Посебно задоволство на „Аквапарк-фест“ ќе биде и настапот на еден од најзначајните композитори, продуценти и диџеи на балканската електросцена – Кирил Џајковски, чие име го додаваме на веќе потврдените артисти на фестивалот.
Покрај успешната концертна сезона, претходната година Џајковски ја одбележа работејќи и на реализацијата на музиката за македонските филмови „Трето полувреме“ и „Балканот не е мртов“, но и со објавувањето на новото ЕП со шест композиции.
Незаборавната завршница на 2012 година, сепак, беше настапот во Скопје на „Таксират 14“, кој публиката го оцени како еден од најдобрите настапи на Џајковски досега, по што со истото темпо тој ја продолжи и 2013 година потврдувајќи ги гостувањата на најголемите европски музички настани. Сето тоа го прави нашето задоволство уште поголемо затоа што и годинава домашната публика ќе има можност да ужива во магијата на концертните настапи на Џајковски и тоа токму на „Аквапарк-фест“.
Кирил Џајковски во февруари годинава го претстави и новото ЕП, дел од новата фаза на македонскиот музички гениј – Hell Of A Road и прво од серијата изданија со кои ќе биде заокружена со долго очекуваниот нов албум. Ова најново остварување секако дека ќе имаме ексклузивна можност да го чуеме во живо токму на концертот кој Кирил ќе го одржи во рамките на „Аквапарк-фест“, каде што, покрај стандардниот музички состав, негова придружба ќе бидат и извонредните ТК Вондер (TK Wonder) и Гето Прист (Ghetto Priest).
Дел од музичката програма на првото издание на „Аквапарк-фест“ се и регионаните миленици С.А.Р.С, артистите препознатливи по секогаш одличната забава на нивните концерти. Српскиот алтернативен бенд прерасна во едно од главните музички имиња на т.н. нова српска сцена. Една година по оформувањето, во 2006 година во Белград, групата ја објави првата песна „Буѓав Лебац“, која постигна неверојатна популарност во поранешниот југословенски регион и од тогаш не стивнува еуфоријата која бендот ја предизвикува со своите настапи. Овој успех важи за посебен феномен имајќи предвид дека стануваше збор за целосно анонимен бенд без финансиска поддршка и класична медиумска промоција. Во 2009 пристигна и С.А.Р.С. албумот и хит-сингловите како „Дебели лад“, „Ратујемо ти и ја“, „Ракија“, „Будим се“. Претходната година групата беше актуелна и со новиот албум „Перспектива“, а бендот во Македонија освои и „Златна бубамара“ наградата за најдобар балкански рок-албум. По стотици одржани концерти, С.А.Р.С. денес е еден од најбараните авторски бендови на овие простори и име кое е гаранција за одлична концертна журка.
Првото издание на „Аквапарк-фест“ го подготвуваме да биде посебно од повеќе аспекти и спакувано како исклучителен дводневен фестивал на отворено, кој ќе се одржи на 24 и 25 мај во Пробиштип. Главни ѕвезди на фестивалот ќе бидат несомнено водечките музички имиња и претставници на различни музички стилови, како веќе претходно потврдените: Марк Најт, Санери Џејмс и Рајан Марчиано, Суперхикс, Фолтин, Конкуеринг Лајон.
„Аквапарк-фест“ ќе се одржи на просторот на првиот аквапаркот во Македонија, лоциран во Пробиштип. Овој простор од 18.000 квадратни метри нуди идеални услови за одржување масовен музички настан на самото подножје на преубавите Осоговски Планини. Фестивалскиот простор, покрај фестивалските бини и аквапаркот со различните водени атракции што ги нуди, е опремен и со посебен простор за кампување, спортски терени, богата понуда на разновидна храна, повеќе посебно организирани делови за многуте забавни содржини на фестивалот, а сето тоа гарантира несекојдневна можност за повеќедневна забава под отворено небо. Подгответе се за одлична забава со интензивна дневна програма, извонредно искуство со најдоброто од современата музичка сцена и сет-листи за целовечерно лудување и многу насмевки.
Влезниците за „Аквапарк-фест“ ќе бидат достапни во продажба по промотивна цена од:
700 денари за фестивалска влезница (во која е вклучен бесплатен простор за кампување и бесплатно користење на аквапаркот и водените атракции за двата дена од одржување на фестивалот) и 400 денари за еднодневна влезница (во која е вклучено бесплатно користење на аквапаркот и водени атракции за денот за кој ја купувате влезницата).
Промотивните билети ќе се продаваат во ограничен број, а ќе можат да се купат во продажните салони на Оне, „Офис плус“ и продажната мрежа на „МКТикетс“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.