По вокација е агроном, нема ликовно образование, но љубовта кон сликањето, особено кон цвеќињата, му стана животна определба. „Цвеќето на мирот“, како што ги нарекува Живко Поповски своите дела, се наоѓаат на сите континенти. Тие ги украсуваат домовите на истакнати политичари, холивудски актери, музичари, хуманисти… Од неодамна Живко Поповски почна со проектот „Цветна патека на мирот“.
Вашето „Цвеќе на мирот“ се наоѓа на сите континенти. Досега сте подариле слики на многу политичари, актери, поети, државници, музички ѕвезди. Какви се реакциите на познатите личности кога им ги подарувате? Раскажете ни некоја интересна случка или, евентуално, која средба со некоја личност Ви оставила најголем впечаток?
ПОПОВСКИ: Сите средби на некој начин оставиле поединечен впечаток. Како мошне пријатни ги паметам средбите на „Струшки вечери на поезијата“ со рускиот поет Генадиј Ајги и со српската поетеса Десанка Максимовиќ, кои ми посветија песни. Кога Реј Чарлс гостуваше на „Скопскиот џез-фестивал“ му подарив слика и таа средба беше многу впечатлива бидејќи Реј со големо одушевување и на изненадување на сите изговори: „Фала“. Исклучително ми е искуството со Садам Хусеин. Подарив слики на сите земји-членки на ОН на самитот во Белград. Според протоколот, од Ирак требаше да дојде Садам Хусеин. Јас ја адресирав мојата слика до него. Место него дојде Тарик Азиз, неговиот заменик, кој потоа му ја предал на Хусеин. По неколку месеци од ирачката амбасада во Белград ми се јавија дека Садам Хусеин за мене како возвратен подарок испратил персиски килим. Бев мошне изненаден, но побарав да ми го испратат. Килимот не е голем, има димензии еден метар и триесет на седумдесет сантиметри и на него е претставен симболот на Ирак: вавилонски бик со харфа. Мои дела имаат и Бутрос Гали, Кофи Анан…Од актерите Ричард Гир има моја слика и беше одушевен од мојата работа. На мојата изложба на самитот на Обединетите нации во Белград присуствуваа Наџибулах, тогашниот претседател на Авганистан и Кенет Каунда. И тие имаат моја слика во нивните домови. Списокот е огромен, но и сеќавањата се бесценети.
„Цвеќето на мирот“ во текот на изминативе години стана препознатливо име. Како дојде до тоа? Како се создаваше „Цвеќето на мирот“ низ годиниве?
ПОПОВСКИ: Почетоците на „Цвеќето на мирот“ се одвиваа во 1984 година кога по некоја случајност од едно дрво што од „Паркови и зеленило“ го кастреа во близина на куќата на Мајка Тереза побарав да ми дадат една гранка за од неа да насликам 39 слики, кои ги поврзав како таписерија. Секаде каде што патував наоѓав цвеќиња, кои постојано ги сликав и многу брзо ја надминав бројката од 39. Веќе имав 500 цртежи. Набргу почнав да ги подарувам, а меѓу првите што добија слика од мене беа: Мајка Тереза, Перез Декуељар, Индира Ганди, која тогаш претседаваше со Неврзаното движење, Вили Брант – добитник на Нобеловата награда за мир, Сандро Пертини, тогашниот претседател на Италија и многу други значајни личности. Од сите личности што ги споменав добив писма со кои ми се заблагодарија, ме поддржаа во идејата и ме поттикнаа да продолжам. Во 1985 година подарив 160 слики за секоја земја-членка на Обединетите нации. Оттаму добив мошне позитивни реакции и оттогаш моите цвеќиња по кои сум препознатлив почнаа да се викаат „Цвеќиња на мирот“.
Неодамна одбележавте значаен јубилеј, 30 години од Вашето творештво, со голема изложба во Музејот на македонската борба. Како помина изложбата? Задоволни ли сте од одгласите и од критиките?
ПОПОВСКИ: Впечатоците од изложбата се импресивни. Изложив 30 слики работени во маслена техника на платно и на хартија и акрил со шпакла, главно, на хартија. Значајно е тоа што на оваа изложба ја изложив и 31. Слика, која е долга илјада и еден метар. Сликата е работена годинава, симболично ја почнав на празникот Цветници, бидејќи сликам цвеќиња. Оваа нјадолга слика ја работев на Машинскиот факултет во лабораторија бидејќи таму имав можност да работам на две нивоа, зашто за изработката на ова дело беше потребен голем простор. Ми беа потребни по седум-осум метри да насликам во текот на денот, па навечер тие се сушеа, и следниот ден продолжував и така стигнав до илјада и еден метар „Цветна патека на мирот“.
Всушност, Вашето најново дело е токму оваа „Цветна патека на мирот“. Имаше најави дека со неа ќе конкурирате за Гинисов рекорд. Кажете ни до каде е тој проект?
ПОПОВСКИ: Во подготовка е апликацијата. Конкурирањето не е врзано со одреден датум или време кога ќе биде пријавена „Цветната патека на мирот“ за Гинисов рекорд. Едноставно, мислам дека досега никој нема изработено нешто вакво, а особено што темата е универзална. Проектот беше промовиран одвреме-навреме, и на етапи, како што се завршуваа деловите, и предизвика големо интересирање кај посетителите на изложбите.
Разговараше: Невена Поповска
(Текст објавен во 175. број на неделникот „Република“, 8.01.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.