Со премиерна изведба на операта „Хофманови приказни“ од Жак Офенбах во режија на Урсула Хорнер на 9 мај се отвораат 41. Мајски оперски вечери. Во главната улога е мецосопранот Ирена Кавкалевска, а учествуват хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на
МОБ, под диригентско водство на Алесандро Дaгостини од Италија.
На програмата на фестивалот оваа година се вкупно седум дела, пет опери и еден балет.
Оваа година МОБ ќе понуди проект со кој ќе се оствари соединување на актерската игра и музиката преку креирање вечерна програма составена во два дела, каде што на публиката ќе ѝ се претстави современ концепт на сценска уметност, несекојдневен за домашните програми.
Во првиот дел се изведува монодрама „Сечилото на тишината“, а потоа следува рецитал со програма која ги содржи најпознатите дела од композиторот Георг Фридрих Хендел со настап на контратенорот Луиџи Скифано од Италија и квинтет состав од МОБ.
На 13 мај е предвиденa балетската претстава „Дон Кихот“од Лудвиг Минкус со гости од Куба и од Италија во главните улоги.
Со три опери на Џузепе Верди ќе бидат одбележани 200 години од неговото раѓање. „Травијата“ ќе биде биде изведена на 18 мај, операта„Атила“ е најавена за 22 мај, а за затворањето на Мајските вечери и годинава – „Аида“ на 31 мај.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.