Економските политики на Владата предводена од премиерот Никола Груевски ја направија македонската економија најсилна досега. За тоа сведочат многуте ветени и не ветени, но остварени и успешно реализирани проекти, пишува Лидер.
Ако пред девет години ретко кога Македонија се наоѓаше на мапата на странските инвеститори, денес нашата земја е една од најпосакуваните дестинации за бизнис во Европа и светот.
Ако пред девет години домашните бизниси не можеа да ги остварат своите идеи и планови бидејќи рацете им беа врзани поради превисоките даноци и давачки, денес, сликата на ова поле е значително подобрена.
Ако пред девет години претприемништвото беше само „пуста желба“, денеска поддршката за отворање на сопствен бизнис е поголема од било кога, а фирма може да се отвори за само еден ден.
Ако пред девет години Македонија беше една од земјите со највисока стапка на невработеност во Европа, во изминатите години отворени се над 150 илјади нови работни места, а стапката на невработеност има тенденција на понатамошно намалување од моменталните 25,5 отсто.
Ако пред девет години инфраструктурата низ земјата беше во очајна состојба, а Македонија беше изолирана на полето на авиосообраќајот, денеска Македонија е единствената земја на Балканот која истовремено гради три автопати, а скопскиот аеродром е најбрзорастечки во регионот.
Ако пред девет години поддршката за земјоделците беше минимална, денеска таа ја имаат во изобилие.
За економските проекти кои се реализирани изминативе девет години и нивните ефекти може да се пишува на долго и широко, а показател за нивната успешност се статистичките податоци.
-Македонија има резултати какви што досега никогаш немала, ние не планираме да отстапиме од овој пат. Сосема напротив, планираме да нагазиме уште појако и со уште посилно темпо. Тој што може да не следи- нека повели, тој што не знае- нека гледа и нека учи како се работи за доброто на граѓаните и народот – порача Груевски.
Анализирајќи ја економската политика на владата предводена од Никола Груевски „Лидер“ реши да ви ги прикаже хронолошки проектите и економските успеси низ изминативе години…
Во 2006 година почнуваат економските промени
Во 2006-та зголемени се субвенциите од наследените 6 милиони на 18 милиони евра. Се воспоставува националниот акциски план за вработување 2006-2008.
Јавните инвестиции зголемени од 3 отсто од БДП во 2006. Надворешниот јавен долг е намален за 200 милиони евра во 2007 година, односно од 25 отсто од БДП во 2006 година на 19 отсто во 2007 година.
Се набавува и доделување земјоделска механизација под поволни услови. Донесена е одлука за распределба на 120.000.000 денари за изградба на водоснабдителни и канализациски системи во вкупно 59 општини.
Дополнително се либерализира трговијата во рамки на ЦЕФТА.
Во 2006-та почнува постапката за влез на трет оператор на пазарот на мобилна телефонија. Пазарот почнува да се диверзифицира, а цените почнуваат да се намалуваат.
Во 2007 година историски раст на економијата
Во 2007-ма година остварен е најголем економски раст во историја од 6.1 отсто, пораст на извозот од 60 отсто во првите две години од формирањето на владата во 2006 година и пораст во БДП по глава на жител од 68 отсто во однос на 2005-2006 година.
Странските директни инвестиции во периодот 2007-2010 достигнаа вкупно 1.272 милиони евра. Тоа е за 300 милиони евра повеќе од вкупниот прилив на странски инвестиции на сите влади на СДСМ во целиот период на транзиција.
Според реномираниот извештај на Светската банка, Дуинг Бизнис, во конкуреција на 180 земји, во 2007 година Република Македонија беше прогласена за четврти најдобар реформатор.
Исплатени се 25 милиони евра за земјоделците во 2007 година. Платите во јавниот сектор во истата година беа зголемени за 10 отсто.
Во 2008 година драстичен раст на платите и пензиите
Во 2008 година Македонија забележа раст на БДП од 5%, иако во последниот квартал македонската економија веќе беше зафатена од светската економска криза. Стапката на невработеност се намали на 33,5 отсто, од 36,5 тсто во претходната година.
Странските директни инвестиции достигнаа 930 милиони евра.
Платите во јавниот сектор зголемени се за 25 отсто. Пензиите во просек пораснаа за околу 35 отсто, при што најниските за 42 отсто, а социјалните надоместоци остварија просечен раст од 30 отсто.
Кон крајот на 2008 година, Владата на ВМРО-ДПМНЕ реагираше и донесе прв пакет антикризни мерки вреден над 330 милиони евра. Пакетот се состоеше од мерки за подобрување на ликвидноста на фирмите преку репрограмирање на достасаните обврски кон државата и простување на каматата за дел од обврските, целосно ослободување на фирмите од плаќање данок на добивка доколку данокот не се распредели во дивиденда, намалување на стапките на социјални придонеси, намалување на царините и сл.
Дуинг бизнис во 2008 година ја рангираше Република Македонија 18-ти реформатор во светот во однос на бизнис- климата во конкуреција на 180 земји.
Во 2008 година беше пуштена во употреба Обиколницата на Скопје, која е на ниво на автопат и дел од коридорот 8. Изградени, проширени и реконтруирани се повеќе патишта низ земјата, како Дреново- Прилеп, клучката кај Прдејци, реконструкција на Жировница-Бошков мост, патот до манастирот Свето Преображение во Крушево, како и пат до местото Вршник, крстосницата кај Момин Поток… Реализиран е проектот за санација и зајакнување на мостовите на коридорот 10.
Во областа на земјоделството се инвестира во водоснабдителни и канализациски системи во речиси сите општини. Продолжува растот на субвенциите за земјоделците. Од 20 милиони евра во 2006 година, на 25 милион евра во 2007, субвенциите се зголемени на 45 милиони евра во 2008 година.
Апсолвентите на сите факултети добија ваучери за купување компјутери. Ваучер во вредност од 15.500 денари добија над 10.600 студенти.
Во 2009 година Македонија е трет најдобар реформатор во светот
Во кризната 2009-та година, Македонија останува со еден од најниските дефицити во Европа со 2,7% од БДП. Македонската економија имаше трет најнизок пад во Европа. Според „Дуинг бизнис“ Република Македонија е избрана за трет најдобар реформатор во светот во однос на бизнис климата. Македонија се наоѓа на 51 место на листата на „Форбс“.
Со втората фаза од Регулаторната гилотина се спроведоа 54 мерки за поедноставување на процедурите за прекугранична трговија. Со измена на Законот за царинска тарифа во јануари 2009 година се изврши намалување и укинување на царинските стапки за вкупно 498 стоки од царинската тарифа.
Континуирано се градат регионални и локални патишта. Воведена е електронска наплата на билети во патничкиот железнички сообраќај. Во Железничката станица во Скопје е инсталиран софтвер преку кој можат да се издаваат билети по електронски пат.
Исплатени се 70 милиони евра за земјоделски субвенции. Извозот на земјоделски производи достигна 358 милиони евра. Добиена е акредитација на платежната ИПАРД агенција. Континуирано се спроведува распределба на земјоделското земјиште, а распределени се вкупно 8.871 хектари.
Либерализирана е фиксната телефонија. Во 2009 година се создадоа услови за влегување на уште 6 нови фиксни алтернативни оператори кои на граѓаните на Република Македонија започнаа да им обезбедуваат фиксни говорни телефонски услуги и тоа за 60 отсто пониски цени за меѓународни и национални разговори во фиксната мрежа и за 15 отсто пониски цени за разговори кон мобилните мрежи.
Воведен е трет мобилен оператор. Со влегувањето на третиот мобилен оператор, потрошувачките кошници се намалени во просек над 50 отсто.
Воведен е систем за електронска продажба на градежно земјиште. Првото електронско јавно наддавање се одржа во јули 2009 година.
Воспоставен е систем за издавање лиценци на градежни компании. Почна процесот на лиценцирање на транспортните компании.
Обезбедена е визна либерализација за македонските граѓани! Падна визната бариера кон ЕУ.
Во 2010 година светска криза, Македонија спречи масовни отпуштања
2010 година беше тешка за македонската економија поради светска економска и должничка криза. Светските случувања го запреа забрзаниот развој на домашната економија и донесоа нови сериозни предизвици со кои премиерот Никола Груевски и Владата успешно се соочија и справија. Се одржа стабилноста на економијата, немаше отпуштања на вработените и затворање на фирмите. Се воведоа анти-кризните мерки со кои се заштити и банкарскиот сектор.
Македонија остана ниско задолжена земја со еден од најниските дефицити во Европа од 2,7 отсто од БДП. Спречени се масовни отпуштања од администрацијата или пак намалување на социјалната помош, нешто што се случуваше во многу европски земји.
Задржани се ниските даноци, во период кога преку 80 отсто од европските земји ги зголемија даноците или воведоа нови кризни давачки. Стапката на невработеност од 36.5 отсто во 2006 е намалена на 30.9 отсто во јануари 2011. Тоа е најниско ниво на невработеност во последните 10 години.
Денарот остана стабилен со што директно се придонесе во заштитата на стандардот на граѓаните. Сочувана е стабилноста на банкарскиот систем.
Во 2010 година Република Македонија напредуваше за 5 места на светската листа за конкурентност на Економскиот форум и беше рангирана на 79. место во конкуренција со 139 земји. Земјава напредуваше за 15 места и на листата на Форбс, според која се оценуваат условите за водење бизнис.
Еден метар квадратен за едно евро – започна откупувањето на дворното земјиште на индивидуалните куќи и станбени згради по само 1 евро или 61 денар за метар квадратен. Дотогаш за еден метар квадратен дворно земјиште се плаќаше до 13 евра или 800 денари.
Започна и легализацијата на дивоградбите со донесувањето на Законот за постапување со бесправно изградени објекти. Со тоа конечно се овозможи да се легализираат досегашните дивоградби по симболична цена од едно евро по квадратен метар.
Донесена е одлука за 1 евро почетна цена за продажба на државно градежно неизградено земјиште, на кое според деталните урбанистички планови е предвидена изградба на индивидуални куќи, катни гаражи, стопански капацитети: фабрики, погони и сл., хотелски објекти, како и откупно дистрибутивни и центри за земјоделски производи.
Со проектот Регулаторна гилотина значајно е поедноставена регулативата, поевтинети се услугите и намален е бројот на потребните документи при административните процедури.
Увоз на стари возила – Од 13 март 2010 година моторните возила се царинат согласно промените на Законот за царинска тарифа и промените во Законот за акцизи. Со тоа се создадоа услови да се обнови возниот парк во Македонија со понови.
Агенцијата за странски инвестиции, во соработка со Министерството за надворешни работи, испрати 30 економски промотори во најразвиените земји во светот, со цел да ги промовираат можностите за инвестирање во Република Македонија.
Едношалтерскиот систем го олеснува водењето на бизнисот. Воведени се електронски услуги во УЈП. Се воведе електронски систем за пријава и одјава на работен однос.
Рокот за регистрација на правните субјекти е сведен на 4 часа.
Реконструирани се повеќе патишта, започнуваат активностите за гасификација на Република Македонија. Започна да се реализира Проект за воведување на енергетска ефикасност на градежни објекти во земјава.
Владата во континуитет ги зголемуваше субвенциите за земјоделците и тие во 2010 достигнаа 100 милиони евра. Во 2010 година постигната е највисока цена за откупување на тутунот и истата изнесуваше 192 денари по килограм.
Зголемени пензии и плати – Пензиите се зголемени во просек за 33.5 отсто, а најниските за 40 отсто. Просечната нето-плата во земјава е зголемена за 61 отсто.
Од септември 2010 започна реализацијата на проектот Енергетска сиромаштија. Намалени се и акцизите на нафтените деривати заради ублажување на нафтениот удар на светските берзи, со што цените на овие енергенси значително се намалија.
Продолжува да се намалува цената на мобилната телефонија.
Во 2011 година голем број странски компании почнаа бизнис во Македонија
Во 2011 година беше намалена стапката на невработеност на најниско ниво во последните 10 години на 30.9 отсто. Бројот на вработени во Република Македонија во 2011 година е зголемен за 95.000 во однос на 2006 година. Овој резултат е остварен наспроти ризиците и заканите од светската економска криза.
Завршена е реконструкцијата на 62 локални патишта во должина од 140
км, во вкупна вредност од околу 575 милиони денари.
Исплатени се 115 милиони евра за земјоделците во 2011 година.
Заврши изградбата на аеродромот „Александар Велики“ во Петровец, а авиокомпанијата „Виз ер“ започна со нудење услуги на евтини летови.
Во 2011 се реализираше проектот за изградба на станови за лица во социјален ризик и други ранливи групи насловен „Проект за домување на социјално ранливи групи“.
Во 2011 година пристигнаа 67 новопроизведените двокатни автобуси.
За 26 отсто е зголемен износот на социјалната помош.
Според извештајот „Дуинг бизнис“ на Светска банка Македонија е прва земја во Европа и во Централна Азија по брзина на отворање бизнис, а петта во светот.
Во 2011 година Македонија се вброи во првите 7 земји со највисок економски раст во Европа.
Обезбедена е поддршка од 10.7 милиони евра за малите и средни претпријатија кои се занимаваат со откуп преработка и извоз на земјоделски производи.
Се отворија повеќе фабрики како фабриката на Џонсон Мети, инвестиција вредна 60 милиони евра со над 100 нови работни места, Кемет електроникс, инвестиција вредна 25 милиони евра со 500 нови работни места, втората фабрика на Џонсон Контролс во износ од 20 милиони евра и 1427 работни места, Кромберт и Шуберт со инвестиција од 20 милиони евра и 2500 нови работни места. Понатаму се фабриките Дрексел Мајер со 4000 илјади нови работни места, Агрокор со инвестиција од 20 милиони евра и 300 нови работни места, Мадерсон Груп со 12 милиони евра со 160 нови работни места, Алајанс Уан со инвестиција 10 милиони евра и 150 нови работни места, Технохозе со 10 милиони евра и 150 работни места, Евроиталија со 10 милиони евра инвестиција и 200 нови работни места, Протек груп со инвестиција од 5 милиони евра и 150 работни места, Еинфлоу со инвестиција од 5 милиони евра и 100 нови работни места, Стил кон со 3.5 милиони евра и 100 нови работни места и Ван Хул со инвестиција од 20 милиони евра и 500 нови работни места.
Започнаа владините роуд-шоуа и беа реализирани економски посети во функција на претставување на економските потенцијали и поволоностите кои РМ ги нуди на странските инвеститори за реализација на бизнис во Германија, Австрија, Русија, Кина, Индија, Катар, САД, Велика Британија, Обединети Арапски Емирати, Финска, Шведска, Данска, Норвешка, Азербеџан, Казахстан, Унгарија, Сингапур, Јапонија, Малезија, Холандија, Белгија, Франција, Италија, Турција, Швајцарија и Украина.
Во 2012 година блеснаа нови патишта
Историски највисока стапка на просечните бруто-инвестиции од БДП е остварена во 2012 година – 29,4 отсто Намалување на невработеноста на 30,6 отсто. Македонија е единствена земја во Европа која забележа намалување на стапката на невработеност во услови на светска и европска должничка криза
Подобрена ликвидноста на приватниот сектор со целосна исплата на заостанатите обврски. Кон крајот на 2012 и почетокот на 2013 исплатени се сите обврски на буџетот кон приватниот сектор во износ од 92 милиони евра.
Се воведуваат Е-Услуги за граѓани – Покрај за фирмите, од февруари 2012 година електронските даночни услуги станаа достапни и за физичките лица.
Поддршка на земјоделството преку укинување на царинските давачки. Поддршка на прехранбената индустрија преку намалување и укинување на царинските давачки, со што се зголеми конкурентноста на домашното производство.
Трета година се реализира проектот „Купи куќа, купи стан“. Во периодот јануари 2012-јануари 2014 вкупниот износ на одобрени субвенции изнесува повеќе од 1,5 милиони евра.
Проектот „Задолжница“ стартуваше на почетокот на 2012 година и истиот успешно функционира.
Владата во соработка со деловната заедница (стопански комори, здруженија и асоцијации) во март 2012 година усвои пакет од 72 мерки за подобрување на деловното опкружување во земјата со соодветен двегодишен Акциски план, креиран врз основа на детална анализа на движењето на Индексот за глобална конкурентност на Светскиот економски форум.
Џонсон Контролс, американска компанија од автомобилската индустрија, во август 2012 година почна со изградба на втората фабрика во Македонија во ТИРЗ Штип со големина од 13.230 квадратни метри.
Во октомври 2012 година фабриката на Кемет електроникс официјално почна со производство, а вкупната инвестиција е вредна 35 милиони американски долари и вработување на околу 500 лица.
Во јули 2012 година Владата го потпиша договорот за инвестицијата вредна 35 милиони евра со Дрекселмајер, германска компанија од автомобилската индустрија, производител на електронска опрема и кабелски инсталации.
Во јули 2012 година Владата го потпиша договорот за инвестицијата вредна 20 милиони евра со Ван Хол и вработување на 500 лица во ТИРЗ Скопје 1.
Текнохозе ја регистрира Витек Македонија и ја купи изградената фабрика во ТИРЗ. Во октомври 2013 година компанијата ја најави својата втора инвестиција во Македонија и инвестирање на дополнителни 11 милиони евра.
Во октомври 2012 година Продис започна со работа во новоизградената фабрика во ТИРЗ Скопје 1 на површина од 4.500 м2. Инвестицијата е вредна над 5 милиони евра и отвори 130 нови вработувања.
Ван Пајнброк текстил, холандска компанија од областа на текстилната индустрија. Во септември 2012 година донесе одлука и започна со изградба на фабрика во индустриската зона во селото Кадино, општина Илинден.
Во текот на 2012 година се отпочна и со директна кредитна поддршка на извозни компании кои вршат извоз на земјоделски производи.
Се рехабилитираат повеќе делници низ земјава. Почнува изградба на нова автопатска делница Демир Капија– Смоквица во должина од 28,2 км. Реконструкција на железничката пруга Битола–Кременица (граница со Р. Грција), крак од Коридорот 10д. Рехабилитација и надградба на поголемите железнички станици на Коридорот 10 и кракот 10д. Рехабилитација и надградба на железничката станица во Скопје. Реновирани 10 вагони за патнички превоз.
Иако дотогаш неветени, се остварија проектите за 1 евро/м2 за земјиште под легализирани објекти за семејно домување. 1 евро/м2 за отуѓување на градежно земјиште.
Намалување на цената на земјиште за индустриски објекти. Изработка на урбанистичка планска документација од значење на Република Македонија
Кон крајот на 2012 година воспоставен е катастар на недвижности на целата територија на Република Македонија. Поседовните листови отидоа во историјата, а имотните листови станаа доказ за сопственоста врз земјиштето и објектите.
Изградена е Националната арена „Филип Втори Македонски“.
Есента 2012 година заокружен е еден од најголемите инвестициски зафати во енергетиката во Република Македонија за модернизација и ревитализација на агрегатите на РЕК Битола, проект вреден 56 милиони евра.
Набавка на нови градски автобуси во Скопје и двокатни отворени туристички автобуси за Скопје и Охрид.
Се намали стапката на ДДВ од 18 отсто на 5 отсто за ноќевања, сместувања со појадок, полупансиони и полни пансиони во сите комерцијални угостителски објекти.
Се реализира Проектот за субвенционирање на организиран странски туристички промет со кој се зголеми конкурентноста на домашните туристички понуди, се зголеми бројот на странски туристи и девизниот прилив во земјата.
Се воведува широкопојасниот интернет и Ви-Фи во руралните средини.
Овозможено е директно кредитирање на земјоделството преку Македонската банка за поддршка на развојот.
За првпат во историјата на независна Македонија, по 20 години преговори помеѓу социјалните партнери, се постигна договор за утврдување на минимална плата. Законот за минимална плата започна да се применува од јануари 2012 година и истата беше утврдена во износ од 8.050 денари во нето-износ.
Во 2013 година пораст на капиталните инвестиции
И покрај фактот дека голем број земји на ЕУ се уште се во рецесија или имаат минимален позитивен раст, македонската економија во 2013 година оствари раст на БДП од 3,1%, што претставува четврт најдобар резултат во Европа и најдобар во регионот на Југоисточна Европа. Сличен раст на економијата беше остварен и во 2010 и во 2011 година (2,8 -2,9 отсто).
Растот на економијата е движен од високите капитални инвестиции од Буџетот, како и извозот на фирмите – директни странски инвестиции во ТИРЗ и во индустриските зони.
Капиталните инвестиции во 2013 изнесуваа скоро 20 милијарди денари, што е пораст од 29% во однос на 2010 година.
Пораст на пензиите во 2013 – Покрај редовното законско усогласување на пензиите, во март 2013 година сите видови пензии дополнително се зголемија за 5 отсто.
Градежништвото оствари историски највисоки стапки на раст од 32,7 отсто во 2013 година, што не може да се спореди со растот во ниту еден претходен период.
Во 2013 стапката на невработеност во Македонија се намали на 28,6 отсто што е историски најниско ниво во последниве 17 години.
Во последниот Извештај за глобална конкурентност на Светскиот економски форум од 2013 година, Македонија е рангирана на 73. место што претставува значителен напредок од 21. место во споредба со 2007.
Џонсон Мети, британски производител на катализатори за автомобилската индустрија, во ноември 2013 година ја реализираше втората инвестиција во ТИРЗ Скопје 1 со отворање на новиот производствен погон.
Кромберг и Шуберт, германска компанија од автомобилската индустрија, официјално почна да работи во октомври 2013 година со вработени околу 1.000 лица во 3 смени.
Ван Хол почна со работа во јули 2013 и до крајот на 2013 успешно го реализира својот план, произведе и испорача 90 автобуси на американскиот пазар.
Гришко, руска компанија, светски производител на балетска опрема во март 2013 година почна со производство на балетанки во селото Слепче, Демир Хисар.
Ван Пајнброк текстил, холандска компанија од областа на текстилната индустрија, во октомври 2013 година фабриката беше официјално пуштена во работа.
Во декември 2013 Владата го потпиша договорот со Маркарт за инвестицијата вредна 35 милиони евра и план за вработување на над 600 луѓе, од кои една третина се инженери.
Истем Медикал е турска компанија од областа на медицината која во април 2013 година донесе одлука да инвестира 8 милиони евра во Македонија и вработи 250 лица во период од 10 години во ТИРЗ Скопје.
Во 2014 година Македонија е земја со најдобра бизнис клима
Според „Дуинг бизнис“, Македонија има најдобра бизнис-клима во Југоисточна Европа и е рангирана пред 19 земји-членки на ЕУ. Остварен е голем напредок на Македонија на сите реномирани ранг-листи за различни аспекти на бизнис-амбиентот.
Банкарскиот сектор остана стабилен, пред се како резултат на добрата регулатива со која е уредено работењето на банките и соодветната супервизија од страна на НБРМ.
Пензиите се зголемија за 5 отсто односно за по 600 денари за сите корисници на пензија стартувајќи од март 2014 година. Со овие покачувања просечната пензија достигна 12.445 денари што претставува раст од 62 отсто споредено со 2006 година кога просечната пензија изнесуваше 7.683 денари, при што најниската пензија е зголемена за 76 отсто, а највисоката за 30,4 отсто.
По зголемувањето на платите во јавниот сектор за 25% во периодот пред кризата, во Буџетот на РМ за 2014 година се обезбедија средства за зголемување на платите во јавниот сектор за 5%, од октомвриската плата.
Зголемување на минималната плата во Република Македонија се реализира започнувајќи од март 2014 година, а ќе заврши во март 2016 година, со што минималната плата ќе се зголеми и ќе изнесува 10.080 денари. Од март 2014 година, минималната плата се покачи од 8.050 денари на 8.800 денари месечно, од март 2015 минималната плата изнесува 9.590 денари и од март 2016 година ќе биде 10.080 денари, а работодавачите ќе бидат обврзани да ја зголемат минималната плата.
Македонија остана земја со најниски даноци во Европа.
Амфенол во јануари 2014 година и официјално ја најави својата браунфилд-инвестиција во Кочани вредна 6 милиони евра и вработување на 1500 лица до 2018 година.
Ендава во февруари 2014 година донесе одлука да инвестира во Македонија 2 милиони евра и вработи 450 ИТ-инженери.
Епл Ленд, компанија од Дубаи, во февруари 2014 година почна со изградба на откупно дистрибутивен центар за преработка и за складирање на јаболка во индустриската зона Макази близу Ресен.
Антура, холандска компанија од областа на хортикултурата, во февруари 2014 година донесе одлука за инвестирање во Кочани.
Воведени се евтини летови до Европа. Со потпишувањето на Договорот за финансиска поддршка помеѓу Владата на Република Македонија и „Виз ер“, се воспоставија 8 нови дестинации од Аеродромот „Александар Велики“.
Продолжува реконструкцијата и изградбата на патиштата и автопатите. Растат субвенциите за земјоделците.
Во 2015 година историски пад на невработеноста
Преку активните мерки за вработување кои ги спроведува владата и проектот „Македонија вработува“, како и влезот на странските инвеститори, стапката на невработеност се намалува на историски најниско ниво од 25,5 отсто. Тоа претставува голем успех за владата предводена од Никола Груевски.
Македонија, според податокот на Европската канцеларија за статистика – Евростат, е четврта најниско задолжена држава во Европа. Според „Дуинг бизнис“, Македонија шеста во Европа, 12-та во светот од 189 земји. Македонија три позиции погоре во Извештајот за конкурентност на Светскиот економски форум.
Странските компании продолжуваат да влегуваат во Македонија, и покрај тоа што земјата се соочува со политичка криза. Токму поради неа, трендот на економски раст според експертите губи еден процентен поен, но сепак, економијата продолжува да стои на здрави нозе. Капиталните инвестиции продолжуваат и се на највисоко ниво, индустриското производство расте, се инвестира на секое поле во државата.
Американската Делфај одлучи да инвестира во зоната во Скопје и да вработи 500 луѓе. По успехот во Штип, Џонсон Контролс објави дека отвора нов капацитет во Струмица која ќе отвори 1.500 нови работни места. Германски Костал официјално почна со инвестицијата од 50 милиони евра и со првите од 1.000 вработувања кои треба да ги оствари.
Американската Ки Сејфти Системс започна со градба на својот објект во Кичево, а треба да ја заврши градбата до јуни 2016-та. Почна со работа и италијанската Диатек Макдиа, со која треба да се вработат 200 луѓе. Техникал Текстајл во Штип ја изгради фабриката во која треба да се вработат вкупно 1.000 луѓе.
Технохозе ја реализираше својата втора инвестиција во зоната во Скопје каде ги започна вработувањата, а Гентерм е во напредна фаза на градба на својата фабрика во Прилеп. Со план за нови 3.000 работни места во Тетово е инвестицијата од 15 милиони евра на американската корпорација Леар.
Германски Маркард ја заврши инвестицијата во Велес вредна 35 милиони евра, во новиот капацитет ќе се вработат 600 луѓе а планираат и проширување на капацитетите. Холандската компанија Антура го отвори својот нов капацитет во Кочани, со план за 300 вработувања.
Германски Акомпласт објави дека во јануари почнува изградба на фабриката, а почеток на производството се очекува во април-мај 2016 година. Американски Капкон во Скопје ја отвори новата фабрика за инфлатори за воздушни перничиња со која ќе бидат отворени вкупно 400 работни места.
Во привремениот објект започна со работа втората фабрика на Амфенол во Кочани, со што се вработија 650 лица, а по финширањето на инвестиционите дивизии нивната намера е да дојдат до 3.500 вработувања. Италијански Кондево инвестира околу 30 милиони евра и гради објект кој треба да вработи над 280 невработени, а истовремено се гради и новата фабрика на германската компанија ОДВ Електрик, која ќе се изгради до јуни 2016та, и ќе се вработат 1000 невработени од Охрид и Струга. Се потпиша и договорот со Монтанте груп од Италија, со кој ќе се вработат 400 лица.
Во истовреме, за прв пат две домашни компании- добавувачи на познати светски брендови, објавија дека ќе инвестираат во Технолошко индустриските развојни зони. Станува збор за компанијата Хај- Тек и компанијата ТТ Плус кои заедно треба да вработат 500 невработени лица.
Се градат или се најавени слободни економски зони во сите региони од државата.
Се реализира проектот за трансформација на работниот однос во јавните институции. Продолжува проектот за изградба на социјални станови, а отпишани се над 30 милиони евра долгови на социјално ранливите категории.
Владата овозможи бесплатни проекти за градба на типски куќи со кои граѓаните ќе заштедат од 1.000 до 2.000 евра.
Се обновува железничкиот возен парк. Пристигна нов електромоторен воз на Македонски железници.
Се зголемуваат земјоделските субвенции, се инвестира во водоводни системи и нова механизација.
Продолжува зголемувањето на пензиите. Околу 300.000 пензионери го добија ветеното зголемување од 621 денар- најавено ново за 2016.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Уште сме на почетокот: Проблемите во економијата ќе продолжат да се продлабочуваат
-
Мерките на владата поразителни: Лелеци во текстилната и кожарската индустрија која вработува 40.000 луѓе
-
Ќе одите на одмор во Грција? Еве какви се цените…
-
ВМРО-ДПМНЕ: Економските политики на Владата се покажаа како погубни за македонската економија и бизнис секторот