врска со теренските работи треба да го надополни струмичкиот градоначалник, Зоран Заев, кој важи за човек од народот.

Заев и Шекеринска вчера не сакаа да ги коментираат ваквите гласишта. Во СДСМ е договорено да се молчи во врска со претстојниот конгрес, кој би требало да се одржи околу 20 мај. Подготовките се во тек, но информациите се држат во тајност за одредени погрешно протолкувани изјави да не создадат раздор. Според досега објавените кандидати, во игра се и Стево Пендаровски, за кого скопското лоби тврди дека исто има поддршка од мегународниот фактор, Кире Наумов, кој сам се кандидираше, и Игор Ивановски, кој го поддржува крилото околу Црвенковски  на чело со Савова, како и потпретседателот Зоран Јовановски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top