„Им предложив на моите политички опоненти: Престанете да лажете за мене, а јас за возврат ќе престанам да ја кажувам вистината за вас!“ Ви звучи ли соодветно на нашата политичка сцена? Сепак, ова не е логичниот предлог на ВМРО-ДПМНЕ до СДСМ. Историјата се повторува во различни држави во различно време, па така, и по 63 години оваа мисла на Адлај Стивенсон од кампањата во САД во далечната 1952 година денеска има голема смисла во Македонија. Башка, толку парадоксално – вистината за дел од опозициските челници е сврзана со многу лаги, ем докажани. Најголемиот дел се самодемантирања, така што, дефинитивно, немаат ни кого друг да обвинат. А да, тука секогаш се „непријателските“ медиуми, кои постојано се дрзнуваат да пишуваат за лагите.
Логиката е едноставна: кажувате нелогична и тешка лага, потоа експресно и неумесно се самодемантирате, за да на крајот да ви бидат виновни медиумите што пишувале за вас?! Толку ретрокомунистички. Најубаво би ви било тие да не постојат, што најверојатно и го планирате во случај на преземање на власта. Некогаш во иднина, нели. Да ја вратите „убавината“ на живеењето од почетокот на 90-тите, социјално, идентитетски, економски, медиумски. Убавини, нели. Невработеноста не е битна, и онака во Македонија нема невработени социјалдемократи – сите тие про боно работат против својата држава, се шегуваат на социјалните мрежи. Проблемот е во парадоксот што нивните челници, идеолози и стратези тоа солено го наплаќаат. Но, сметките се чудна работа. Не се секогаш логични. Следната сметка се полага на 24 април. Стотина денови ги делат оние најзадолжените до отчетот. Испитувањата на јавното мислење, четврто по ред (па дури и она петтото српско фингирано и добро наплатено), ја разголуваа причината за сѐ понагласените симптоми на изборофобија на „Павел Шатев“. Опциите што им стојат на располагање се две: или на избори, или повторно бојкот. А тој бојкот би значел непочитување на толку саканата ЕУ, на САД и останатата меѓународна заедница. Дефинитивно, следува тешка година за СДСМ…
Кој на друг пуч му подготвува, сам во него паѓа…
Уште нешто им се удри од глава. Да, од истата глава која лажеше во Израел, во Словенија, во Македонија… „Тик-так, тик-так…“ беше омилената ономатопеја на лидерот со која ги најавуваше своите бомби. Сега, по бламирањето со незаконски и со неетички материјали кои му експлодираа в скут, со истата ономатопеја конкурентите за тронот го плашат лидерот во СДСМ. А им должи на многумина. Оние што беа отсечени од партијата и дистанцирани како неподобни, сега ги тријат рацете и му подготвуваат уште една негова омилена дејност: пуч. Но, на партиски конгрес и легално, за разлика од неговиот. Именувањето е само симбол на падот што следува, но ја содржи и шегобијноста за резултатот на пучот што тој го планираше. „Ќе падне за три дена“ ќе стане реченица која ќе се обвистини во падот на творецот на истата.
Катица ги врати пучистите дома, но нејзиното второ чудо треба да донесе победа. Беатификацијата е обезбедена, но за да стане светица за социјалдемократите, очигледно, ќе треба да се прекрсти во Мерлин. Не босанскиот, британскиот нели…
Неминовноста на поразот на избори наметнува и најава за смена на Заев. Опстанокот на лидерската позиција изгледа како пуста желба и марксистичка утопија. Но, за разлика од досегашната практика, очекувањата се дека овојпат Шеќеринска нема да куртули од пучот на незадоволниците. Посебно Шилегов и дузина други заевисти или шеќеристи. Затоа, како и името на овие вторите поддржувачи, изгледа смешно и патетично секојдневното прашање на соросоидните медиуми, кои се многу заинтересирани кој ќе го заменел премиерот Груевски кога тој самоволно ќе се повлече од функцијата премиер. Проблемот е во фактот, што, кој и да биде, сите знаеме кој ќе биде премиер по изборите на 24 април, т.е. кој ќе ја води владата до далечната 2019 година. Вистинското прашање, а и пологичното е, кој ќе го замени Заев? Кандидати има многу, но сите нив ги чека многу, многу работа за да ја оправат партијата и да ја вратат на вистинскиот колосек. Со напливот на заевизам, нов правец во светските политички читанки кој го означува најочајничкото и најбескрупулозно ниво на дејствување на еден политичар, СДСМ сериозно аполитички забега во мамење, манипулирање и во криминални афери. Во оваа македонска партија има сѐ освен политика. За враќање од мртвите, или во овој случај од лагите, ќе им треба конкретен и целосен ремонт. А старите велат дека стара куќа е подобро да се сруши отколку да се реновира, затоа со добра обнова чини „ѓавол и пол“. Подобро е да се изгради нова на здрави темели. Исто е и во политиката. Можеби ремонтот и нема да биде потребен?
Новогодишна сказна: Министерка-скржавец, министер Дедо Мраз?!
Ако денот по утрото се познава, нѐ очекува долга година, или барем долги четири месеци, нели. Македонското утро започна со отсуството на министерката Ременски, која не само што не се појави кај првото бебе и ја прекрши востановената традиција, туку технички испадна скржавец за еден златник и некој ситен денар. Да, можеше да се вади дека тоа е поради партиски причини – градскиот татко и министерот за образование не ѝ се добро друштво, но затоа, исто така, можеше да дојде во друг, сопствен термин. Од друга страна, можеби бериќетот за сите други во државата испадна зијан за министерката – па три златника наместо еден ѝ се видоа премногу?!
Истовремено, човекот што два дена порано го унапреди сопругот на истата министерка за цели четири скалила, се занимаваше со што друго ако не со најави за нови незаконски, нелогични и неаргументирани смени на полициски челници во државата. Како ја заврши годината, така ја почна и другата, наградувајќи партиски послушници. Спасовски пред и по Нова година ја презеде улогата на Дедо Мраз за испостениот сдсмовски кадар, кој десет години чека унапредување поради партиски, а не поради професионални квалитети. Верувале или не: скржавец и Дедо Мраз, ликови како излезени од новогодишните сказни со кои телевизиите го окупираа етерот деновиве.
И двајцата ја отворија Пандорината кутија: ако вака работи како технички министер, не дај Боже да замислиме какви сѐ социјалдемократски перестројки би доживеале вработените во јавните и во државните служби за време на вистински министри од СДСМ? Ако Ременски им крати златник на бебињата, што ќе биде со земјоделците, со социјалците, со пензионерите? Најболно е што ова требаше да биде ударот на најизвиканите од СДСМ во новата година?! Србите, дефинитивно, треба итно да им ги вратат парите за стратегијата.
Додовска: Наследената ароганција ги одделува од реалноста
„Концептот за победа на избори по легален пат за СДСМ е комплетно промашен поради неколку мошне очигледни причини“, вели доц. д-р Иванка Додовска од Правниот факултет во Скопје, „првенствено поради тоа што конформизмот и ароганцијата што ја наследија од своите претходници ги доведе во ситуација на неприфаќање на воочливата реалност, т.е. дека власта произлегува од граѓаните и само тие се меродавни кога станува збор за тоа кој ќе биде на власт“.
„Понатаму“, продолжува Додовска, „длабоката безидејност во однос на стратешките приоритети за Република Македонија ги доведе протагонистите на левицата во ќорсокак од кој никако не можат да излезат, бидејќи не знаат која е причината поради која дејствуваат на политички план. Таму постои само една јасна цел, а таа е владеење без избори, безусловно богатење и спроведување на реваншизам на сите неистомисленици без оглед на тоа дали станува збор за идеолошки припадници или за идеолошки противници. Доказ за тоа што го говорам се, секако, примерите што ги видовме во текот на целата измината година, почнувајќи од обидот за создавање на вештачка политичка криза со помош на нелегални дејства, понатаму, нетранспарентното и крајно недолично однесување на лидерот на СДСМ, Зоран Заев за време на кумановските настани во мај 2015 година, па сѐ до искажувањето на нелојалност кон државната безбедност со актот на изнесување на дел од разговараното за време на Советот за безбедност под раководство на претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, во проширен состав, од страна на истиот Заев. Сите тие индикатори, проследени со низа други кои досегаат до ден-денес, говорат во прилог на констатацијата дека во Македонија левата опција функционира како еден страшно лошо наштиман оркестар во кој индивидуата е комплетно маргинализирана, а добрите идеи се отфрлени, при што сосема е логично да заклучиме дека без оглед дали ќе го почитува договореното од Пржино и оттаму ќе излезе на претстојните предвремени парламентарни избори или не, СДСМ е дефинитивно во комплетна дефанзива која полека ја убива оваа политичка номенклатура пред очите на целата македонска јавност“.
Пандов: Сеир со амбисот во кој паѓа СДСМ
По 2015 година, политички гледано највозбудливата година во поновата македонска историја, еве, дојде и 2016 година, вели аналитичарот Александар Пандов, година која за него е време во кое политичките чинители ќе мораат да поднесат извештаи за сработеното и тоа пред врховниот владетел на македонската држава, неговото величество, НАРОДОТ!
ПАНДОВ: Па така, политичарите ќе треба да одговорат кој и колку придонел да се намали невработеноста, да се подобри здравствениот систем, социјалната заштита, инфраструктурата, платите, пензиите и најважното, колку се борел секој за сигурноста и за безбедноста на својот народ и за својата држава. Со оглед на тоа што македонскиот народ премногу добро ја разбира политиката, неговото мислење веќе се гледа преку анкетите кои еднаш месечно можеме да ги видиме. И нормално, во нив гледаме дека рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ е ист како и пред 2015 година и бомбите на Заев, а поддршката што ја има СДСМ е во континуиран пад. Сигурен сум дека тој тренд, со оглед на аферите што секојдневно ги прават Заев и СДСМ, дополнително ќе се намалува и тврдам дека на изборите на 24 април СДСМ ќе има историски најслаб резултат. Бељата по нив би била уште поголема ако се дрзнат и ги бојкотираат изборите. И во двете сценарија за нив од егзистенцијална гледна точка е час поскоро да го шутнат Заев и целата примитивна политичка група околу него. Секако, за нив е и многу важно да успеат да се надминат себеси и да се откачат од канџите на соросовите и од странските платеници, кои во моментов функционираат како нивни сијамски близнак. Ако го направат тоа поскоро, можеби и ќе има некаква шанса за таа партија. Да бидам искрен, многу ми е чудно што досега не се појави некоја посериозна партија во политичкиот лев сектор, но ако се пролонгира оваа апатија во СДСМ на чело со Заев, Шеќеринска и со Шилегов, до толку се создаваат поголеми услови за раѓање на нов сериозен политички субјект на македонската левица. Дотогаш ни останува да си гледаме сеир во амбисот во кој паѓа СДСМ.
Пишува: Љупчо Цветановски
(Текст објавен во 175. број на неделникот „Република“, 8.01.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.